Витлеемската пештера – Божикна радост во секој христијански дом

Во пресрет на светлото и спасително Рождество Христово, кога нашите срца со особена радост и духовен копнеж се подготвуваат да Го пречекаат Богомладенецот Христос, убаво е и нашите домови да ја одразуваат духовната убавина и смисла на големото Божикно таинство. Зашто токму во смирението на Витлеемската пештера, во тишината на една света ноќ, Небото се соедини со земјата, а Предвечниот Бог стана човек, дарувајќи му на човештвото надеж, мир и спасение.

Во духот на оваа прекрасна христијанска традиција, а со благослов на нашиот возљубен старец и игумен, епископот Антаниски г. Партениј, и оваа година сестринството на нашата света Рајчичка обител, со многу љубов, внимание и творечка умешност, изработи пригодни Божикни пештери. Рачно изработени и украсени, збогатени со иконата на Рождеството Христово и со кандилце, тие претставуваат убаво и достоинствено украшение на христијанскиот дом во претстојните празнични денови.

Повеќе од само празничен украс, Божикната пештера е едно мало молитвено катче во семејниот дом, видливо потсетување на неискажливата Божја љубов кон човекот и прекрасна можност и на најмладите да им ја приближиме вистинската смисла на Божик, воспитувајќи ги во духот на нашето православно предание.

Сите заинтересирани ќе можат да ги нарачаат рачно изработените Божикни пештери на телефонскиот број +389 77 551 287 кај сестра Филотеја.

Нека светлината на Витлеемската ѕвезда ги озари нашите срца и домови, а мирот и радоста на Богомладенецот Христос се вселат во секое христијанско семејство! На сите ви посакуваме благословена и радосна подготовка за светото Христово Рождество!