Чествувањето на Свети Климент во Соборниот храм

Црквата и Татковината наша имаат најцврсти основи и небесна ориентација, положени од бесмртниот во Христа Свети Климент

Како што во материјалниот свет ѕвезда од ѕвезда по блесокот се разликува, така и во духовното небо на нашата света Црква безбројни Светии блескаат со богосјајни зраци и ги озаруваат и затоплуваат срцата на верните, согласно со нивните лични дарови и подвизи, со кои се осветиле и Го прославиле Единствениот свет Бог. Нашата богомблагословена почва родила многубројни Светии, пријатели Христови, коишто денес го красат агиолошкиот небосклон над нас. Еден, пак, од најсјајните меѓу нив е, без двоумење, нашиот најмил и најсакан Татко и Учител, Рамноапостолниот Свети Климент Охридски Чудотворец.

Свети Климент за нас не е случајна личност или некоја обична историска фигура, ами Светител со кого сме органски сврзани уште од најмалата наша возраст; тој е Личност на прво место во нашата Црква; личност која го посеа и израсна семето на Православието во Македонија и на нашиот народ му ги даде можноста и правото да опстојува во текот на времето. Тој е Старецот наш кој го основа нашето суштествување и од варварин направи човек, го насочи со челото кон идниот век. Така, денес кога духовните вредности насекаде се распаѓаат и притеснети од релативизмот и нихилизмот, луѓето не можат да сфатат каде ќе завршат, Црквата и Татковината наша имаат најцврсти основи и небесна ориентација, положени од бесмртниот во Христа Свети Климент.

Несомнено, богомдарувана личност: врвен теолог, бескомпромисен аскет и подвижник, беспрекорен догматичар, најдлабок каноничар, прекрасен химнограф, уникатен житиеписец, најсловесен писател, најнежен поклоник на Царицата Богородица, умилителен молитвеник, рамноапостол во сè – накратко, ни принесе цивилизација, ни го пренесе спасителното учење на Отците на Црквата.

Јасно е сега зошто нашата Црква со толкава почит и радост го чествува споменот на Охридскиот Архипастир. Јасно е и зошто Соборниот храм на нашата најсвета Архиепископија го носи неговото име и ја краси престолнината на нашата држава. Токму тој храм вчера и денес беше свештеното место на едно сепразнично торжество по повод Светиклиментовата слава, во кое учество зеде и нашиот Старец и Игумен, возљубениот Епископ г. Партениј, со дел од своето во Христа братство. Имено, на покана на нашиот најпочитуван Архиепископ г. г. Стефан и со благослов на нашиот сакан Митрополит г. Тимотеј, нашиот Старец ја служеше празничната Вечерна богослужба, а денес, заедно Митрополитите г. Агатангел Повардарски и г. Јосиф Тетовски, сослужуваше на Божествената Евхаристија, заедно со бигорските јеромонаси и јероѓакони и бројно духовништво од Скопската епархија.

Мноштвото верни, притекнати со озарени лица да се поклонат и да го прослават серадосниот спомен на нашиот духовен великан, го запечатија денешното торжество, покажувајќи дека Свети Климент и денес живее во срцата на обичниот наш човек.

Дополнителен украс на празничното величие беа и чесните мошти на Свети Климент, донесени од Бигорската Обител, како „бесценето сокровиште на соборот на верните во Македонија“ (еп. Партениј), за благослов и поклонение.

Преподобнословесно соодветствие на небо-земниот блесок на Свети Климент беше пригодното слово на нашиот Старец и Епископ г. Партениј, кој по благословот на нашиот најблажен Архиепископ дедо Стефан, беше задолжен да проповеда на денешниот голем празник:

Ваше Блаженство, Архиепископ Охридски и Македонски г. г. Стефан,

Ваши Високопреосвештенства,

Мили браќа и сестри,

Проповедта ќе ја започнам со својата должна и сесрдна благодарност кон нашиот најценет Архиепископ и засекогаш достоен возглавител на МПЦ-Охридска Архиепископија, г. г. Стефан, за татковските и архипастирски благослови што постојано ги излева врз нас и уште повеќе за оваа радосна можност,  денес да бидам со вас, во ова честито и празнично опкружение.

