Бигорски католикон
Како во секој манастир, изграден по подобие на градот Божји – Небесниот Ерусалим, така и овде, во Бигорскиот, средишното место го зазема соборниот храм, т.н. католикон. Тој бил изграден кон крајот на XVIII век, во еден посебен, автохтон архитектонски стил, што се среќава само во мијачката архитектура во време на Преродбата и кој бил условен од строгите ограничувањата што ги пропишувал тогашниот османлиски шеријатски закон. Иако според надворешната архитектура Бигорскиот католикон е скромна еднокуполна градба, сепак е еден од првите поголеми храмови во периодот после освојувањето на Турците-Османлии. Грандиозноста на храмот се должи на фактот, дека неговата изградба е одобрена со посебен ферман – дозвола од султанот. Дело е на мајстори-градители, копаничари и зографи од дебарскиот крај.
Византискиот стил на архитектурата на Бигорскиот храм побудува смирение, како однадвор, така и внатре. На влезот од храмот се наоѓа нартексот, украсен со мермерна преграда – трифора, која го затвора пристапот кон централниот дел на храмот и го исполнува просторот со необична тишина и полумрак. Затоа тука, во пригушената светлина на внатрешниот нартекс, луѓето ги обзема чувство како да се оддалечуваат од светот и световните грижи. Оваа светлина се зголемува како што се навлегува во централниот дел на храмот, особено за време на Божествената Литургија, кога обилно се излева во олтарот, постепено издигнувајќи го верникот од земното кон небесното. Ваквиот впечаток за присуството на небесното се засилува уште повеќе од трансцендентната убавина на фрескописот во црквата, кој низ своите ликовни прикази ни раскажува за животот и чесните страдања на Спасителот. Најпрво била фрескописана куполата, која е дело на непознат зограф. Во центарот на куполата е претставен Христос како Пантократор (Седржител), Кој постои без почеток и крај, полн со величие, милост и праведност. Со едната рака Тој благословува, испраќајки му ја на светот својата божествена благодат, а со другата го држи Светото Евангелие, благовестејќи му ја вистината на светот.
Во помалата купола, која била фрескописана околу 1866 год., е претставен ликот на Претечата, опкружен со сцени од Пронаоѓањето на неговата чесна глава. Со возобнувањето, пак, на манастирскиот живот, пополнета е и онаа празнина во фрескописот, која постоеше уште од самите почетоци на црквата. По долги години, во олтарниот дел, најпосле, беше фрескописана Мајката Божја – Поширока од небесата, која ги поврзува небото и земјата, опкружена со фреските на архиереите.
Игуменот Арсениј започнал со внатрешно уредување и декорација на црквата уште во 1810 год. Во долгата Бигорска историја тој ќе остане запаметен како наголемиот бигорски ктитор, најзаслужен за благолепието на храмот, со ангажирањето на иконописци и зографи, а особено со порачките и ангажирањето на најдобрите мијачки резбари, кои го направиле иконостасот, како и уметнички изработените владички и игуменски стол. Во тогаш новопроширениот храм, прв резбарски потфат бил балдахинот, изработен во Елбасан, Албанија, каде што мијачките копаничари имале своја резбарска работилница, а манастирот свои имоти. Во тоа време комуникацијата меѓу манастирот и Елбасан била мошне жива.
Балдахинот е уникатно резбарско дело, какво не може да се најде во ниту една друга црква. Тој, едноставно, лебди во воздух над Чесната Трпеза, прифатен со четири вериги. На секоја од четирите страни на балдахинот се вкомпонирани повеќе претстави од Светото Писмо. На челната страна од балдахинот се наоѓаат „Благовештение“ во централниот дел, „Гостољубие Авраамово“ лево и „Сретение Господово“ десно. На јужната страна највпечатлива е композицијата „Рождество Христово”. Северната страна е зафатена со композицијата „Отсекување на главата на Св. Јован“. Западната страна, пак, за разлика од другите , нема таква декорација.
Балдахинот е уникатно резбарско дело, какво не може да се најде во ниту една друга црква. Тој, едноставно, лебди во воздух над Чесната Трпеза, прифатен со четири вериги. На секоја од четирите страни на балдахинот се вкомпонирани повеќе претстави од Светото Писмо.
Сепак, најубавиот украс во црквата и она по што надалеку е познат овој храм, е секако прекрасниот и единствен од ваков вид во Православието – иконостас, врвно дело на мијачките копаничари, кои, по својата вештина на обработка на дрвото, останале ненадминати и до ден денес. Тоа се прочуените Петре Филиповски – Гарката од с. Гари, со својата тајфа и Макариј Фрчковски од Галичник. Тие ова монументално дело го завршиле за зачудувачки кратко време, од 1830 до 1835-та год. Во истиот тој период биле повикани и познатите зографи од Самарина, Михаил и неговиот син Димитриј, кој подоцна се замонашил овде и го добил името Даниил. Тие ги завршиле иконите на иконостасот, така што заедно со иконите, тој формира една целина, еден целосен приказ на Светото Писмо во резба.
