Во првата недела по светата Педесетница, кога Црквата сè уште живее во светлината на слегувањето на Светиот Дух врз апостолите и во радоста на раѓањето на нејзиниот благодатен живот, нашата света вера нè воведува во големото и серадосно торжество на Сите Светии. Тоа е празник на целокупната света полнота на Црквата Христова, на сите Божји угодници од почетокот на светот па до денес: на знајните и незнајните, на прославените и сокриените, на оние чии имиња се запишани во црковните диптиси, но и на оние кои останале непознати за човечката историја, а вечно познати пред лицето Божјо.
Во оваа благодатна недела на Сите Светии, денес нашиот возљубен старец, Неговото преосвештенство епископот Антаниски г. Партениј, во сослужение со манастирските браќа јеромонаси и јероѓакони, отслужи света Божествена Евхаристија. Храмот беше исполнет со многуброен верен народ, кој со молитвено умиление и благодарност се причести од радоста на празникот и од благословот на светата Литургија.
По читањето на светото Евангелие, нашиот Старец им се обрати на присутните со вдахновено пастирско слово, во кое ја откри длабоката врска меѓу Педесетницата и денешниот празник. Светиите, како што нагласи тој, не се далечни и недостижни ликови од минатото, туку реален плод на Светиот Дух, сведоци дека човекот, кога ќе Му се предаде на Христа, може да стане живеалиште на Божјата благодат. Токму затоа Црквата веднаш по Педесетницата ги прославува сите светии, за да ни покаже дека слегувањето на Утешителот не останало само историски настан, туку станало живот, осветување и спасение за безброј души низ вековите. Со особена топлина Старецот потсети дека светоста не е надворешна слава, ниту човечка беспрекорност, туку љубовно прилепување кон Бога, жед за Светиот Дух и живот во Христа. Многумина од светите, рече тој, го поминале својот подвиг тивко и сокриено, без да бидат забележани од светот, но нивниот живот бил познат на Бога и станал благослов за целата Црква. Зашто секое срце што Му се предало на Господа, секој добродетелен и смирен живот, секоја љубов што се принесува без гласност и самопофалба, е веќе сведоштво за Царството Божјо. Особено силно одекна неговата мисла дека „светии се оние кои се вљубени во Христа“. Во таа љубов се содржи целата тајна на светоста. Оној што Го љуби Христа над сè, не ги љуби помалку своите ближни, туку токму тогаш започнува вистински да ги љуби. Зашто само кога Бог ќе стане темел на човековото срце, тогаш секоја друга љубов се очистува, се просветлува и се поставува на своето вистинско место.
По молитвите на сите светии, знајни и незнајни, Господ да ни дарува и нам вистинска желба за спасение, чиста љубов кон Него и смирен подвиг на осветување, та и нашиот живот да стане мало сведоштво за Неговата бескрајна светлина.
Амин































