Светоста не е недостапна и во наше време

Слово на Неговото преосвештенство епископ Антаниски г. Партениј на споменот на светиот отец наш Нектариј Егински Чудотворец, изговорено во манастирот Рајчица, на 9/22 ноември, 25. недела по Педесетница


Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

Возљубени мои, денес светата Црква со голема радост го чествува споменот на светиот отец наш Нектариј Егински, Чудотворецот.[1] Неговото свештено тело почива на островот Егина, а честички од неговите мошти, по Божја промисла, се наоѓаат на повеќе места по светот. Според Божјо благоволение, и ние тука имаме дел од тоа осветено тело, фала Му на Господа и на Светиот, и се допираме до него, и тоа нѐ исцелува и нѐ благословува.

А токму денес во Евангелието чувме колку е важен допирот со вера до она што е божествено, до она што е осветено.[2] Евангелистот Лука ни раскажува за една жена којашто дванаесет години боледувала од крвотечение; сиот свој имот го потрошила по лекари и никој не можел да ја исцели. Но таа имала вера и си велела во себе: само да се допрам до Неговата облека, и ќе оздравам. По Христа, пак, вообичаено врвел многу, многу народ, и жената сметала дека е тешко да стапи во допир со Него. Ама се туркала, како и сите, и најпосле, заради нејзината голема вера, се допрела одзади до крајот на Неговата облека – и веднаш била исцелена. И Господ запрашал: Кој се допре до Мене? На учениците ова прашање им се чинело нелогично, па Петар и оние што биле со Него Му одговориле: Учителе, народот Те опколил и Те притиска, а прашуваш: ’Кој се допре до Мене?‘  Но Он одговарил: Некој се допре до Мене, зашто сетив дека излезе сила од Мене. Мнозина, значи, Го притискале, а само една личност вистински се допрела.

Видете, значи, не секој допир е ист: може да се допираме телесно, а да не примиме ништо, и може да се допреме со вера и да примиме сѐ. Не секогаш кога се допираме до иконите и до светите мошти добиваме благодатна сила; и тоа не затоа што тие не се осветени со Божествените енергии. И моштите и иконите секогаш ја имаат во себе Божествената благодат, но ние не секогаш можеме да нацрпиме од неа, поради нашата слаба вера.

Но како всушност се осветуваме сите ние? Се осветуваме преку благодатта Божја, којашто е несоздадена Божествена енергија. Благодатта, значи, не е нешто создадено, ниту нешто надвор од Бога: таа е енергија што ни доаѓа од Самиот Бог, тоа е Самиот Бог Кој ни се дава, а притоа по Својата суштина останува недостижен. Токму затоа и е можно да се приопштиме кон Бога и да се спасуваме. Благодатта е исцелителната помош што ни доаѓа од Господа; таа е онаа сила што излегуваше од Него и ги исцелуваше сите.

Тука се крие и една длабока вистина за нашето спасение. Бог дојде да ја спаси и материјата што ја создаде. Нашите тела се материјални, но Он дојде и нив да ги спаси, а не само нашите души, бидејќи човечката личност е сочинета од душа и од тело. Целосен е човекот само тогаш кога ќе му бидат осветени и душата и телото. Значи, невозможно е душата да се освети во текот на овој живот, доколку не се трудиме и со телесни подвизи. Треба, затоа, да постои хармонија помеѓу душата и телото за човекот да биде спасен и обожен. Така се труделе и светиите во овој живот: се спасувале преку божествените несоздадени енергии, со душата и со телото заедно. Затоа и нивните мошти станале извор на исцеление.

✻ ✻ ✻

Таков светител, чие тело и душа се осветени со благодатта Божја, е и светиот отец наш Нектариј Егински. Толкав чудотворец е, што дури велат дека е нов свети Николај. А свети Николај, знаете, е величествениот чудотворец, познат по целата вселена, и на Исток и на Запад; го слават и православните и римокатолиците, и сите прибегнуваат кон него. Црквата него го овенчала со епитетот Чудотворец; со истото име го овенча и свети Нектариј, којшто живеел речиси во наше време: се упокоил во дваесеттиот век, во 1920 година.

И тука е утехата за нас: гледате, светоста не е недостапна и во наше време. Светоста не е нешто што се случувало само во историјата, па да можеме само да се сеќаваме на светците од минатите, далечни времиња. Таа е возможна низ сите векови, и така ќе биде до крајот на светот: луѓето преку Божествените енергии ќе се соединуваат со Бога и ќе се спасуваат. Така се осветило и телото на свети Нектариј. Од неговото житие знаеме дека повеќе од дваесет години по упокојувањето тоа останало нетрулежно и благоухано. А потоа, бидејќи светителот е исцелител, Бог благоволил телото да му се разложи, та неговите мошти да можат да се разделат на многу делови и да стигнат до многумина, за исцеление и благослов.[3] Еден таков дел, слава Му на Господ, имаме и ние.

Затоа, браќа и сестри, да се трудиме, како жената од денешното Евангелие, со вера да се допираме до сѐ што е божествено, до сѐ што ни е оставено за наше спасение: до моштите на свети Нектариј и на сите светии, до иконите на Господ Исус Христос, на Пресвета Богородица и на Божјите угодници. Та со благословен допир да примаме исцеление и да го чуеме и ние она што го чу таа: Не бој се, ќерко, верата твоја те спаси; оди си со мир!

Амин.


[1] Споменот на свети Нектариј се празнува на 9 ноември по стар, односно на 22 ноември по нов стил. Светителот (во светот Анастасиј Кефалас) е роден на 1 октомври 1846 година во Силиврија, Источна Тракија; бил митрополит Пентаполски на Александриската патријаршија, а потоа основач и духовник на женскиот манастир „Света Троица“ на Егина. Се упокоил вечерта на 8 ноември 1920 година во Атина. Сп. Ἱερομ. Μακαρίου Σιμωνοπετρίτου, Νέος Συναξαριστὴς τῆς Ὀρθοδόξου Ἐκκλησίας, τ. 3 (Νοέμβριος), Ἀθῆναι: Ἴνδικτος, под 9 ноември.

[2] Лк. 8, 41–56 – евангелско четиво на 25. недела по Педесетница (седма недела по Лука); паралелни места: Мт. 9, 18–26; Мк. 5, 21–43.

[3] Преносот на светите мошти е извршен вечерта на 2 септември 1953 година, во манастирот „Света Троица“ на Егина, во присуство на митрополитот Идриски, Спецески и Егински Прокопиј; очевидците сведочат за силно благоухание. Споменот на преносот се празнува на 3 септември. Сп. Ἱερομ. Μακαρίου Σιμωνοπετρίτου, Νέος Συναξαριστής, τ. 1 (Σεπτέμβριος), под 3 септември.