Она што го прави единствен и неповторлив иконостасот, е употребата на човечката фигура. Тука мијачките копаничари ја покажале сета своја вештина, сместувајќи, на релативно мал простор, значителен број на сцени од Стариот и Новиот Завет. Овие сцени се прикажани на таков начин, што ни се пренесува драматичноста на целата ситуација, како да е жива и реална, како да се одвива пред нашите очи.
Резбаните правоаголни табли под престолните икони се најубавиот дел на иконостасот во Бигорски. На овие табли е потврдена виртуозноста на мијачките копаничари, нивната недостижност во резбарството. Тука, на овие простори, се претставени повеќе од петстотини човечки и околу двесте животински фигури.
Внатрешниот амбиент на манастирската црква е надополнет и со два стола: владичкиот и игуменскиот. И двата се дело на истите мајстори – резбари, што го изработиле иконостасот. Владичкиот стол е поставен во средишниот дел на црквата, до десниот столб, свртен со лице кон олтарот. Уште од поранешните периоди на христијанството, постоела тенденција тој да биде што побогато украсен. Таква била и желбата на игуменот Арсениј, па затоа столот е раскошно украсен со фигури на два ѓакони, а најдолу, врз основата на столот, лежат два лава со отворени челусти. Тие се секогаш под нозете на Бога, Кој ќе го уништи непријателот. Над седиштето на столот, во неговата внатрешност, поставена е икона на која е насликан Исус Христос, како седи на трон. Додека, пак, игуменскиот стол има идентично резбарско украсување како владичкиот, но за разлика од него, над седиштето е поставена икона на Богородица со Христос, а пред нив е претставен Св. Јован Претеча. Тука е насликан и самиот игумен Арсениј, во став приклонет кон нив, со свиток в раце.
Манастирските конаци
Горни Палат
Што се однесува пак до манастирските градби, тука архитектурата поминала низ повеќе промени. Манастирските конаци ги сочинувале неколку велелепни зданија. Комплексот згради на монашкиот конак, поставен веднаш до црквата, познат како Горни Палат, бил изграден во 1814 год. и е единствен по својата живописна архитектура. Највпечатливиот дел, кој му го дава духот на целиот конак, е вешто изработениот чардак, кој со надворешно издадени скали ги поврзува двата ката на конакот. Приземјето отпрвин го сочинувале просториите што служеле за економијата на манастирот (производство на кашкавал, сирење и др.). Подоцна, тие се пренаменети во магацински простории. На двата ката се распоредени монашките ќелии и пространите чардаци. Освен нив, тука се наоѓаат и заедничката соба за монасите – синодикон, канцелариските простории со архива, стоматолошка ординација и други помошни простории.
Горни Палат бил изграден во 1814 год. и е единствен по својата живописна архитектура. Највпечатливиот дел, кој му го дава духот на целиот конак, е вешто изработениот чардак, кој со надворешно издадени скали ги поврзува двата ката на конакот.
Особен и впечатлив белег на третиот кат од конакот оставаат некогашната игуменска соба и владичките одаи, сега пренаменети во манастирска канцеларија и архива, со нивната специфична еркерска конструкција. Така целиот конак, благодарение на својата архитектура, уникатна на овие простори, плени со својата архаична привлечност, што го стоплува срцето на поклоникот, будејќи му носталгија за минатото и желба за молитва и благодарност кон Бога.
Северо-западно од црквата се наоѓа конакот со трпезарии, кој бил граден од 1820 до 1825 година. Тука е сместена машката трпезарија и гостинскиот синодикон, а веднаш под нив се наоѓаат т.н. женската трпезарија и архондаричката приемна одаја. Пред трагичниот пожар, поранешната женска трпезарија беше преуредена во богата манастирска ризница, каде што беа изложени ретки икони од XVII, XVIII и XIX век, древни црковни предмети, фрагменти од резби, стари богослужбени одежди, стари крстови и други предмети со духовна и културно-историска вредност. Сега е во тек нејзиното возобновување и пренамена во синодикон за поголеми собири.
