Влегувањето на Христос во Ерусалим на нашите срца

Слово на Неговото Преосвештенство Епископ Антаниски г. Партениј, Игумен на Свештената Бигорска Обител, изговорено на Божествената Литургија за празникот Цветници, по читањето на Свештеното Евангелие, во Сечесниот храм на Пресвета Богородица во градот Дебар, на 28 април 2024 лето Господово


Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

Го празнуваме денеска, возљубени мои, празникот на едно од најславните случувања во земскиот живот на нашиот Спасител Господ Исус Христос – имено, Неговото славно влегување во Ерусалим. Несомнено славен и величествен настан.

Нашиот Спасител, како што читаме во Свештеното Евангелие, секогаш во својот живот ја избегнувал земската слава и почестите од овој свет, додека денес, пак, гледаме нешто спротивно. Он дури и си подготвил пофалба од доенчињата, од децата што сè уште не проговориле, според Давидовото пророштво: Од уста на младенци и доенчиња си совршил пофалба заради непријателите Свои, за да урнисаш непријател и одмаздник (Пс. 8,3). Сите тие, заедно со благодушните ерусалимци и верниците притекнати во Светиот Град, извикуваат пророштво, претскажано со векови порано: Осана во висините! Благословен е Оној Кој доаѓа во името Господово!

Поради овој торжествен пречек на Господа од страна на ерусалимското множество, првосвештениците и народните старешини страшно Му позавиделе на Христа и растревожени, почнале да ги наговараат учениците да ги замолкнат децата и сите останати коишто ликувале за доаѓањето на Царот на мирот. Нив особено ги иритирале восклиците: Благословен е Оној Кој доаѓа во името Господово, Синот Давидов! Оти, Господ Христос потекнува од племето Давидово, а Давид е вториот јудејски цар. Тоа им бодело очи на јудејските првенци, коишто стравувале дека Овој, со толкава слава и углед меѓу народот, можеби ќе им ја земе нивната земска власт и ќе се прогласи за цар израилски, повикувајќи се на тоа право поради крвното наследство. Го сметале, значи, Христа, за свој претендент и затоа брзале да ги замолкнат децата и народот.

Божествениот Учител, пак, со Своето триумфално влегување во Ерусалим им покажа на современиците и на идните поколенија во сите векови дека токму Он е Кој доаѓа во името Господово, дека Он е Царот Кој ќе го спаси човекот од гревот, распадливоста, злото и смртта. Впрочем, Он ја навести Својата победа над смртта претходниот ден, во саботата, со воскреснувањето на Својот пријател Лазар Четиридневниот, наречен така затоа што четири дена бил мртов во гробот и почнал веќе да се распаѓа. Христос го воскреснува и со тоа им влева огромна утеха на сите и цврста надеж и поткрепа на Своите следбеници, пред да тргне на Своите спасителни страданија, пред да се искачи на Крстот на Голгота.

Возљубени, Апостолот што пред малку го чувме нè известува дека Господ е близу (в. Филип. 4,5). Сите знаеме за празникот Цветници од историски аспект. Сме слушале и сме читале од Светото Писмо за Господовото последно влегување во Светиот Град. Меѓутоа, во Црквата, во нејзиниот литургиски живот, сите празници и настани од животот Христов што ги славиме, не се само еден историски спомен, една свечена комеморација, туку на мистичен и благодатен начин се и сегашност. Актуелност во која ние реално учествуваме. Токму затоа Апостолот Павле вели дека Господ е блиску. Он е тука. Он не дојде да влезе само во еден историски град, туку дојде за да влезе во човечките срца. Тоа беше целта на Неговото доаѓање, а не да стане земски владетел. Се сеќавате кога Он на судењето пред Понтиј Пилат беше запрашан: Ти ли си Царот Јудејски? Он смирено одговори: Моето царство не е од овој свет (Јован 18:33,36). Христос е Цар на срцата, мили мои. Токму затоа, денес Црквата, покрај општиот тропар за Лазаревото Воскресение и Цветници, имаше уште еден тропар, кој гласи: „Погребани со Тебе во крштението, Христе Боже наш, со Твоето Воскресение се  удостоивме за бесмртниот живот и затоа пееме: Осана во висините, Благословен е Оној што доаѓа во името на Господа“. Тоа значи дека ние кои сме во Христа крстени, со Него сме погребани, за со Него и да совоскреснеме и да се совознесеме. А како се случува тоа? Преку умртвувањето на нашиот стар, паднат човек, кој се распаѓа во измамливите похоти. Оти, сите ние ги носиме последиците од гревот според нашиот прататко Адам. А најстрашната последица од гревопадот, од непослушанието човечко беше, знаете, влегувањето на смртта во човекот. Но Новиот Адам денес влегува во Ерусалим за тоа да го поправи. Сега сите имаме можност преку Христа да бидеме спасени, оживотворени, благословени. Ако преку првиот Адам сите умираат, преку Новиот Адам, совршениот Бог и совршениот Човек Исус Христос, сите луѓе имаме можност вечно да живееме.