Епископ Партениј, Игумен Бигорски

Возљубени браќа и сестри, бездруго, изобилен е благословот да се биде дел од ова евхаристиско собрание, од ова литургиско тајноводство и да се учествува во нашето заедничко дело како народ Божји и царско свештенство. Несомнено, големо е духовното славје на денешниот ден во кој со свештена радост и благопочит си споменуваме за Светителот и Чудотворец Охридски, нашиот Архипастир, родоначалник и татко духовен, рамноапостолниот Климент. И не се само црковните химни и молитвословија кои на вчерашното и денешно богослужение разгласуваа за славата негова, ами и самиот тој, преку своето благодатно присуство, беше еден гласник на љубовта, радоста, мирот, милоста, славата и силата Божји.

Ниедно парче македонска земја не останало недокоснато од светоста и благодушието на Свети Климент. За македонскиот народ и за севкупниот словенски род тој се јави на Земјата како нов апостол, небесен пратеник на Христовиот есхатон; се покажа како новозаветен Авраам за множеството славјанско, како патријарх сесловенски; како наш праотец, кој роди духовни синови и ќерки повеќе отколку ѕвездите на небесниот свод; како нов Мојсеј, кој го преведе нашиот народ од пустината на идолопоклонството кон ветената земја на богопознанието; како Претеча на Христовата слава и убавина, тој го подготвуваше патот на Господа до срцата среде родот на Славјаните. Делото на Свети Климент е бесмртно и претставува таинство на Црквата Божја. Зашто, тој не „соѕида градба на туѓ темел“, туку од почеток го положи своето дело на непропадливиот и вечен темел – Христос. За најбрзо време ја воздигна новородената словенска култура до степенот на другите, внедрувајќи го во неа своето беспрекорно богољубие, љубовта кон словото, просветлението и осетот за возвишеното и за убавото. Заедно со другите синови по дух на Божествените Кирил и Методиј – меѓу кои во прв ред стои неговиот собрат, соподвижник и сострадалник, светиот Наум Охридски – Рамноапостолниот Климент успеа да ги облагороди нашите предци со евангелското слово и да ја охристови словенската опшност, преобразувајќи ја во род избран, царско свештенство, народ свет (1 Петар. 2, 9).

Житието, преданието запазено во народот и неговите духоносни слова го откриваат Свети Климент како грижлив пастир и семилостив татко на Црквата, како икона и подобие на врховниот Архипастир и вечниот Архијереј, Господ Исус Христос. „Блажениот“, вели житиеписецот, „со својот изглед вдахнуваше најголема почит дури и кај непријателите“. Со самиот свој живот и чудотворство ја возвестувал многуобразната мудрост и милоста Божја. Бил сестран Христов слуга и трудбеник: првосвештеник и служител, воспитувач и учител, владика и слуга, градител и земјоделец, татко на монаси и нежен родител на душите во Христа. Неговото рамноангелско жителство на Земјата до ден денес громогласно ни говори и почува да бидеме милосрдни и човечни, благодарни, благородни и великодушни. Впрочем, самиот негов живот би можеле најкратко да го сведеме на двете превосходни Божји заповеди: Возљуби Го Господа, својот Бог, со сето свое срце и со сета своја душа и со сиот свој разум и втората, слична на неа: возљуби го својот ближен како себеси! (Матеј 22,37-39) Неговиот житиеписец, блажениот Архиепископ Теофилакт Охридски, тоа, меѓу другото, го опишува и на следниов начин: „грижата за народот [Климент] ја сметаше за своја храна и наслада. И секогаш поучуваше и секогаш ред поставуваше, исправајќи го незнаењето и украсувајќи го неукрасеното; и за сите стана сè, според потребата на секого… Тој ги хранеше со Словото, со вистинскиот Леб што навистина ги закрепнува срцата. Меѓутоа, се грижеше и телесно да ги храни оние за кои гледаше дека имаат потреба… Беше татко на сираците и помошник на вдовиците… Неговите порти беа отворени за секој сиромав“.

