Цветници во Бигорски

Оној Кој за престол го има Небото и за подножје – Земјата, совечното Слово и Син на Бога Отецот, се понижува да седне на бесловесно осле. Затоа еврејските деца, држејќи во рацете гранки, гласно Го восфалуваа: Осана во висините, благословен е Оној Кој иде – Царот Израилев.

Стихира од вечерната богослужба

Симнете ја проповедта на вашиот уред


Недела Цветоносна, недела на радост и веселба. Ден на цветен пречек на смирениот и кроток по срце Господ наш Исус Христос, Кој влегува во светиот град Ерусалим, седнат на осле.

Земните цареви имаат потреба од војска и оружје, за да покажат сила и власт. Но, Оној Кој е вистински силен и Кој има власт со збор да ги врзе Небесата и Земјата, пред Кого трепери сето создание, нема потреба од докажување. Напротив, на таквиот Цар омилено Му е смирението и кротоста. Тој е Цар на оние кои се смирени и кротки, во кои живее мирот Божји, кои се миротворци и кои со силата и љубовта на Бога која пребива во нив, тагата ја претвораат во радост, тешкотијата во леснотија, а животот го исполнуваат со мир, љубов и смисла, бидејќи се Христоносни. Не постои човек, кој кога би се нашол во близина на некој добар и прочуен земски цар или големец од овој свет, не би почувствувал восхит, радост, сигурност и почит. Тогаш колку повеќе ние, Христијаните, го чувствуваме тоа во близина на вечниот Цар на Небото и Земјата, Кого уште и го примаме во себеси!

Нашиот Старец и Епископ г. Партениј, кој е вистински миротворец и носител на Христовата радост и љубов, во ова празнично торжество молитвено претстоеше на ноќното бдение и чиноначалствуваше со светата Божествена Литургија, ликувајќи со нас и воскликнувајќи: „Осана во висините! Благословен е Оној Кој доаѓа во името на Господа! Благословен е Оној Кој доаѓа да се соедини со нашите души на светата Евхаристиска трпеза, принесувајќи ни се целосно и излевајќи ни радост од вечноста!“
По читањето на Апостолот и Евангелието, нашиот Старец ни проговори за значењето на овој голем Господов празник, објаснувајќи ни ја длабоката смисла и правилната перцепција што треба да ја имаме, за да ги разбереме духовните нешта. Да не бидеме како заслепените од завист свештеници и фарисеи, кои не сакаа да Го прифатат, да ја прифатат радоста на незлобливите свои деца, да ја прифатат радоста на вечниот живот:

Во името на Отецот, Синот и Светиот Дух!

Од Посланието на Апостолот Павле до Филипјаните, предвидено да се чита на Литургијата овој ден, чувме како тој ги повикува Христијаните на непрестајна радост: Радувајте се секогаш во Господа и пак ќе речам: радувајте се! (Филип. 4,4) Многумина од нас ќе се запрашаат како може човек да се радува денес, кога сме опкружени со толку многу искушенија, со притесненија од сите страни, со мачнотија на духот? Светот е целиот смутен, времето во кое живееме ни причинува многу таги и несреќа, животот е така устроен, што за душевното здравје воопшто не се води грижа. Но, да се вратиме малку во епохата во која живеел Апостолот Павле и го напишал ова радувајте се. Време на Римската Империја. Немилосрдните незнабожечки власти дишеле со омраза кон Христијаните. Христијанството било сурово гонето. Доколку некој јавно исповедал дека е следбеник Христов, веднаш бил осудуван на измачувања и смрт. Да се биде Христијанин, во очите на властите било еднакво како да се биде разбојник, најголем престапник и непријател на Царството, бидејќи согласно тогашните пагански верувања, императорот бил сметан за божествено и никој освен него не смеело да биде нарекуван цар и владетел. Затоа верните кои Го исповедале Христа за вечен Цар биле толку остро гонети и убивани. Но, ете, и покрај сета таа неповолна клима и страшните неволи за Христијаните, Апостолот ги повикува на радост и бестрашност. Ги повикува, затоа што тие се ученици и следбеници на Царот на мирот, деца на радоста Божествена. И на друго место во своите посланија Свети Павле вели дека плодот на Духот е: љубов, радост, мир… (Гал. 5,22)

Денес го славиме влегувањето на Господ Христос во Ерусалим како Цар на мирот. Во Евангелието што го чувме пред малку, можевме да забележиме различни перцепции на луѓето во однос на Него. Имено, по славното воскресение на Својот пријател Лазар, кој претходно четири дена лежел мртов во гробот, Исус оди на вечера во неговиот дом во селото Витанија, близу Ерусалим. За време на вечерата, Марија, сестрата Лазарева, поттикната од благодарност излева врз Христа чисто скапоцено миро и со својата коса Му ги брише нозете. Таа дала сè што имала, сето свое богатство, за да купи најскапо миро и со него да Го помазе Помазаникот Божји, Спасителот свој, бидејќи силно верувала во Неговото чудотворство, во Неговата спасителна моќ. Од друга страна, пак, ученикот Јуда, кој бил избран и назначен за проповедник и апостол, пратеник Господов, веќе негодува против оваа постапка на благодарност и ја укорува Марија, затоа што тој бил опфатен од страста на среброљубието.

