Свет и Велик Понеделник

Царот на славата, Кој од небесните Сили е непрестајно славен; Невидливиот, Кој видлив заради луѓето стана; Недопирливиот, Кој тело опипливо прими и како слуга се јави, влегува денес во Ерусалим за страдање и смрт да прими. Виде Он дека Неговото создание што образот Негов го носи, поради измамата на злотворителот, на распадливост и смрт се предаде. Виде Он и се сожали, посака да го спаси човекот кој многу пати и на многу начини го повика да се обрати и поправи. И бидејќи човекот кој доброволно се предаде на најтешките земни похоти, немаше во себе сила да се врати при Бога, затоа полниот со милост Бог доброволно на Себе ја зеде тешката и страшна искупителна жртва. Мораше Самиот Он да го научи оној кој не знаеше, мораше да стане Човек за да го приближи човекот кон Себе, мораше да стане видлив, да му го покаже Небото на човекот, за да може тој, гледајќи Го Оној Кој од висините заради неговото спасение слезе, смирено пред Него да застане и со покајание од земното да се издигне.

Целомудрениот и прекрасниот Јосиф

Да, нашиот Господ стана човек за да ја положи душата за Своите пријатели. Не само за Оние што Го љубат, туку за оние кои Он ги возљуби. А Он нè љуби сите. Зашто, иако ние Го отфрливме и од Него се откажавме, Он во Својата љубов кон нас остана неизменлив. И заради таа љубов доаѓа при оние што Го мразат, ги прегрнува оние кои од Него бегаат. Иако не го наоѓа плодот, Он не престанува да гладува по нас и нашето спасение.

Еве, по Божјо благоволение, полека, со смирени мисли и сострадални срца, како што ги учеше Господ Своите ученици, зачекоривме и ние со Него кон Ерусалим, кон длабочината на црковните богослуженија кои ги откриваат пред нас оние трогателни собитија од последните денови во животот на нашиот Спасител на Земјата. Патуваме заедно со Апостолите, и умирајќи за злото тргнавме со Него да се сораспнеме, за со Него вечно да живеме. Потонуваме со срцата и мислите во вдахновените стихови, имајќи ги пред себе безвременските библиски примери чиишто пораки ги омекнуваат душите наши. И додека очите на сите се вперени во ликот на Младоженецот, Кој ја создава таа молитвена тишина во бигорскиот храм на Претечата, скрушено бараме, барем во овие последни денови пред Воскресението, да се разбуди во нас нова ревност и утврдени во копнежот по Него, непоколебливо да ја искачиме Голгота, стоејќи смирено под Крстот Негов и потоа радувајќи се пред празниот Гроб.

Одејќи Господ на доброволно страдање,
на Апостолите по патот им велеше:
 Ете, се искачуваме кон Ерусалим и Синот Човечки ќе се предаде,
 како што е напишано за Него.
 Затоа дојдете со очистени мисли,
 да отидеме со Него да се распнеме
 и заради Него да се умртвиме за животните наслади,
 та со Него и да оживееме и да Го слушнеме како вика:
 Повеќе не одам во земниот Ерусалим да страдам,
 туку одам при Мојот Отец и вашиот Отец,
 при Мојот Бог и вашиот Бог,
 и ќе ве издигнам со Себе во горниот Ерусалим,
 во Царството Небесно.

__________________________________

Грядый Господь к вольной страсти,
апостолом глаголаше на пути:
се восходим во Иерусалим,
и предастся Сын Человеческий,
якоже есть писано о Нем.
Приидите убо и мы, очищенными смыслы,
сшествуим Ему, и сраспнемся, и умертвимся Его ради житейским сластем,
да и оживем с Ним, и услышим вопиюща Его:
не ктому в земный Иерусалим, за еже страдати,
но восхожду ко Отцу Моему, и Отцу вашему,
и Богу Моему, и Богу вашему,
и совозвышу вас в горний Иерусалим, 
в Царство Небесное