Собор на пофалба за Богомајката

Тајно лозје, откако Го израсна неораниот Грозд, Го носеше во прегратките како на гранки, и говореше: Ти си мојот Плод; Ти си мојот Живот, Ти си мојот Бог! Од Тебе дознав дека останувам она што бев и порано. Гледајќи дека печатот на Моето девство не е скршен, проповедам дека Ти си Словото Кое прими тело. Не го знам семето, а Те знам Тебе – Уништителот на распадливоста. Чиста сум, зашто Ти, откако мина низ мене, мојата утроба ја остави онаква каква што ја најде, гледајќи ја цела. Поради тоа, целото создание ликува со мене и ми вика: Радувај се Благодатна.

(Икос на празникот)

Нова радост, ново торжество, ново славење на Пречистата Богомајка и Родениот од Неа Богомладенец бликна денес во Бигорската Обител. Ете одново монашките души, заедно со својот возљубен Старец и владика Партениј, се собраа да излеат најтопла благодарност и да ѝ се поклонат на Онаа која во скромната Витлеемска пештера Го роди Богомладенецот Христос. Нејзиното бессемено зачнување се покажа нетлено, нејзиното девствено раѓање ја уништи клетвата на прамајката Ева. Неосквернетата нејзина утроба е надумна тајна што не го трпи нашето празно умување, но дозволува со срцата побожно да ја воспеваме. Радосно воскликнуваа Бигорските монаси и славословија Му принесуваа на роденото од Неа Дете – Предвечниот Бог, Кој во времето влезе за спасението наше да го изврши. Ја величаме силата на Бога заради нас Воплотениот; со синовска љубов го целиваме образот на Онаа што од сета Вселена е восфалена, скрушено пеејќи ѝ: За нас би било полесно и побезбедно со стравопочит да молчиме, отколку со љубов грижливо да ти составуваме песни сложени.