Спомен на Светите Севастиски и Битолски Маченици

Две светли и славни Четириесетки го красат денешниот ден. Едната, сочинета од Светите Воини-Маченици коишто пострадале за преслаткото име Христово, смрзнувајќи во леденото езеро во Севастија, во годината 320; другата, составена од Битолските црнорисци коишто со своето храбро исповедништво на верата Христова станале блескав украс и слава на Битола. И тие маченички пострадале, со отсекување на нивните благословени глави од незнабожните Агарјани-завојувачи во летото Спасителово 1386.

По Божја промисла, споменот на овие две свештени Четириесетки секогаш се паѓа за време на Великата Четириесетница, како еден вид потсетник и утврда за верните, коишто со маченичка ревност и исповедничка совест се подвизуваат за стекнување благодатни венци, трпејќи ги притоа со храброст студенилото на духовниот непријател и острите мечеви на страстите.

Ете зошто нашата Свештена Обител со особена почит го прославува нивниот свет спомен, црпејќи вдахновение и ревност од нивниот сјаен пример. По тој повод, денес нашиот возљубен старец и владика, Епископот г. Партениј, го возглави великопосното Последование на претходно осветените Дарови, во сослужение со браќата јеромонаси и јероѓакони. А Светите Маченици, Севастиските и Битолските, со испросената им од Бога благодат, го утврдија нашето монашко стадо и присутните верници со нови духовни сили, на почетокот од втората седмица на четириесетдневното очистително поприште, за возрастување во христијаните добродетели, коишто за своја круна ја имаат љубовта.

По нивните молитви да се удостоиме неа да ја имаме, за со радост да го живееме Христовото Воскресение!