Задушница – врска на љубовта меѓу земјата и небото

Задушница. Молитвен помен на покојните. Суштинска пројава на тајната на Црквата Христова. Внатре во Црквата луѓето се подвизуваат, за да престанат да бидат единки и делови и се обидуваат да се соединат во едното тело Христово. Да станат браќа и сестри меѓу себе. Да се ослободат од егоизмот и индивидуализмот и да станат целосни. Да ги доживеат зборовите од Првосвештеничката молитва на Христа кон Бог Отецот за идните Христијани: да бидат сите едно, како што си Ти, Оче, во Мене, и Јас во Тебе; па така и тие да бидат во Нас едно, и да поверува светот дека Ти си Ме пратил (Јован 17,21).

Ова дело на нашето соединување со Христа и помеѓу нас, го славиме на празникот Педесетница. Духот Божји, третата Ипостас на Светата Троица, Духот Утешител доаѓа во Црквата, за да ги упати луѓето во вистината на слободата од егоизмот, кој е најголемата пречка за единството.

Духот Свети ги просветлува и осветува срцата на верните, та да научат да љубат и на тој начин да се уподобуваат на Христа. Духот нè учи и потсилува во подвигот да излеземе од егоистичната самозаблуда. Зашто, останувајќи во егоизмот, остануваме сами. Неподвижни во затворениот круг на самоизмамата. Недостапни и рамнодушни. Туѓинци. Со еден збор, заборавени. Бог со Својот Свет Дух преку пророкот Језекиил вели: Ќе ви дадам ново срце, и нов дух ќе ви дадам; ќе го земам од вашето тело каменото срце и ќе ви дадам срце од месо (Језек. 36,36). На нас останува да одговориме. Ако одговорот е да, тогаш ќе дојде и ќе се всели во нас, ќе ги исполни срцата наши со даровите на Духот Свети: љубовта, радоста, мирот, долготрпеливоста, добротата, милосрдноста, верата, кротоста, воздржливоста(Гал. 5,22).

Кога сите овие, макар и делумно, почнат да суштествуваат во членовите на Црквата, тогаш започнува да се воплотува големата тајна на Црквата. Тогаш Христијаните, во слободата на чедата Божји што Он им ја даде и за која се радуваат, се љубат и се грижат еден за друг. Стануваат браќа и сестри. Стануваат вистинска заедница. Заедница во сè: во радоста, во тагата, во неопходноста, во спокојот. Тогаш добродетелите што полека-полека раснат во срцето почнуваат да принесуваат плодови и така сите луѓе, ближни и далечни, стануваат наши браќа.  

Познавајќи ја немоќта и превртливоста на природата, Христијаните се борат колку што може повеќе да учествуваат во благодатта на Светиот Дух. Не механички, само со учество во тајните на Црквата, туку суштествено. Со помош на светотаинскиот живот, во слободата од егоизмот, кој ја попречува љубовта и го пресекува движењето кон ближниот.

Во исчекувањето непосредно пред Светата Педесетница, кој е откривање на тајната на Црквата, Христијаните се молат за своите браќа и сестри што заминале од овој свет и преминале во состојбата што се определува само од присуството Христово. Во мерата што некој станал причесник во добродетелите Христови, толку поблиска е неговата врска со Него. Мачениците и Светиите се многу блиску; останатите Христијани, соодветно нивната љубов кон Христа.

Се собира сега Црквата Христова, а во неа и Бигорската Обител, собрана околу својот богољубив старец и игумен, Епископот г. Партениј, и се обраќа со благодарност на оваа света Задушница и Го замолува Господа на животот и на смртта, Владиката Христос, за сите што се наоѓаат пред Него: да ги превиди нивните немоќи, да им ги прости прегрешенијата, да им ги избрише беззаконијата. Да им даде живот. Да им даде место за вечна почивка. Црквата проси и се моли. Христос доаѓа. „Прими ги, Господи, прозбите и молитвите и упокој ги родителите, браќата и чедата на сите и секој човек, сите што си заминале од нас, во прегратката на Авраама, Исаака и Јакова…“

Учеството на нашата Обител во ова молитвено споменување на покојните наши отци, браќа и сестри, претставуваше несомнена врска меѓу земјата и небото, причастие во благодатта што само Црквата ја има и ја дава. Љубов за Црквата, како заедница на двата светови, на живите и на упокоените. И потсетник дека и ние некогаш ќе имаме потреба од таа љубов на живите за нивните покојни браќа.

Вечен им спомен!