Беседа на Неговото преосвештенство епископ Антаниски г. Партениј, за евангелското четиво за исцелувањето на гадаринскиот бесомачен, во дваесет и четвртата недела по Педесетница, во манастирската трпезарија, на 2/15 ноември 2026 лето Господово
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Возљубени отци, браќа, сестри и чеда,
Сѐ што нашиот мил Спасител, Господ Исус Христос, направил во текот на Својот живот на земјата – сите тие нешта што се запишани во светото Евангелие, а и многу други – има длабока смисла за нашето спасение и за нашиот секојдневен живот во Бога. Денеска го чувме четивото за тоа како Он, во гадаринскиот крај, исцелува човек заболен од најстрашната болест – демоноопседнатоста.[1] Светиот евангелист Матеј сведочи дека бесомачните биле двајца;[2] светите Марко и Лука, пак, говорат само за еден – за најлошиот, за предводникот, чијашто несреќа била најтешка.[3]
Каков бил тој човек? Евангелието вели: А кога излезе Тој на суво, Го сретна еден човек од градот, кој беше обземен од демони и долго време не облекуваше алишта, и не живееше дома, туку по гробовите. Бегал, значи, од живеалиштата човечки; ни алиштата свои не ги трпел, а уште помалку луѓето. Го врзувале со синџири и окови, но тој ги кинел, и демонот го гонел по пусти места. Сите се плашеле од него, та никој не смеел да помине по тој пат. Чудовиште, а не човек.
И ете, Господ, одејќи накај градот, се среќава токму со него. Стапува во разговор, но не со неговата личност, зашто таа беше поробена и како изгубена: од човекот не говори веќе човекот. Тоа е најстрашната болест – кога човекот потполно ќе се изгуби себеси под влијание на злите духови. И Исус го прашува: ’Како ти е името?‘ Тој одговори: ’Легион‘, зашто многу демони беа влегле во него. Легион во римската војска значело воен одред од околу шест илјади војници.[4] Замислете колку зло може да се смести во еден човек!
Видете, мили мои, каква може да биде духовната состојба на човекот. Човекот може и Бога да Го смести во своето срце – секако, онолку колку што може да издржи, но сепак може. Ако некој Ме љуби, ќе го пази словото Мое; и Мојот Отец ќе го возљуби, и ќе дојдеме кај него и живеалиште во него ќе направиме.[5] За колку светители велиме дека станале живеалишта на Бог Тројца! Бог е несместлив, неискажлив, недостижен, а сепак се вселува во човекот.[6] Духовноста има свои степени; но и другата крајност, негативната, исто така има степени. Како што во еден човек може да се всели небото, така во друг може да се смести целиот пекол. Во овој несреќник се беше сместил пеколот, и тој се изгубил потполно.
Но пред Христа и пеколот трепери. Демоните први Го исповедаат: Што сакаш од мене, Ти, Исусе, Сине на Севишниот Бог? Ти се молам, не мачи ме! Го молат да не ги праќа во бездната, туку да им дозволи да влезат во свињите што паселе на ридот; без Негово допуштение ни врз свињите немаат власт.[7] И Господ, бидејќи е семоќен, со еден збор го ослободува човекот: И откако излегоа лошите духови од човекот, влегоа во свињите; и крдото се стркала низ стрмнината и се удави во езерото.
Ќе видиме, меѓутоа, дека под влијание на демоните, на некој свој степен, биле и сограѓаните на тој несреќен човек. Бесомачниот произлегувал од средина којашто не ги почитувала Божјите закони и заповеди. Законот Мојсеев свињата ја вбројува меѓу нечистите животни, и за секој што го држел Светото Писмо на Стариот завет нејзиното одгледување било недопуштено.[8] Но на тие граѓани не им бил важен Законот. Поважни им биле парите, заработката, гнасната печалба. И можеби токму како плод на таквото погрешно живеење, не според Божјите заповеди, меѓу нив се нашле и луѓе разболени од демонската болест до нејзиниот краен стадиум. Свињарите избегале и разгласиле во градот и по селата: Назареецот ги истера демоните, а нашите свињи се гргнаа низ стрмнината и се издавија сите. Отиде печалбата на гадаринскиот крај! И народот излегол да види. Што нашле? Го најдоа човекот, од кого беа излегле нечистите духови, како седи пред нозете Исусови, облечен и со здрав разум; и се исплашија.
