Вечерна на љубовта

Необичното таинствено сјаење на светата и обновителна Пасхалната светлина, посветла и од најсветлиот сончев зрак и порадосна од секоја радост, несмалено продолжува да блеска од светиот и велик ден на Христовото Воскресение. Радосната вест овој единствен настан го осветлува сето, од гревот помрачено човештво, давајќи му смисла на неговото суштествување. Бог ја запали во мракот Својата светлина и Светлината во темнина свети и мракот нe ја опфати (Јован 1,5). „Сега сè се исполни со светлина: небото и земјата и подземјето“ и уште: „Небесата достојно да се веселат, земјата да се радува, да празнува сиот свет – видлив и невидлив, зашто Христос воскресна, вечна веселба“.

Во духот на ова сепразнично торжество и радование, Бигорската Обител, со своите гости, вечерта на првиот ден од Пасха, традиционално ја украси со прекрасната Вечерна на љубовта, на која Евангелието за воскреснатиот Бог беше прочитано на осумнаесет јазици, во знак на распространување на радосната вест меѓу сите народи.

По вечерното богослужение, трпезата на љубовта и Пасхалниот час, нашиот возљубен старец и владика, Епископот г. Партениј ги повика браќата монаси и сестрите монахињи и сите затекнати гости на велигденско собрание во големата свечена одаја, насладувајќи ги духовно, со своите вдахновени созерцанија за влегувањето на воскреснатиот Христос среде учениците низ заклучените врати.

„О, велика Пасха и најсвета, Христе, о, мудрост и Слово Божјо и сило! Дај ни да имаме потполно учество со Тебе во вечниот ден на Твоето царство“.