Потоа, на другиот ден, кога Господ славно влегува во Светиот Град – и таму, исто, среќаваме различни перцепции за Него. Децата и доенчињата со радост воскликнуваат: Осана! Благословен е Кој доаѓа во името Господово, Царот Израилев! Иако некои од нив сè уште не проговориле, на чудесен начин, просветлени и оснажени од Светиот Дух, исполнуваат пророштво од Стариот Завет: Од уста на младенци и доенчиња си совршил пофалба заради непријателите Свои (Пс. 8,2). На чистите детски срца, во радоста и пофалбата кон Господа, им се придружуваат и незлобливите возрасни, луѓето со отворени срца, кои можеле да познаат дека Оној Кој сега триумфално влегува во Ерусалим е необичен и чудесен, добар и вистинит. А во тоа време Градот бил преполн со луѓе, бидејќи наближувал големиот празник Пасха, па Евреи од сите страни  се беа собрале за да празнуваат. Дополнително, многу луѓе допатувале во Ерусалим и за да Го видат Исуса, Кој е Он, бидејќи претходно чуле за најголемото чудо, Лазаревото воскресение: Затоа и Го пречека народот, сведочи Свети Јован Богослов, зашто беше чул дека тоа чудо го направи Тој (Јован 12,18). Така, сиот народ, и ерусалимските жители и дојденците, излегле за торжествено да Го пресретнат  Христа. Едни од љубопитство, други со лоши помисли, трети со вистинска љубов. Фарисеите, првосвештениците и книжниците биле крајно разочарани и огорчени од фактот што Он доаѓал така смирено, качен на осле. Тие сметале дека Месијата на Израил ќе биде силен војсководец и цар кој ќе ги победи Римјаните и ќе основа големо израилско царство. Исто така, тие во Христа гледале ривал за нивната старешинска и свештеничка служба, па затоа страшно Му завидувале. Ако дотогаш само намислувале да Го убијат, по воскресението на Лазар тие веќе скроиле конкретен план за убиство и го ставиле на прво место како свој приоритет. И како што знаеме, тој план бил наскоро остварен во деновите непосредно пред Пасха.

Празнувањето на најголемиот празник во Христијанството, Светата Пасха, Воскресението Христово, започнува токму од денешниов ден, со влегување на Христа во Ерусалим и во срцата на луѓето. Он и денес, доколку Му дозволиме, може благодатно да влезе и да биде присутен во нашите животи, да биде наш пријател, сожител во нашите срца, без разлика на епохата во која живееме и притесненијата со кои се соочуваме. Видовме, времето и опкружувањето немаат улога за примањето на Господа и за радоста во Него. Важна е нашата перцепција и настроение. Да не бидеме како Јуда, кој беше обземен од страста на среброљубието; да не бидеме ни како свештениците, кои беа исполнети со завист; да не бидеме ни како фарисеите, кои очекуваа земска власт и придобивки, туку да Го примиме Христос како Цар на мирот, Кој ќе нè ослободи во вистинска смисла на зборот и ќе нè направи причесници на неминливата радост. Потребно е само со отворени и искрени срца да Му пристапиме како на Спасител и наш Господ. Низ сите векови и низ сите епохи Он е слободата и вистинската радост и единствената причина за радост на овој свет.

За жал, погрешното восприемање на Христа создава страшни проблеми и внатре во Црквата. Така, на пример, имаме луѓе кои сметаат дека треба да Го бранат Христа дури и со убиствено оружје, затоа што имаат тотално погрешна претстава за Него. Христијанинот никогаш не треба да употребува насилство, за да го наметне она што тој си мисли дека е правилно или вистинско. Со самото тоа тој запаѓа во прелест, во ужасна духовна заблуда. Дека ова е така, доволно е да се потсетиме само на Христовите зборови со кои ги испраќаше Своите ученици на проповед, да го освојат овој свет во Неговото име, за вечен живот: Ете, Јас ве праќам како овци меѓу волци: бидете мудри како змии и незлобни како гулаби (Матеј 10,16). Не им даде оружје, не ги поучи да употребуваат сила и со убивање да го бранат Неговото учење. Па така, тие и нивните следбеници, со мирот и радоста што Господ им ги даде како најсилно оружје, ја преобразија тогашната Римска Империја, која ги гонеше и убиваше и ја претворија во христијанска. Беа гонети, измачувани, убивани, но и во најголемите маки тие не зедоа оружје в рака за да се наметнат над другите, туку поскоро се радуваа што Го сведочат Христа и со своите страданија. Во Житијата на Мачениците читаме како тие се радувале во маките поднесувани заради името Божјо. Таа радост во нив што произлегувала од нивната заљубеност во Христа, ги преобразувала и најсуровите срца, па така имаме многубројни случаи кога мачителите, освоени и преобратени од радоста и мирот на Христијаните, и самите станувале маченици.

Значи, мили мои, да ги отвориме своите срца за Овој единствен и вистински Цар на мирот и на радоста, да Го пречекаме и примиме во нив, та да заприлегаме на Неговите ученици по Воскресението, кои откако биле поздравени од Неговата света уста со зборовите Радувајте се! – започнале да ја распространуваат таа Божествена радост ширум светот. Христијанството е единствената радост и утеха во овој свет и во вечноста. Затоа, ве молам, да се потрудиме да бидеме деца на нашиот Бог, деца на радоста и на љубовта Негова, деца кои ќе ја примаат благодатна сила од Него, за да ја шират таа љубов и радост околу себе.

Добра Страсна седмица и добро Воскресение! Амин.