Во молитвена тишина, исполнета со благодарност, почит и светол спомен, денес во древното Богородично светилиште, манастирот „Пресвета Богородица – Пречиста“ кај Кичево, беше одбележана десетгодишнината од блаженото упокојување на приснопамјатната игуменија мати Агнија, долгогодишна старешинка на оваа света обител, која со својата пожртвувана љубов, монашка ревност и неуморна грижа остави длабока и неизбришлива трага во нејзиниот духовен живот и возобновување.
По овој повод, во величествениот соборен храм на Пресвета Богородица беше отслужена света заупокоена архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше нашиот почитуван надлежен архипастир, Неговото Високопреосвештенство, митрополитот Дебарско-кичевски г. Георгиј, во сослужение со нашиот возљубен Старец и игумен, Неговото Преосвештенство, епископот Антаниски г. Партениј. На двајцата архиереи им сослужуваа архимандритот Нектариј, протопрезвитер-ставрофорот Никола Христоски, јеромонахот Еразмо од нашата Бигорска обител, презвитерите Александар Матески, Љупчо Бакрачески и Александар Крстаноски, како и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и јероѓаконот Порфириј од Бигорски.
Во молитвеното спомнување на блаженоупокоената мати Агнија повторно оживеа благодарниот спомен за една исклучителна монашка личност, која повеќе од шест децении од својот живот Му ги посвети на Бога и на Неговата Пречиста Мајка. Особено последните триесет години од својот земен пат, поминати во Пречистанската обител, беа исполнети со неуморни трудови за нејзиното возобновување, разубавување и духовно укрепување. Со својата мајчинска грижа и широко срце, таа ги пречекуваше сите што доаѓаа под покровот на Богородица, без разлика на нивното потекло и припадност, дарувајќи им утеха, совет и љубов. Нејзиното наследство не се состои само во обновените манастирски зданија, туку, пред сè, во добрите дела, молитвите и духовните плодови што ги остави во срцата на многубројните верни.
Денешното евхаристиско собрание беше украсено и со уште еден значаен и радосен чин. Имено, во знак на признание за неговата пожртвувана свештеничка служба, како и за особениот придонес во богословското образование и просветната дејност, надлежниот митрополит г. Георгиј го удостои свештеникот отец Александар Крстаноски со достоинството протопрезвитер. Ова заслужено црковно одликување претставува признание за неговите досегашни трудови во служба на Црквата, во воспитувањето и образованието, како и во негувањето и проучувањето на нашето богато духовно и книжевно наследство. Од срце му го честитаме новото свештеничко достоинство, со молитвени желби Господ и понатаму да го укрепува во неговото пастирско и просветно служење, за духовна полза на верниот народ и на нашата Света Црква.
Десет години по нејзиното преселување во вечноста, споменот на мати Агнија продолжува да живее во Пречистанското светилиште и во срцата на сите што ја познаваа и ја почувствуваа нејзината мајчинска љубов. Нејзиниот живот останува сведоштво за вистинитоста на апостолските зборови: „Добро се борев, патот го завршив, верата ја запазив“ (2 Тим. 4,7). А денешното молитвено собрание уште еднаш нè потсети дека трудовите принесени од љубов кон Бога не исчезнуваат со минливоста на времето, туку продолжуваат да принесуваат плодови и во поколенијата што доаѓаат.
Нека Семилостивиот Господ, по молитвите на Пресветата Владичица наша Богородица, ја упокои душата на блаженоспоменатата игуменија Агнија во населбите на праведните, каде што нема болка, тага и воздишка, туку живот бесконечен.
Вечен и блажен нека ѝ биде споменот!