Каков парадокс! Оној од кого сите бегале, сега одеднаш е кроток и смирен; го препознаваат, нивни е, од нивниот град. Но не им било важно. Што им е грижа за еден или двајца коишто пострадале до крај од погрешниот начин на живеење? Грижа им било за печалбата на којашто се навикнале. Сиот народ од Герасинскиот крај Го замоли да си оди од нив; зашто се беа уплашиле многу. И Тој влезе во коработ и се врати. А каков бил тој страв, ни толкуваат светите отци: се плашеле да не претрпат и друга штета.[9] Како да Му рекле: „Оди си. Не Те сакаме, зашто нѐ оштети. Нѐ удри по најдрагото – по паричките наши, по печалбата наша.“

Дошол Спасителот. Направил чудо какво што никој не можел ни да замисли. Наместо да Го пречекаат и да Му речат: „Господи, имаме секакви болни“ – оти Он и слепи и глуви и куци и лепрозни исцелуваше – тие Го избркале. Не им требал. Но Господ ни тогаш не ги оставил. Многупати, кога ќе направел некое чудо, Он барал од исцелените никому да не кажуваат.[10] Овде, пак, гледаме обратно. Човекот, пак, од кого беа излегле демоните, Го замоли да биде со Него; но Исус го отпушти, велејќи: ’Врати се во домот свој и раскажувај што ти направи Бог!‘ Зашто на оние во градот им требало Божјо чудо пред очи, за да се освестат и да го напуштат гревовниот живот.
✻ ✻ ✻
Гледате ли какви сме луѓето? Затоа светот е ваков каков што е. Нешто што се случило пред две илјади години, додека Христос чекорел по земјата, се повторува низ целата историја, зашто ние, луѓето, очигледно не се променивме. Ете, стигнавме далеку во технологијата: отидовме во вселената, испраќаме астронаути и сателити; сега имаме и вештачка интелигенција. И читаме дека за нејзините дата-центри се потребни огромни количества вода и енергија – а претходно сами констатиравме, и тоа не еднаш, дека водата во светот е сѐ позагадена и дека човештвото наскоро ќе се соочи со недостиг од неа. Ама пуста печалба! Ќе останеме без вода за пиење, но дата-центри мора да направиме. Секој, за неколку пари, ќе може таму да праша што сака и веднаш да добие готов одговор; така ќе се полни џебот на некој ненаситник, а до знаење ќе се доаѓа без никаков труд, без бдеење над книгата, без пот и трпение. Но дали таквото знаење потоа ќе се цени? Она што лесно се стекнува, лесно и се губи. Знаењето со труд се стекнува; само оној кој со труд се изградил во знаењето и го изодел патот на учењето станува голем човек – не само учен, туку и со карактер и длабочина.
Во многу нешта го забележуваме истото: не го гледаме човекот. Кога ќе ни се наруши здравјето, сите бараме лекари и се обраќаме кон медицината како наука. И таму, за жал, во не малку случаи се крие нечесна печалба. Колку луѓе ми кажуваат дека се измислуваат дури и болести, па луѓето ги оперираат наздраво, само за да им се земат парите! Еве ги новите гадаринци.
Или пушењето. Сите констатираме дека е голем грев – односно, световните луѓе не велат дека е грев, туку дека го оштетува здравјето, и тоа не само на оние што пушат туку и на нивната околина. Сепак, цигарите се произведуваат. На пакувањата дури и пишува дека се штетни – за да не биде тужен производителот ако некој се разболи. Ние, пак, го купуваме тоа, го носиме в џеб и го консумираме во градите. А уште пострашно е за оние што го произведуваат.
Или наркотиците. Сите гледаме колку луѓе се уништија, а тие сепак се произведуваат и некому носат голема заработка. Кога законите би се почитувале, кој би можел да печали на такво нешто? Но не е важен човекот. Не се важни младите што паѓаат по улиците и умираат. Важни се парите. Оти коренот на сите зла е среброљубието.[11]
Ете колку е страшна таа гревовна болест, којашто на крајот го доведува човекот дотаму потполно да се разболи и да се изгуби себеси. Можеме да речеме дека и човештвото се изгуби себеси поради погрешниот начин на живеење. Зашто изгубен не беше само оној во гробиштата – изгубен беше целиот град. Тоа го прави светот и денес. Дури и христијанскиот свет не Го сака Христа, зашто Христос потполно го ослободува човекот, а Црквата, вистинската, е токму тоа: вистинска слобода за човекот.
✻ ✻ ✻
Христос е единствениот Лекар на душите и на телата.[12] Затоа да Го молиме Него, Возљубениот, и да станеме вистински христијани: да Го ставиме Христа и ближниот над сѐ, а не нашите лични интереси. Господ вели: Верниот во малку и во многу е верен, а несправедливиот во малку и во многу е несправедлив.[13] Ако се трудам секогаш да се жртвувам за својот ближен, да бидам внимателен кон оние што ме опкружуваат и да не ги злоупотребам, тогаш можеби еден ден, напредувајќи, ќе добијам можност да им помогнам на многумина. Во спротивно, кога ќе дојдам дотаму да раководам со многу луѓе, без притоа да имам стекнато христијанска етика, ќе станам злоупотребувач.
