Радувај се, врата на спасението! (Четврт Акатист)

Повторно настапи благословената вечер на читањето на четвртата статија од Акатистот на Пресветата Богородица и секогаш Дева Марија, со кого се заокружува целината од дванаесет кондаци и дванаесет икоси како еден венец исплетен со највозвишени и најпрекрасни пофалби кон Мајката Царица. Црквата овие пофалби ги има наречено Акатистна химна, односно Неседална химна, којашто се слуша исправено со почит, со љубов и со набожност кон Онаа, преку Која дојде нашето спасение, Којашто послужи на таа велика и од векови чувана Божја тајна.

Низ текот на светиот пост застапништвото и мајчината утеха на Онаа Која стана венец и пофалба на небесните и земните, се толку многу присутни и силни, што посното поприште го минуваме со духовна сладост и наслада, засладувани и загревани од благодатта и срдечноста на Богородичната прегратка, кои бликаат од петочните „Радувај се…“

Љубовта на нашиот Старец, Епископ г. Партениј, кон Пречистата Богомајка се разлеа низ Претечевиот благолепен храм преку неговиот умилен и мелодичен глас, обземајќи нѐ силно чувство на посиновение и величественост во домот на нашиот Бог, а воедно исполнувајќи нѐ со нови животни сили, излеани од неговото многуранувано, но длабоко боговљубено и татковско срце, кое иако немилосрдно напаѓано, не престанува да љуби, докажувајќи ја својата Евангелска широчина и суштина.

Ја минуваме веќе втората половина на светата и спасителна Четириесетница, итајќи кон светлото и сеславно Христово Воскресение, како некогаш Израилците кои го минуваа дното морско по суво, водени од раката на Мојсеј и итајќи кон Ветената Земја. По молитвите на Пречистата Мајка Богородица, Бог да ни дава сили да издржиме до крајот.