Најава за крводарителска акција во Бигорски – да даруваме крв, да подариме надеж

Возљубени браќа и сестри,

Во духот на христијанската љубов, милосрдието и грижата за ближниот, со благослов на нашиот Старец и игумен, епископот Антаниски г. Партениј, ве известуваме дека претстојната недела во нашата Бигорска Обител ќе се одржи крводарителска акција, во организација на Општинската организација на Црвен крст – Гостивар и Институтот за трансфузиона медицина.

📅 29 ноември 2026 година (недела)
⏰ Од 11:00 до 15:00 часот
📍 Бигорски Манастир

На самиот почеток од Божикниот пост, кога се подготвуваме за пречек на спасителното Рождество Христово, ни се дава уште една благословена можност нашата вера да ја преточиме во конкретно дело на љубовта. Зашто вистинската смисла на постот не се состои само во воздржувањето, туку пред сè во отворањето на нашето срце за Бога и за ближните, особено за оние на кои им е потребна нашата помош.

Дарувањето крв е благороден и несебичен чин на човекољубие, преку кој, дарувајќи нешто од себеси, можеме да спасиме нечиј живот, да ја ублажиме нечија болка и да внесеме надеж во нечие семејство. Можеби никогаш нема да го запознаеме оној кому сме му помогнале, но токму во тоа се огледува и убавината на нелицемерната љубов – да даруваме без да очекуваме возврат.

Затоа, нашето монашко братство од срце ги повикува сите што имаат можност да се приклучат кон ова хумано дело и заеднички да посведочиме дека љубовта е најсилна тогаш кога се пројавува преку делата на милосрдието.

Сите крводарители треба задолжително да понесат со себе документ за лична идентификација.

Нека ова благородно дело биде и наш скромен духовен дар во пресрет на Рождеството Христово, а себлагиот Бог нека ги благослови и укрепи сите што со отворено срце и добра волја даруваат дел од себеси за животот на својот ближен.

Дарувај крв – подари живот, разбуди надеж!