Затоа живеењето според Евангелието секој треба да го започне веднаш штом ќе слушне за Благата вест. Некои ја слушнале од мали, а некои ја слушаме и подоцна. Но Христос од нас бара тоа што ќе го чуеме и да го исполнуваме: Бидете извршители на словото, а не само слушатели, мамејќи се сами себе;[14] и блажени се оние кои го слушаат словото Божјо и го пазат.[15] Не само да слушаме, па потоа за тоа и да зборуваме, а дела да не твориме. Бог бара од нас да бидеме луѓе на пожртвувана љубов, никако користољупци. Зашто видовме до каде води користољубието, таа гнасна печалба за којашто говори и апостолот:[16] до потполно губење на човечноста во нас, на човечката личност во нас.
Да го запомниме, чеда мои, оној човек од Гадара. До вчера гол, меѓу гробовите, страв и трепет за сите; денес седи пред нозете Исусови, облечен и со здрав разум. Посакал да остане со Господа, а Господ го врати дома; и тој си отиде и расправаше по целиот град што му направи Исус. Градот Го избрка Христа, но Христос му остави на градот еден човек-сведок.
Господ да ни помага да бидеме навистина човекољупци, како што е Он Самиот; и молете се и за мене недостојниот. Амин.
[1] Лк. 8:26–39 (зач. 38); сп. Мт. 8:28–34 и Мк. 5:1–20. Ракописното предание го пренесува името на крајот во три облици: Γαδαρηνῶν (гадарински), Γερασηνῶν (герасински) и Γεργεσηνῶν (гергесински). Македонскиот превод на Светото Писмо кај Лука и кај Марко чита „Гадаринскиот крај“. За разните читања в. B. M. Metzger, A Textual Commentary on the Greek New Testament, Stuttgart ²1994.
[2] Мт. 8:28.
[3] Така толкува свети Јован Златоуст: евангелистите не си противречат, туку Лука го издвојува најсвирепиот од двајцата, па затоа и неговата несреќа ја опишува потресно. Види: Беседи на Евангелието според Матеј, 28, 2 (PG 57, 352 ). Слично и блажени Августин, De consensu evangelistarum II, 24, 56 (PL 34, 1104).
[4] Легијата (лат. legio) била најголемата единица на римската војска. Во времето на раното Царство броела десет кохорти, односно меѓу пет и шест илјади војници; Вегетиј за „старата легија“ наведува 6.100 пешаци и 726 коњаници (Epitoma rei militaris II, 6). Евангелистот Марко бележи дека крдото броело „околу две илјади“ свињи (Мк. 5:13).
[5] Јн. 14:23.
[6] Сп. Јн. 14:23; 2 Кор. 6:16. Бог се вселува во човекот не по суштина, којашто останува недостапна за секое создание, туку по благодат, со Своите несоздадени енергии.
[7] Св. Јован Златоуст, Беседи на Евангелието според Матеј, 28, 3 (PG 57, 354): демоните немаат власт ни врз свињите без допуштение од Богот на сите.
[8] Свињата е нечисто животно според Законот (Лев. 11:7–8; Втор. 14:8), а подоцнежното еврејско предание изречно забранува да се одгледуваат свињи каде и да е (Мишна, Бава Кама 7, 7). Треба да се има предвид дека Гадара била еден од градовите на Десетградието (сп. Мк. 5:20) и дека Јосиф Флавиј ја вбројува меѓу „грчките градови“ (Јудејска војна II, 97; Јудејски старини XVII, 320); населението, значи, било мешано, и еврејско и незнабожечко.
[9] Блажени Теофилакт Охридски, Толкување на Евангелието според Лука, гл. 8 (PG 123, 805–808): наместо да Го молат да остане, Го молат да си оди, плашејќи се да не претрпат и друга загуба, како онаа со свињите.
[10] Сп. Мк. 1:44; 5:43; 7:36; Мт. 9:30; Лк. 8:56.
[11] 1 Тим. 6:10.
[12] „Отче Свети, Лекару на душите и телата…“ – молитва при помазанието во чинот на светата тајна Елеосвештение.
[13] Лк. 16:10.
[14] Јак. 1:22.
[15] Лк. 11:28.
[16] Изразот е апостолски: αἰσχροκερδής, „лаком за гнасна печалба“ – 1 Тим. 3:8; Тит 1:7, 11; сп. 1 Петр. 5:2.











