Во духот на досегашната плодотворна соработка и заедничката грижа за зачувување на бесценетото духовно и културно наследство на нашите свети обители, денес во посета на Бигорскиот манастир пристигна почитуваниот директор на НУ Национален конзерваторски центар – Скопје, г. м-р Александар Јорданоски, заедно со д-р Јехона Спахиу Јанчевска, историчар на уметноста и советник конзерватор, како и г-ѓа Весна Илиевска, државен советник за правни работи во Министерството за култура и туризам.
Ценетите гости беа срдечно пречекани од нашиот возљубен Старец и игумен, Неговото Преосвештенство, епископот Антаниски г. Партениј, со кого во пријатна и конструктивна атмосфера разговараа за натамошното продлабочување на меѓусебната соработка и за можностите за реализација на нови проекти од областа на заштитата, конзервацијата и реставрацијата на богатото црковно наследство. Присуството на претставници од Националниот конзерваторски центар и од Министерството за култура и туризам даде дополнително значење на средбата, овозможувајќи пошироко разгледување на стручните, правните и институционалните аспекти на идните заштитни зафати.
Особено внимание беше посветено на потребата од стручна конзервација и реставрација на вредните икони од Бигорската ризница, како и на можностите за идни заштитни зафати на величествениот манастирски иконостас – едно од најзначајните ремек-дела на православната резбарска уметност и непроценливо сведоштво за духовниот и уметничкиот гениј на нашите предци. Во таа насока, беа разгледани можностите за натамошна координација и институционална поддршка, со цел овие драгоцени светињи да бидат соодветно заштитени и зачувани во својата изворна убавина и автентичност.
Средбата претставуваше продолжение на веќе воспоставената успешна соработка со Националниот конзерваторски центар, особено потврдена преку неодамна завршената конзервација и реставрација на четирите скапоцени литијни крстови од Бигорската ризница, дело на прочуените зографи Михаил и Даниил од Самарина, како и преку започнатите конзерваторски истражувања на други вредни икони од манастирската збирка.
По средбата во Бигорски, посетата продолжи и во нашиот женски манастир „Свети Георгиј Победоносец“ во Рајчица, каде што гостите имаа можност непосредно да се запознаат со тековните обновителни и градителски активности во оваа света обител. Нашиот Старец, владиката г. Партениј, ги запозна со досегашниот тек на возобновувањето на манастирскиот комплекс, со работите што се изведуваат во моментов, како и со понатамошните планови за неговото уредување и архитектонско заокружување. Притоа, гостите разгледаа и дел од богатото црковно-уметничко наследство на манастирот, при што беше укажано и на потребата од идни конзерваторски и реставраторски зафати за зачувување на одделни вредни елементи од внатрешното храмовно уредување. Особено интересен дел од посетата беше и разгледувањето на монашките работилници, каде што гостите се запознаа со благословеното творештво на сестринството – иконописната работилница, шнајдерница и изработката на архиерејски митри, како сведоштво за живото продолжување на црковните уметнички и занаетчиски традиции.
Нашиот Старец, епископот г. Партениј, изрази искрена благодарност до Националниот конзерваторски центар – Скопје, до неговото раководство и до целиот стручен тим, како и до Министерството за култура и туризам, за досегашната плодотворна соработка, професионалната посветеност и покажаната подготвеност за натамошни заеднички потфати во заштитата на нашето духовно и културно наследство. Особено беше нагласено значењето на одговорната и континуирана грижа за нашите светињи, кои не претставуваат само уметничко и историско богатство, туку и живо сведоштво за верата, молитвата и благочестивото творештво на минатите поколенија. Со надеж за нови заеднички потфати, останува нашата искрена желба ова драгоцено духовно и културно богатство, со Божја помош и со здружени напори, да биде грижливо сочувано, достојно обновувано и предадено на идните поколенија.































