Свети Великомаченик Димитриј – сведок на кротката и животворна Христова сила

Има една тивка но силна победа што Црквата ја слави во Христовите маченици: срцето, допрено и разгорено од Божјата љубов, останува верно и тогаш кога му се одзема сè. Таква победа однесе денеска славениот Свети Великомаченик Димитриј мироточив Солунски. Неговиот спомен нè повикува да застанеме пред тајната на еден живот во кој Христос станал Повозљубен од секоја земна слава, Поскапоцен и од самиот здив. Во своето пофално слово, Свети Григориј Палама особено ја истакнува внатрешната убавина на Великомаченикот и неговата верност кон благодатта на Крштението. Мачеништвото ја запечатило таа претходна, скриена пред светот предаденост на Бога. Оттука, и нашето срце може да ја насети тајната на неговата храброст: човекот што се учи секојдневно да Му се доверува на Христа, во Него наоѓа поткрепа и за часот што самиот не би можел да го понесе. Колку ни е потребна токму таа тивка верност, која не бара да биде видена, а го подготвува срцето за секое искушение.

Прободен во ребрата, Свети Димитриј и во своето страдање станал подражател на Распнатиот Господ. Пред оваа икона на љубовта, молитвено ја принесуваме и сопствената ранетост. Го молиме Христа болката да не ни стане извор на огорченост, туку место на подлабока средба со Него; да ни даде сила да простиме, кога ни е најтешко, и да не го затвориме срцето пред ближниот кога самите имаме потреба од утеха. Така, во нашата немоќ, да се отвори простор за Неговата кротка и животворна сила.

Со љубов и и почит кон Мироточецот братството нашата Свештена Бигорска Обител, собрано околу својот духовен татко, Епископот г. Партениј, ги излеа своите молитви и прозби кон Бога, повикувајќи го застапништвото на великиот Св. Димитриј. Присуството на Великомаченикот беше особено силно преку неговите свети мошти од коишто делче се чува во нашиот свет манастир.