Ктиторска вечерна богослужба

Св. Јован Дебранин - ктитор на Бигорскиот Манастир - икона
Св. Јован Дебранин – Бигорскиот, Архиепископ Охридски

Пастиру на Охрид, радувај се, најсвештен подвижнику на Бигорската Обител! Радувај се, ја основа славно за веки, Јоване преблажени, дебарско пофалбо!


(Величание за Свети Јован Дебранин, Архиепископ Охридски)

Празничното ликување во Бигорската Обител, во која во изминатото деноноќие се слеаја реки од народ, во чест на Претечевото славно Усекновение, попладнево беше заокружено со ктиторската вечерна богослужба, којашто, според црковната традиција, се служи на денот од храмовата слава. На вечерното богослужене, на кое претстоеше нашиот Старец и Игумен, Неговото Преосвештенство, Епископот Антаниски г. Партениј, освен нашиот велик небесен Заштитник, Светиот Јован Претеча и Крстител, молитвено го славевме и првиот ктитор на Свештената Бигорска Обител, нашиот отец меѓу Светиите, Јован Дебранин, Архиепископ Охридски. Тој го основал овој славен Манастир во 1020 лето Спасителово, на местото каде што, според преданието и древните манастирски летописи, како пустиножител ја пронашол чудотворната икона на Свети Јован Крстител.

Веднаш по ктиторската вечерна, Старецот отслужена и панихида, во која со молитва и должна благодарност се потсетивме на нашите блажени и секогаш спомнувани ктитори: јеромонахот Иларион од дебарско Елевци, кој во средината на 18. век ја започнал обновата на Бигорски и го купил имотот во Рајчица; јеромонахот Митрофан од Лазарополе, кој го изградил сегашниот прекрасен храм во 1800 година; архимандритот Арсениј од Галичник, кој многу се потрудил околу благолепието на црквата и во негово време бил изработен насекаде познатиот иконостас, биле донесени делчето од Чесниот Христов Крст и светите мошти и положени во тогаш изработениот прекрасен кивот, била изградена манастирската трпезарија и конакот Горни палат, а исто така и храмот на Свети Георгиј Победоносец во метохот во Рајчица; јеромонахот Јоаким, кој го наследил неговото дело и подвиг, а потоа, освен за овие најзвучни имиња од долговековната историја на Бигорскиот Манастир, ние се помоливме и за сите други монаси, игумени, дарители, градители, благоукрасители, коишто нѐ задолжиле со ова непроценливо духовно богатство што го имаме денес.

Ним и на секогаш споменуваните и достојно блажени ктитори на Бигорската Обител, нека им биде споменот вечен!