Молитвен спомен за покојните

Црквата – тивко пристаниште во кое сите ние кои патуваме низ животните бури, пристигнуваме за да одмориме од постојаните трудови; силна поткрепа за оптоварените од секојдневните страданија; сигурно засолниште за оние кои бегаат од стрелите на лукавиот; собор на Светиите чијашто пламена молитва ги крепи живите; врата кон Рајот во кој се успокојуваат сите кои пловеле низ житејското море, оти се вели: „Со Светиите упокој ги, Христе, душите на Твоите слуги, таму каде што нема болка, ни тага, ни воздишка, но живот бесконечен“.

Црквата е верна чуварка на зборовите на Спасителот дека, со смртта животот на човекот не замира. „А смртта“, како што вели Светиот и Велик Василиј, „неминовно настапува, тогаш кога ќе завршат пределите на животот, а ние за предел (граница) на животот ја сметаме волјата Божја“. Но, што ние гледаме во смртта? Или, поточно, што би требало да гледаме? Тело коешто од земјата е земено и повторно во земјата се враќа, се распаѓа, а душата со сите свои сетила продолжува да живее во оној другиот свет, надвор од гробот. Оти уште за време на животот како да претчувствуваме дека не сме само телесни битија, туку дека во нас постои нешто што го надминува телото, нешто што носи победа над телесното, што го вреднува нашиот земен живот низ една друга духовна призма, што нѐ возвишува нас самите, повикувајќи нѐ на вечно постоење. Тоа е така, бидејќи Христос Богочовекот го облече врз Себе човечкото тело и со Својот живот во тело го освети нашето тело, а со Воскресението Негово го уништи осилото на гревот, кое е смртта (1. Кор. 15,56).

Затоа општењето помеѓу живите и мртвите не престанува, туку продолжува да суштествува сѐ до сеопштото Воскресение. Народот Божји е уверен дека, ако молитвено си спомнува за упокоените и дели милостина за нив, им носи голема утеха и полза.