Венец од пофалби за Мајката Божја – Втор Акатист

Пак и пак со незамолчливи усти, ние верните, кои врвиме низ безводната пустина на постот, освежени од молитвениот заклон на Богомајката, ѝ воспеваме пофалби, радувајќи се заедно со небесните, и ликувајќи заедно со апостолите и мачениците, бидејќи таа е заштитничка од невидливите непријатели, тврда поткрепа на верата, светло познание на благодатта, и ние недостојните преку неа во слава се облековме. Како можеме да не ти пееме, кога Ти, Пречиста Мајко, избавуваш од варварско идолослужение, ослободуваш од лоши дела и од пламенот на страстите, учејќи нè на целомудрие. И сега, кога во пост и молитва се трудиме Твојот Син да Го смилостивиме, на Тебе се надеваме. Зашто Ти си свет покров поширок од облак, Ти си храна што ја замени манната, ветена земјо наша од која тече мед и млеко. И до крајот на ова свештено патување, до подножјето на Христовиот Крст, заедно со Тебе ќе го победуваме непријателот на нашите души, раскинувајќи ги со пост и воздржание мрежите на страстите со кои нè врзал.

Радосен беше и воскликот што светата Рајчичка Обител ѝ го упати на Небесната Царица, стократно умножен со архиерејскиот благослов и умилното читање на акатистната пофалба од нашиот Старец и владика, Партениј. Неговото верно срце кое отсекогаш молитвено ѝ припаѓало на Божјата Мајка, сега имаше можност да ја излее својата бескрајна љубов кон Неа, разгорувајќи ги така и срцата на присутните во параклисот на преподобните Светогорски Отци, Светите Григориј, Нектариј и Јован. На тој начин, низ оваа благодатна и умилна богослужба, како да се најави претстојното торжество на параклисот и Рајчичката манастирска слава.

Преблагословена Владичице, бидејќи си Мајка на човекољубивиот Бог, човекољубиво смилувај се на светот, слушни го овој наш восклик и прими ги  смирените молитви што ти ги принесуваме. Ти, Милостива, послужи се со својата мајчинска слобода и помоли Го Твојот Син и наш Владика и Господ, да ја отвори Својата неискажлива благост и да го отклони од човечкиот род ова тешко искушение што како пандемија надвиснало над нас, та откако ќе ги разбуди срцата за покајание и стопли со љубов студените души, да ги врати топлата срдечност меѓу човечките односи и единството на православните народи.