Шеесет и пет години верност на Христа и Неговата Црква – срдечна честитка од Бигорски за протојереј-ставрофор отец Спасе Стефановски

Со чувства на искрена духовна радост, длабока почит и братска љубов, нашата Бигорска свештена обител се придружува кон честитките и благодарствените молитви по повод еден навистина редок и благословен јубилеј – шеесет и пет години од свештеничкото ракополагање на сепречесниот протојереј-ставрофор отец Спасе Стефановски, долгогодишен и заслужен пастир на Македонската православна црква – Охридска архиепископија.

По тој повод, со особена љубов и почит, нашиот возљубен Старец и игумен, епископот Антаниски г. Партениј, заедно со сето наше монашко братство, му упатува на почитуваниот отец Спасе најискрени честитки за овој величествен јубилеј и за заслуженото црковно признание, со срдечни молитвени желби за крепко здравје, духовна радост и уште многу благословени години во служба на Бога и Неговата света Црква.

Овој исклучителен јубилеј, кој сам по себе претставува едно цело животно сведоштво за верноста кон Бога и Неговата света Црква, беше одбележан и со достоинствен чин на благодарност и признание. Имено, Австралиско-сиднејската епархија на МПЦ – ОА, заедно со Македонската православна заедница за Мелбурн и Викторија, му оддаде заслужена почит на отец Спасе, врачувајќи му благодарствена плакета, писмени честитки и свет крст, како дар од Епархискиот управен одбор и симбол на неговото долгогодишно крстоносно служење.

Особената духовна вредност на овој јубилеј се огледува не само во долгите години свештенослужење, туку, пред сè, во верноста кон свештеничкиот призив, пожртвуваната пастирска грижа и љубовта кон довереното Христово стадо. Во текот на шест и пол децении, отец Спасе со ревност и смирение се вградувал во духовниот живот на нашиот народ во далечната Австралија, придонесувајќи за зачувувањето на православната вера, црковното единство и живата врска со духовните корени. Неговото долгогодишно служење останува светол пример за помладите поколенија свештенослужители и сведоштво дека најубавиот украс на свештенството се љубовта, смирението и верноста кон Бога и Неговиот народ.

Молитвено посакуваме Семилостивиот Господ, нашиот Спасител Исус Христос, и понатаму да го укрепува почитуваниот отец Спасе со Својата благодат, да му дарува душевен мир, телесно здравје и изобилство од духовни утехи, а неговите многугодишни пастирски трудови да останат благословен и плодоносен принос пред Божјиот Престол.

На многаја и благаја лета, сепречесен оче Спасе!