Во овој дел од конакот, со својот автентичен внатрешен амбиент најмногу восхитуваат машката трпезарија, големиот синодикон и архондаричката приемна одаја. Машката трпезарија, сè до пожарот, импресионираше, како со својата грандиозност, така и со прекрасно живописаните ѕидови и таваните украсени со познатата мијачка резба. Сега е целосно возобновена во својот поранешниот автентичен изглед. Веднаш до трпезаријата се наоѓа големиот синодикон, официјалната просторија на манастирот, која служи за приеми на големите манастирски празници. Таа е украсена со сцени од историјата на манастирот, дело на руските уметници Игор и Викторија Егорови од Санкт Петербург и ктиторска фреска, на која свети Јован Крстител и Јован Ктитор, Архиепископ Охридски, во рацете го држат манастирот. Архондарикот, пак, се одликува со прекрасни резбани тавани – розети и вградени, резбани детали по ѕидовите. Приемната архондаричка просторија е збогатена со колекција од портрети на старите игумени и видните духовници на манастирот. Оваа колекција беше изработена по нарачка на сегашниот игумен, Архимандрит Партениј, кој во знак на љубов и благодарност кон неговите претходници, посака да ги зачува нивните ликови за идните генерации, оддавајќи им достојна почит на оние, кои својот живот го вградиле во темелите на овој манастир. После пожарот и архондарикот го доби својот автентичен лик, при што беше возобновена и колекцијата на портрети.
Меѓу конакот со трпезарии и Горни Палат е сместена манастирска магерница (кујна), поврзана со пространа пекара на подолникот кат, којашто му дава една функционална целина на конакот. Денес магерницата е една целосно опремена и функционална просторија која најсоодветно ги исполнува барањата за прием и трпеза на сѐ поголемиот број на верници кои редовно ги посетуваат манастирските богослужби.
На 30 септември 2009 лето Господово, кога православната Црква го слави споменот на светите маченички Софија, Вера, Надеж и Љубов, Горни Палат го зафати силен пожар, кој предизвика голем пустош. Целосно изгореа сите простории со внатрешниот инвентар, а единствено што остана беа камените манастирски ѕидини.
Благодарение на големата пожртвуваност на братството и на присутните верници, беа спасени иконите и останатите експонати од манастирската ризница. Со енергичната и мошне пожртвувана заложба на игуменот, архимандрит Партениј, и неговите во Христа браќа, како и со несебичната помош на верниците, Горни Палат беше целосно возобновен и повторно го доби својот некогашен автентичен изглед и сјај.
Сејменска кула
Западно од црквата се наоѓал Момочкиот конак кој бил изграден во 1870 година, во времето на игуменот архимандрит Михаил (1870 – 1894), и бил наменет за сместување на манастирските помошници, т.н момоци. Поради непосредната близина на чешмите, приземјето на овој конак служело како пералница, а на катот се наоѓале просториите за живеење. Изгледот на конакот го карактеризирала впечатлива меѓукатна дрвена конструкција, којашто завршувала со доста издолжена стреа, правејќи конакот совршено да се вклопува во манастирскиот амбиент. Меѓутоа, во 60-те години од минатиот век, од непознати причини, конакот бил срушен и денес овде има пространо бетонско плато, кое на посетителот му го отвора видикот кон живописните планински селца, расфрлани низ падината од спротивната страна на Радика. Веднаш зад некогашниот Момочкиот конак се наоѓа Сејменската кула, каде што порано живееле манастирските чувари – сејмени. До спратот за живеење се доаѓало преку надворешни скали со мал издаден чардак и длабока стреа, кои и денес го оживуваат целосниот изглед на кулата. Денес, најгорниот кат од кулата е пренаменет во мал параклис посветен на светиот новомаченик Георгиј Кратовски, приземјето е столарска работилница, а во подземјето, пак, е сместена манастирската свеќоливница.
Денес, најгорниот кат од сејменската кула е пренаменет во мал параклис посветен на светиот новомаченик Георгиј Кратовски.
Костурница
Друга впечатлива градба која се наоѓа јужно од црквата е манастирската костурница, направена од зеленкав, делкан камен во 1827 год. Во неа се наоѓаат черепите на упокоените монаси, кои во периодот на комунизмот биле сокриени во земјата под подот на костурницата. Со возобнувањето на манастирскиот живот, веднаш по преосветувањето на соборниот манастирски храм, Бигорското братство на чудесен начин ги откри черепите, токму спроти денот во кој светата Црква прави молитвен спомен за упокоените. Врз некои од черепите е забележано името, местото на раѓање и денот на упокојување на монахот.
