Споменот и присуството на светиите Христови ги чувствуваме како небесна посета, како благодатен допир на вечноста во нашиот минлив живот. Но свети Јован Крстител… Тој е за Бигорски нешто уште повеќе! Тој не е само светителот кому му е посветен манастирот, ниту само небесен застапник на ова древно свето место. Тој е нашиот вечен домовладика, нашиот добар домаќин, нашиот милозлив отец и покровител, оној под чиј поглед повеќе од еден милениум живее, страда, воскреснува и Му се моли на Бога ова светилиште.
Голема е честа да имаш таков домаќин. Голема, но и обврзувачка.
Зашто оној кој живее во домот на Претечата е повикан деноноќно да го слуша неговиот глас: да ги израмнува патеките Господови најнапред во сопственото срце; да живее во покајание, во вистина, во слобода од суетата на светот и во непрестаен устрем кон Христа. Свети Јован целиот свој живот го претворил во еден единствен показ кон Господа – самиот да се намалува, за Христос да расте; самиот да исчезне од погледот на луѓето, за пред нив да остане само Јагнето Божјо.
Токму затоа секоја негова слава во Бигорски е нешто многу повеќе од годишно празнување. Таа е средба со Домаќинот. Таа е враќање кон изворот на нашиот монашки идентитет и кон повикот поради кој оваа Обител суштествува.
Со таква свест, со синовска благодарност и со онаа благоговејна ревност која не остава ништо да биде случајно или површно, нашиот возљубен старец и игумен, Неговото преосвештенство епископот Антаниски г. Партениј, и оваа година татковски се погрижи празникот на нашиот небесен заштитник да биде украсен со сето можно благолепие – не заради надворешниот сјај, туку за сè видливо да стане израз на внатрешната благодарност кон Чесниот Претеча. Храмот, богослужението, песнопението, гостопримството, секој подробен труд на братството – сè имаше една единствена цел: да се принесе најубавото на оној кој толку векови го чува својот Бигорски дом.
Уште од раните часови кон манастирот почнаа да се слеваат реки народ. Од сите краишта на нашата татковина, но и од соседните Албанија, Бугарија, Грција и Србија, пристигнуваа верници и поклоници, цели семејства, млади и возрасни, за да застанат пред чудотворниот образ на Претечата, да ги целиваат неговите свети мошти и да ја положат пред него својата благодарност, мака, молитва и надеж.
Во попладневните часови манастирските ѕвона торжествено го возвестија пристигнувањето на нашиот почитуван архиереј, Неговото високопреосвештенство митрополитот Дебарско-кичевски г. Георгиј, кого пред манастирските порти со чест и почит го пречекаа нашиот Старец, братството, свештенството и верниот народ.
И наскоро започна свештената ноќ.
Со празничното бдение молитвено претстоеше нашиот почитуван митрополитот г. Георгиј, а во сечесното богослужбено собрание, покрај бигорските свештенослужители, учество зедоа и протопрезвитерите Александар Димоски од Струга и Горан Ставрески од Охрид, презвитерите Павел Крцоски од Охрид, Христијан Костоски од Струга и Миле Ангелкоски од Дебар, јеромонасите Теодосиј и Игнатиј од манастирот „Свети Илија“ – Чардак, Скопје, како и протоѓаконот Николче Ѓурчиноски од Охрид. Богослужението, пак, со свештена достоинственост и посветеност го водеше нашиот собрат, архимандритот Доситеј, за кого оваа свештена вечер имаше и посебен личен печат: токму тогаш се навршија триесет години од неговиот монашки подвиг.
Бдението полека го оддалечуваше умот од сето земно. Како што часовите минуваа, времето како да ја губеше својата вообичаена мерка. Не се броеја повеќе часовите, туку псалмите, стихирите, молитвите, благодарностите; не се чувствуваше заморот, туку онаа чудна и успокојувачка радост што се раѓа кога човекот подолго ќе остане пред лицето Божјо и ќе заборави на себеси.