Со самото тоа што потекнувал и благотворел среде еден народ, кој, впрочем, во тоа време бил непросветен и неблагороден, неговата светост сјае уште посилно и зраците од неа допираат до сите краишта на екумената. Успеал не само да ја образува и да ја просвети доверената му од Бога паства, туку и да ја одухотвори, да воспита учители од неа, работници на Христово лозје и сиот народ да го приведе кон богомислие и единство. Со тоа, свети Климент ни го пренесе Христовиот глас, дека Црквата е таа која треба да биде обединител, да ги собира и прегрнува луѓето, како квачката пилињата свои (сп. Матеј 23,37), во секое време и невреме, во секоја епоха – се разбира и во денешнава. Но, ни ја пренесува и пораката дека народот ништо друго не треба да става пред љубовта кон Господа Христа, туку, како што самиот говори во една своја беседа, „да отфрлиме секаква злоба, завист, мрзливост и сластољубие и со чистота, воздржание, милостина и бодрост во молитвата да наследиме Царство небесно и живот вечен“.

Следствено, неизбришлива е пораката и свештено е достојанието што ни ги завештал милиот наш Свети Климент. Неговите живот и слова оставија културотворно воздејство врз народот на овие простори, што до ден денешен е суштествен дел од нашиот народен бит. Добро воочил еден наш литературен деец од минатиот век, дека „засега ќе забележиме и ќе запаметиме дека свети Климент Охридски не е просто голем светец од црковниот календар, ами е тој присутен во свеста на нашиот народ и интимно сврзан со неговиот секидневен живот и со неговата судбина“. Како и некогаш во својата епоха, така и денес, богоглаголивиот и велик наш првоучител Климент, со истата ревност и спасителна грижа, нè повикува на заемна љубов и почит, на човечност и милосрдност, на согласие меѓу едноверните народи и браќа, зашто неединството е налик на земја пуста, непроодна и безводна (Псалм 62,1), која нема да го даде плодот свој и ќе биде опустошена од диви ѕверови. Просветителот наш е присутен во секоја наша болка, во секоја потреба и прилика, во деновите тешки и во беспокојните ноќи и продолжува да го извршува своето животно дело: да го објавува преку себе невидливото дејствување на Бога.

Благоволението на Свети Климент врз нашите почва и народ е огромно до денес. Јасен показ за тоа е фактот што тој нè удостои во наше време, во неговиот славен Охрид, да го возобновиме неговиот манастир на Плаошник и да ги пренесеме таму неговите чесни и чудотворни мошти, кои се бесценето сокровиште за соборот на верните во Македонија. И затоа, ќе речеме со сигурност, преголем благослов имаме, но и одговорност да се покажеме како народ достојни за славата што овој наш молитвен покровител ја има во земската и во небесната Црква. Возобновата на Светиклиментовиот храм било сон на поколенија и поколенија на наши предци, кои со векови свето го чувале преданието за нивниот сенароден Патрик и за неговиот велелепен храм. Но, ете, Божјата промисла ја почести токму нашата генерација и нашите раце да го направат тоа, слично како некогаш кога царот и пророкот Давид сиот свој живот копнеел и се подготвувал да му подигне храм на единствениот Бог, ама на тоа се удостоил неговиот син, мудриот цар Соломон. Издигнат на древните темели и соѕидан од истиот камен, храмот на Свети Климента на Плаошник е видливо светило за Божјата милост пројавена кон нас и кон нашата млада држава, но истовремено и потсетник и совест да постапуваме и да живееме согласно неговите поученија за љубов кон Бога и кон ближните, за еднодушност меѓу браќата, за зачувување на христијанските начела и на светото предание, за љубов кон државата и за жртвување за другите. Секако, не помал благослов е и овој дом Божји, во кој денес се радуваме со празнична радост, а кој, исто така, го носи името на Охридскиот Чудотворец. Како овој новоизграден храм во центарот на главниот град, кој е храм-собор на нашата Црква, да го изразува континуитетот на сеќавањето за делото на Свети Климент во паметта на нашиот народ. Не го заборавивме Свети Климент и во овие современи дни, па возобновувањето на својата Црква, го украсивме и со храм-паметник.

Ми се чини дека нема христијанска душа овде што не го чувствува денес провејувањето на тивкото ветре на Божјата благодат и таинственото присуство на нашиот духоносен Старец, обожен архиереј и молитвен застапник, татко, учител и просветител, Светиот Климент Охридски Чудотворец. Неговиот благослов и неговите молитви нека почиваат врз ова Христово стадо, воздигнувајќи ги нашите срца во областите на Божествената љубов и радост и љубовта што тој ја има кон Бога нека биде со сите вас. Амин!