Што всушност значи ова?
„Православие или смрт!“ е слоган што често го гледаме како кружи на социјалните мрежи и на други места, најчесто со добри намери: некој попрво би го дал својот живот отколку да ја предаде својата вера. Но, од каде потекнува оваа фраза и дали навистина треба да ја користиме?
Фразата се појавила во манастирот Есфигмен на Света Гора во 1972 година, за време на протестот против средбата на вселенскиот патријарх Атинагора со папата Павле VI и нивниот екуменски дијалог[1]. Монасите ова го сфатиле како предавство на православната вера.
Слоганот намерно го повторувал националното мото на Грција (и на Македонија, н.б.), „Слобода или смрт“, претворајќи го патриотскиот крик во декларација за бескомпромисен религиозен отпор. Но, приказната не завршила тука.

Движењето на крајот го прекинало општењето со канонската Црква, а слоганот станал поврзан со други зилотски движења, вклучително и ултранационалистички и екстремистички кругови. Една фраза наменета за одбрана на Православието се вплеткала во движења кои целосно се одвоиле од Црквата.
На крајот, некои патријаршии и помесни цркви го осудија „Православие или смрт!“ како опасен и лажен слоган кој ги изобличува христијанските учења.
Да бидеме јасни, самите зборови не се нужно проблематични. Еден христијанин може искрено да претпочита смрт отколку да се одрече од Христа. Опасноста лежи во багажот поврзан со слоганот, духот во кој се користи и каде тој дух на крајот може да одведе.
Иронијата е што некои кои го прифаќаат овој слоган го прават тоа за да се борат против екуменизмот, стравувајќи дека Црквата прави компромис со верата. Сепак, во нивната борба да го заштитат Православието, тие можат да завршат одвојувајќи се од самата Црква во која бараат спасение.
Ова е трагедијата на зилотството: во обидот да се зачува Православието по секоја цена, човекот може да изгуби од вид за што всушност постои Православието. Верата станува нешто што треба да се брани по секоја цена, дури и кога самата одбрана почнува да го уништува духовниот живот.
Старец Епифаниј Теодоропулос[2] еднаш славно рекол дека „подобро е да се биде екуменист отколку зилот“. Тој не го поддржувал екуменизмот, туку предупредувал дека духовната опасност од расколот и фанатизмот може да биде уште поуништувачка отколку останувањето во Црквата додека се толерира грешката.
Неговата поента била дека е духовно побезбедно да се остане во канонската Црква, дури и среде сериозни несогласувања, отколку да се замине со убедување дека само ние сме ја зачувале вистината. Свети Максим Исповедник[3] тврдел нешто слично… Да се биде во право во поглед на некоја грешка не значи автоматски дека сме во право да се одвоиме од Црквата.
Ова е тешката лекција: можеме да бидеме во право во нашите теолошки аргументи и сè уште духовно да грешиме во начинот на кој реагираме. Вистината без смирение често станува гордост. Расудувањето без љубов често станува презир. Ревноста без послушание често станува бунт.
Одговорот не е рамнодушност кон ереста, ниту преправање дека догматските разлики не се важни. Повикани сме да ја сакаме вистината, да ја браниме верата и внимателно да расудуваме. Но, мораме да го правиме тоа без да дозволиме нашето противење на заблудата да стане изговор за раскол, омраза или духовна гордост.
Светите Отци разбирале дека духовниот живот не се состои само во тоа да се биде во право, туку да се биде исцелен. Можеме да ја браниме секоја теолошка граница, а сепак да останеме поробени од нашите страсти, вклучително и потребата да се чувствуваме поверни од сите други. Што тогаш навистина сме добиле?
Понекогаш нашата ревност за Православието е всушност лична борба во маска: потребата да се докажеме дека сме во право или дека сме меѓу малкумината верни. Можеби веруваме дека го браниме Христа, кога истовремено го браниме и сопственото его.
Ете зошто зилотството може да стане смрт за душата. Ги храни страстите додека нè убедува дека се бориме за светост. Често нè прави сомничави, изолирани, осудувачки настроени и горди, додека нè уверува дека сме поправославни од сите други.

Вистинската ревност треба да нè води кон поголемо покајание, смирение, љубов и заедница со Христа. Ако нашата одбрана на Православието постојано нè прави поисполнети со презир кон другите луѓе и посигурни во сопствената праведност, треба повторно да погледнеме каков дух нè води.
Можеби вистинското прашање не е дали сме подготвени да умреме за Православието, туку дали сме подготвени да умреме за себеси заради Христа. Можеме ли да се откажеме од нашата гордост, нашата потреба за победа, нашата огорченост и нашата желба да стоиме над другите? Тоа е многу потежок вид на мачеништво.
Затоа, можеби наместо тоа треба да кажеме: „Православие и смрт“, но со поинакво значење. Смрт на егото… на гордоста… на нештата што ни го изобличуваат видот кон Бога и ја претвораат нашата вера во оружје против другите. Не смрт на душата преку зилотство, туку смрт на сè во нас што се спротивставува на нејзиното исцелување.
Православието е начинот на живот во Христа, затоа да ја браниме верата без да ги напуштиме смирението, љубовта и заедницата преку кои сме повикани да ја живееме.
[1] Атинагора I (1886–1972) бил Вселенски патријарх од 1948 година до својата смрт. Папата Павле VI (1897–1978) бил поглавар на Римокатоличката црква од 1963 до 1978 година. Нивниот разговор и средби го отелотворувале обновениот православно-католички дијалог во XX век.
[2] Старец Епифаниј Теодоропулос (1930–1989) бил грчки православен свештеник и архимандрит, духовник и црковен писател. Неговото дело „Двете крајности: Екуменизам и зилотство“ разгледува два спротивставени црковни пристапа.
[3] Свети Максим Исповедник (околу 580–662) бил византиски монах и богослов. Тој се спротивставувал на монотелитството и ја бранел верата дека Христос има божествена и човечка волја, согласно со двете природи.