Особен украс на празничното бдение беше присуството на прекрасниот хор по источно-православно пеење „Свети Јован Кукузел“ од Тирана, дојден со благослов на Неговото блаженство, архиепископот на Тирана, Драч и на цела Албанија, г. г. Јован. Заедно со хорот при Бигорското братство, нашите драги гости не само што го исполнија Претечевиот храм со достоинственото и молитвено византиско псалмопение, туку како да му подарија на целото бдение една особена небоземна мекост и свечен сјај. Нивните гласови, воспитани во древното предание на источната црковна музика, се издигнуваа смирено, проникнато и благолепно, како благоухана кадилна жртва пред престолот Божји, внесувајќи во срцата на присутните умиление, благодарност и чувство дека православната молитва, кога е принесена со чистота и љубов, ги надминува сите граници и сите јазици.
И навистина, имаше нешто особено трогателно во оваа ноќ: кон еден ист светител, пред една иста света трпеза, од едно исто православно срце се издигнуваа химни на македонски, црковнословенски и албански јазик. Различни јазици, а една вера; различни гласови, а едно славословие; различни народи, а една Црква. И свети Јован, кој некогаш крај Јордан го повикуваше сиот народ кон едно покајание и кон еден Христос, како повторно да ги собираше сите околу себе, не според крв и јазик, туку според верата и љубовта кон Господа.
Но најголемата радост на оваа празнична ноќ допрва требаше да настапи.
По вечерниот вход и умилното пеење на древната химна „Светлино милна“, храмот како да се исполни со една поинаква тишина – тишина на очекување, на трепет, на нешто што не им припаѓа само на земјата и на сегашниот миг.
И додека хорот умилно ја излеваше пред Бога онаа позната стихира од Неделата на блудниот син – истото она покајно песнопение што се пее и при монашки потриг: „Прегратки татковски Ти отвори ми скоро; распуштено го потрошив сиот свој живот; кон богатство неисцрпно – кон Твојта милост пак копнеам; не презирај го бедново срце во часов, зашто, Господи, со умиление викам: против небото згрешив и пред Тебе“ – Старецот, со оној свој свештено длабок и сериозен лик, низ благодарствени солзи ги приведуваше своите три нови монашки рожби кон олтарот Господов. Во тој миг како да се соединија сите патишта: покајното враќање на синот кон Таткото, монашкото предавање на душата кон Христа и татковската љубов на духовниот отец, кој не ги водеше само до царските двери, туку ги принесуваше како жив дар пред милоста Божја.
Пред Бога, пред Богородица, пред свети Јован, пред архиерејот, пред старецот, братството и многубројниот верен народ застанаа нашите досегашни браќа: Стефан, Владимир и Јован.
Три христокопнежливи души кои не стасаа до тој миг одеднаш. Зад нив стоеја години живот во манастирот; денови и ноќи на послушание; падови и станувања; работа, молитва, борба со себеси; безброј мали отсекувања на сопствената волја што светот никогаш нема да ги забележи, но од кои всушност се гради монахот.
И во оваа свештена ноќ тие го изговорија своето одлучувачко „да“ на Христовиот повик, и од рацете на митрополитот г. Георгиј го примија светиот рамноангелски потстриг.
Ги оставија своите дотогашни имиња и, како знак на новото духовно раѓање и на новиот почеток во Христа, ги примија монашките имиња: Стефан стана Теодосиј, Владимир – Харитон, Јован – Никифор.
Три нови имиња беа впишани во многувековниот монашки поменик на Бигорски. Но тие имиња не беа избрани случајно. Теодосиј и Харитон го понесоа споменот на големите палестински отци и основачи на манастири – светите Теодосиј Велики и Харитон Исповедник – тие пустински светилници, преку кои некогаш Светата Земја се исполни со подвиг, молитва и ангелоподобен монашки живот. А сепак, тие имиња за Бигорски не се само далечен спомен од древната Палестина, туку и домашен, братски одѕив од сопствената историја: и овде, во оваа света Обител, некогаш имало монаси кои ги носеле тие благословени имиња. Името Никифор, пак, го носи споменот на светиот Константинополски патријарх Никифор, голем бранител на православната вера и силен молитвеник пред Бога, но и тоа име веќе еднаш било запишано во бигорската монашка памет. Така Старецот, со онаа своја тивка и длабока духовна промисла, посака овој пат новите имиња да не бидат само нов почеток, туку и продолжение – како од стариот бигорски поменик повторно да се разбудија гласови на некогашни монаси, за да им станат небесни сопатници на новородените браќа. Три човечки животи беа принесени на Бога. Три нови светилки беа запалени пред иконата на Претечата.