Навистина големи се таинството и моќта на денешниот празник. Но ние како да сме се навикнале да ги празнуваме празниците само традициски, обичајно, формално, честопати без да нè интересира нивната суштина. Таквото славење, без есенција и длабочина, без искористување на преобразителната моќ на празниците, придонесува никој веќе да не се интересира за Христијанството. Да, обичаите поврзани со празникот се полезни и добри, но без литургиската и хеортолошка суштина и тие ја губат својата цел. Во денешно време, при толку лесен пристап до информации, навистина е грев да не знаеме за својата спасоносна вера, за убавините на празниците што ги празнуваме, за длабините на нашето свештено предание. А сега, доколку нашите деца или внуци нè запрашаат, ретко кој од нас може правилно да им објасни за значењето на празникот. За благодатта од литургиското празнување да има дејство, неопходно е да се откажеме од нечувствителноста и индиферентноста кон духовните вистини.

Возљубени мои, од овој величествен празник треба да извлечеме значајна поука. Нашите срца треба да ги претвориме во мисловен Ерусалим. Христос доаѓа сега и овде; доаѓа помеѓу нас, во нас, во нашите срца, со желба да ги оживотвори и да ги преобрази. Ние сме тие што треба да покажеме желба. Од нас се бара помалото – нашата желба и себепредавањето на Господа. Он, пак, ќе го стори поголемото, како и со чудото на покојниот Лазар. Иако Христос како Бог знае сè, сепак им поставува прашање на сестрите Лазареви: „Каде го положивте?“ И кога Го одведоа кај гробот, Он им нареди на присутните: „Отстранете го каменот од гробот“. Не можеше ли Оној Кој го воскресна четиридневниот мртовец Сам да го отстрани каменот? Се разбира дека можеше, но сакаше и луѓето да учествуваат во тоа големо дело на Божјата милост. Нашето созревање, нашата преобразба, не се возможни доколку ние не учествуваме доброволно во нив. А учествуваме со нашето покајание, почетно, со нашата желба за промена и покајание. Тогаш Господ, Кој е секогаш блиску, ќе дојде во нашето срце и таму ќе отпочине.

Мили мои, поканети сме да Го прегрнеме Христос во своите срца, да Го зацариме како Господар и Цар над нив. Никој друг не треба да господари со нашите срца, освен Христос. И само Он може да донесе мир, благослов, спасение, спокој и радост. Ако постапуваме во согласност со ова, тогаш и светот околу нас ќе почне да се менува. Христијанството не се помирува со злото во светот, не прави компромис со него; напротив, преку добрина и љубов го преобразува. Преку личното подобрување, човек позитивно влијае и врз своето опкружување.

Навлегуваме во Светата и Велика седмица, позната и како Страсна, односно Страдална, којашто завршува со славното Воскресение Христово. Ни претстои Христос да влезе во нашите срца. Повикани сме да сочувствуваме со Него, да сострадуваме и да се сораспнеме со Него. Токму таква стихира ќе испееме вечерва, на Утрената од Велики Понеделник, во која Црквата нè поттикнува да ги споделиме страданијата на Христа, за со Него и да совоскреснеме: „Дојдете, и ние со очистени мисли со Него да одиме и со Него да се сораспнеме и заради Него за животните наслади да се умртвиме, та со Него и да оживееме“. А Он од Своја страна нè уверува: „Повеќе не одам во земниот Ерусалим за да страдам, туку одам при Мојот Отец и вашиот Отец, при Мојот Бог и вашиот Бог, и ќе ве издигнам и вас со Себе во горниот Ерусалим, во Царството Небесно“. Каква прекрасна перспектива! Бог нè посинува, за да нè изведе кон Небесното Царство, да нè постави покрај Себе.

Во Четвртокот од оваа Велика седмица ќе ја празнуваме Тајната Вечера, настан со натсветски размери, кој е присутен секоја недела и секој празник, во секоја Света Литургија, во секоја Божествена Евхаристија. Ние благодатно и мистично седнуваме на Тајната Вечера со Христа. Затоа, мили мои, да се покажеме достојни; не да бидеме како Јуда, исполнети со погрешни перцепции за Христа, и накрај да се разочараме затоа што Бог не одговара на нашите земни замисли. Дозволете Му денес да влезе во вашите срца, а тоа ќе се случи преку покајание, преку запазување и љубоморно чување на нашата личносна врска со Него.

Ви посакувам убава Страсна седмица, радосно Воскресение и благословено продолжение на Светата Божествена Литургија. Амин.