Под закрилата на Победоносецот – празнично евхаристиско славење во Рајчица

Со благодарни срца и духовна радост, денес, на празникот на Возобновувањето на храмот на светиот великомаченик Георгиј Победоносец во Лида Палестинска и преносот на неговите свети и чудотворни мошти, во народот познат како Ѓурѓиц, нашето монашко семејство уште еднаш се собра во молитвено славословие на Бога и во чест на славниот Христов страдалник и победоносец.

Во прекрасното светилиште на Победоносецот во Рајчица, каде што со особена љубов и благоговение се чува неговата чудотворна икона и дел од неговите свети мошти, нашиот возљубен старец и игумен, епископот Антаниски г. Партениј, отслужи Божествена Евхаристија, принесувајќи благодарствени молитви кон Господа за сите Негови добродетелства и за небесното застапништво на великиот Георгиј.

Во молитвената убавина на светата Литургија, исполнета со благолепие, умилно пеење и духовна радост, верните повторно ја почувствуваа силата на евхаристиското заедништво, кое ги соединува земното и небесното.

Истовремено, празничната радост се пренесе и во живописното реканско село Велебрдо, каде што, по благослов на нашиот Старец, еден од јеромонасите на бигорското братство отслужи света Божествена Литургија во стариот храм посветен на свети Георгиј Победоносец. Така, и ова древно светилиште, длабоко вкоренето во духовната историја на реканскиот крај, повторно одекна со евхаристиското славословие, сведочејќи дека верата на нашите предци и понатаму живее во молитвите на нивните потомци.

Особено трогателна е симболиката на денешниот празник: додека Црквата го чествува возобновувањето на храмот на свети Георгиј во древната Лида, ние сме повикани постојано да ги обновуваме и храмовите на нашите души, но и светилиштата што ни ги оставиле нашите благочестиви предци. Зашто секоја света Литургија е сведоштво дека Црквата живее, дека молитвата не замолкнува и дека Христовата светлина продолжува да ги озарува и оние места каде што времето оставило свои траги.

Нека светиот великомаченик Георгиј Победоносец, храбриот војник Христов и неуморниот застапник на верните, со своите молитви ги закрилува нашите обители, нашите семејства и сиот наш народ, дарувајќи ни крепост во искушенијата, непоколеблива вера и ревност за секое добро дело.

Свети великомаченику Георгије Победоносче, моли Го Бога за нас!