Педесетница – слегување на Духот Утешител

Светиот Дух дава сè: Он е Изворот на пророштва, ги усовршува свештениците, неписмените на мудрост ги учи, рибарите ги направи богослови, го утврдува целото црковно собрание. Едносуштен и сопрестолен на Отецот и Синот, Утешителу, слава Ти.

Стихира од Празникот

Ден на Педесетница. Пресветата и пренепорочна Мајка Божја, Апостолите и малкуте верници собрани во еден дом во Ерусалим, со една душа и со едно срце. Одеднаш шум од небото, како шум од силен ветар. Тој шум го исполнил сиот дом каде што се биле учениците Христови. Сè станало одеднаш, толку бргу, неочекувано, како кога наеднаш ќе задува силен ветар. Се слушнал звук од небото како силен гром. Но, зошто слегувањето на Светиот Дух се случило на натприроден начин, како дување на силен ветар? Затоа што патот на Светиот Дух, како што толкуваат Отците, наликува на патот на ветрот чијшто шум го слушаме, но не знаеме од каде доаѓа и на каде оди. Се разбира, тој ветер не бил некоја природна појава, туку натприроден настан, со Божествен карактер. Дувањето на ветрот било симбол за излевањето на Светиот Дух врз насобраните ученици. Било симбол на таинствената енергија на Божјиот Дух. Зашто тој необичен шум настанал за да покаже дека еден друг духовен шум во тој миг се случувал во душите на првите верни. Тоа Божествено вдахновение целосно ги исполнило нивните души и тела. Ги исполнило со Божји и исклучителни дарови. Во тој драматичен час, целата куќа каде што биле учениците се исполнила со дишењето на Духот Свети и постанала како некој невидлив духовен купел што ги преобразил присутните, им дал необични, натчовечки дарови и благослови. Сите апостоли се исполниле со Светиот Дух. Станале други, нови луѓе. Исчезнале стравовите и колебањата. Стекнале невообичаени моќи, за да прават чудеса. Сега, зацврстени од божествена сила, се распрснаа по сета Земја, за да ја разгласуваат веста за Воскресението. И го применија целиот свет.

Славата на овој необичен настан, преку молитвеното учество во богослужението, се спушти и Претечевиот храм на Бигорската Обител. Синоќешното бдение за Светата Педесетница, Литургијата отслужена со големо вдахновение од нашиот старец и епископ г. Партениј, молитвите за призив на Светиот Дух што тој така умилително ги произнесе, вечерната за Света Троица – сето тоа беше за присутните една нова, лична Педесетница, еден нов шум на Светиот Дух во срцата нивни.

Дојдете, луѓе, да се поклониме на Трииспостасното Божество: на Синот во Отецот, со Светиот Дух; зашто Отецот безвремено Го роди едносуштниот и сопрестолен Син; и Светиот Дух беше во Отецот, прославуван со Синот: една сила, едно суштество, едно Божество. Нему поклонувајќи Му се, сите говориме: Свети Боже, Кој создаде сѐ преку Синот, со содејство на Светиот Дух; Свети Крепки, преку Кого Го познавме Отецот, и преку Кого Светиот Дух дојде во светот; Свети Бесмртни, утешителен Духу, Кој исходиш од Отецот, и почиваш во Синот: Троице Света, слава Ти.

Славник на Господи воззвах