Долни Палат
Веднаш над влезот од манастирот постоел конак наречен Долни Палат, кој, за жал, изгорел во 1912 година. Стариот конак, заедно со другите конаци и градби, сочинувал една затворена целина, типична за манастирските обиталишта од видот на Светогорските манастири. Конакот се одликувал со посебна уметничка обработка на вратите и таваните, кои биле различни во секоја одаја. Овие богато уредени одаи се користеле за прием на гости. Долни палат бил дело на искусни мајстори од с. Луково – Струшки Дримкол, познати по вештата обработка на камен. Низ средишниот дел од приземјето на конакот, во вид на полукружна аркада, и денес минува манастирскиот влез, со препознатливите чешми во облик на змејови, како осебен украс на ова древно светилиште. Во 2006 година, со макотрпните заложби на игуменот Партениј и Бигорското братство, не само што целосно се возобнови гостинскиот конак, туку и се надгради со уште еден кат, во којшто се устрои и прекрасен параклис посветен на светото Благовештение, владичка и игуменската одаја, раскошен затворен чардак, како и простран отворен чардак со восхитувачки поглед. Внатрешноста на Долни Палат е целосно во духот на автентичниот манастирски амбиент.
Во 2006 година, со макотрпните заложби на игуменот Партениј и Бигорското братство, не само што целосно се возобнови гостинскиот конак, туку и се надгради со уште еден кат, во којшто се устрои и прекрасен параклис посветен на светото Благовештение, владичка и игуменската одаја, раскошен затворен чардак, како и простран отворен чардак со прекрасен поглед кон храмот и кон останатиот манастирски комплекс.
Источен Палат
Водени од своите напори да го збогатат благолепието на древното Бигорско светилиште, како и да одговорат на потребите од нови келии за зголеменото братство, игуменот и браќата на оваа свештена обител се посветија на изградба на уште еден монашки конак, наречен „Источен Палат“, со кој манастирот доби своја целина, по примерот на светогорските манастири. За таа цел, во 2007 година започна изградбата на голем бетонски потпорен ѕид во должина од 80 м. Веќе летото 2009 г. започна интензивното градење на новиот монашки конак, кој беше завршен до крајот на 2010 г. Овој конак со својата прекрасна архитектура во македонско-ромејски (византиски) стил, толку характеристичен за целиот манастирски комплекс, на чудесен начин го надополнува и збогатува раскошниот изглед на Бигорскиот манастир. Во новиот конак, покрај бројните монашки келии, сместен е и прекрасен параклис посветен на св. Николај Мирликиски Чудотворец, целосно живописан во стилот на византиското ѕидно сликарство, двокатната Бигорска книгохранителница, со посебен, архаичен изглед, манастирската кула (пирг), во која е сместен часовник со 8 камбани, како и зографско ателје и архива, дрвени чардаци, училница, игуменска одаја, магацински и други помошни простории.
Источен Палат ја крие и импозантната двокатна библиотека со својот специфичен ентериер и богатство над триесет илјади древни и нови книги, како и параклис на свети Николај Чудотворец Мирликиски. Од јужната страна на Источниот палат се издига прекрасната кула со часовник и манастирска зографилница на врвот.
Фијала
Во 2008 г. во јужниот дел од пространиот манастирски двор, се изгради засводена манастирска фијала (крстилница за вода), со чудесен архаичен изглед, кој хармонично се вклопува во целокупниот надворешен амбиент на Бигорската обител. Сводот на фијалата е целосно живописан во духот на византиската зографска традиција. Помеѓу сцените што заземаат простор во живописот, свое место си наоѓа и претставата со пронаоѓањето на чудотворната икона на св. Јован Крстител од страна на првиот ктитор, преподобниот Јован Дебарски, како и повеќе сцени од животот на нашиот Господ Исус Христос поврзани со водата, потоа претстава на „Живоносниот Источник“, „Ангел на Големиот Совет“, св. Јован Крстител, свв. Козма и Дамјан, свв. Климент и Наум Охридски, св. вмч. Георгиј Победоносец, св. вмч. Димитриј Мироточив, св. Николај Чудотворец и тн.
Возобновеното манастирско братство, со Божја помош, не само што успеа да му го врати поранешното благолепие на древното Бигорско светилиште, туку со голема љубов и усрдност се потруди и да го надгради, збогати и украси.
Бигорската агијазма
Значајна трага од отшелнички монашки живот во околината на Бигорскиот манастир е и испосницата, како и агијазмата (изворот на света вода), кои се наоѓаат во шумскиот појас под манастирот. Молитвите на монасите – подвижници ги осветиле овие места и толку Mу угодиле на Бога, што благодатта овде се излева и ден денес преку изворот со слатка вода во агијазмата. Секоја година на празникот Источен Петок – Балаклија, братството и верниците со торжествена литија се упатуваат од манастирот кон агијазмата посветна на Живоносниот Источник, каде што се осветува вода и оттаму, преку скитот на св. Серафим Саровски, се враќаат во манастирот, пеејќи божествени, воскресни песнопенија.