А монаштвото, всушност, е токму тоа: човек да Му дозволи на Бога да го земе целиот негов живот. Не бегство од светот затоа што светот е презрен, туку повлекување за целиот свет уште подлабоко да се прегрне со молитвата. Не отфрлање на човекот, туку ослободување на срцето од сè што го спречува вистински да љуби. Не презир кон животот, туку копнеж по неговата полнота. Монахот ја затвора зад себе вратата на многу можности, за да отвори една единствена – онаа што води кон целосно предавање на Христа. Тој станува човек на очекувањето. Човек кој со целиот свој живот вели дека овој свет, колку и да е убав, не е последната човекова татковина; дека постои Жених Кого душата Го очекува; дека постои Царство кое веќе започнало, но допрва треба да се открие во полнота.
И можеше ли да има поприродно место за едно такво раѓање од домот на свети Јован?
Оној кој живееше во пустината, кој немаше ништо свое, кој беше слободен од човечките пофалби, од стравот и од компромисот, кој целиот стана глас што Го објавува Христа – тој е еден од најсветлите првообрази на монашката душа. Затоа светиот Претеча со векови не е само патрон на манастирот, туку и учител на неговите монаси.
А зад секое вистинско монашко раѓање стои и една друга тајна: тајната на духовното татковство.
Новите монаси не се родија сами. Нивниот пат беше носен во срцето на нивниот Старец – со љубов како на мајка и татко, со молитва, со трпение, со укор кога бил потребен, со утеха кога силите ослабувале, со молчење кога зборовите би биле премногу, со непрестајна будност и грижа, за во нив да се изобрази Христос. Оти, за една монашка заедница Старецот не е просто управител, ниту само искусен советник. Тој е отец во најдлабоката духовна смисла на тој збор: оној кој прима една душа каква што е и ја носи во себе сè додека таа, преку благодатта Божја, не започне да го препознава своето вистинско лице во Христа.
Таков татко за своите монашки рожби е нашиот Старец, владиката Партениј – отец на отците, кој повеќе од три децении раѓа и воспитува души за монашкиот живот и со своето сопствено принесување покажува дека духовното татковство не е власт, туку распнување; не привилегија, туку непрестајно носење на другиот во срцето.
Затоа, кога тројцата нови монаси стоеја во своите нови монашки раса и схими пред Крстителот Господов, радоста на Старецот беше радост на татко кој гледа како неговите деца го прават својот слободен и зрел чекор кон Христа. А радоста на братството беше радост на едно семејство кое одеднаш стана побогато за тројца новородени браќа.
Теодосиј, Харитон и Никифор.
Нека ви е благословено новото раѓање во Христа, наши мили браќа!
Нека монашката риза никогаш не ви стане само облека, туку постојано потсетување на заветот на вашето срце. Послушанието нека ви стане слобода, смирението – сила, молитвата – дишење, а братот покрај вас – пат кон Христа. Да го чувате благословот на својот Старец како најскапоцено наследство и во неговата татковска љубов да го препознавате повикот на Оној заради Кого оставивте сè.
А ти, свети славен Пророче, Претечо и Крстителу Господов Јоване, најмил наш заштитнику и домаќину на ова светилиште, погледни милостиво кон своите нови монашки чеда. Закрилувај ги во искушенијата, укрепувај ги во подвигот, научи ги на твојата слобода од светот, на твојата ревност за вистината, на твоето смирение пред Христа.
Чувај го нашиот Старец, чувај го неговото монашко семејство, чувај ја оваа твоја древна Обител и сиот верен народ што со љубов прибегнува кон тебе. И како што некогаш Му го подготви патот на Господа во пустината, така подготвувај ги и нашите срца, за Христос да најде во нив место каде што ќе пребива.
Свети Јоване, не напуштај го својот Бигорски дом и своите чеда, туку биди ни застапник, патеводител и молитвеник пред Христа Бога, сѐ до новото небо и новата земја. Амин.































