Манастирот „Свети Никанор“ – Заворда
На враќањето кон дома, нашиот најмил Старец нѐ поведе до уште една света и историска обител – манастирот на преподобниот Никанор во Заворда, прекрасно сместен на падините на планината Калистрат, над реката Бистрица. Срдечно нѐ пречека старецот на обителта, архимандритот г. Серафим, со своето прекрасно, христоподобно и трудољубиво братство.

Обителта, и таа посветена на Преображението Господово, ја основал во 16. век преподобниот Никанор од Солун (1491–1549), продолжувајќи го подвигот на првиот подвижник на тоа место – светиот Калистрат, по кого го носи името и самата планина. Преданието раскажува дека и самото име „Заворда“, или постаро „Забурда“, потекнува од зборовите коишто ги изговорил некој турски бег: откако светиот Никанор му го исцелил тешко болниот син, благодарниот бег му ги подарил на манастирот сите околни земји со зборовите „запт бурда“ – „задржи го ова“. Денес преподобниот Никанор се почитува како еден од најголемите светители и покровители на целиот тој крај. А денешното трудољубиво братство, предводено од старецот Серафим, со огромна љубов и со префинето чувство за убавина го обновува, украсува и доградува овој свет манастир. Така, обителта и денес продолжува да живее и да сведочи дека љубовта кон светителите и кон Божјиот дом секогаш раѓа нова убавина.
Се поклонивме на многубројните светињи на обителта: чесната глава на ктиторот свети Калистрат, главата на светиот маченик Мартириј, честица од Чесниот Крст, моштите на свети Пахомиј Хиоски и на многу други, како и на нераспадливата рака и на гробот со светите мошти на самиот преподобен Никанор. А со посебна, синовска радост – ние, братството на Чесниот Претеча – се поклонивме и на моштите од свети Јован Крстител, целивајќи го, како синови, образот на својот небесен Покровител и надвор од нашиот манастир. Храмот го краси живописот на Франгос Кателанос, истиот значаен зограф од Тива, а со голема благодат нѐ озари и чудотворната икона на Пресвета Богородица од 15 век.
Беше тоа последната светиња на нашиот пат и, како по некоја света промисла, повторно храм на Преображението. Како Господ да сакаше да нѐ испрати дома со истата порака со којашто нѐ пречека: да слеземе од гората, но преобразени; да се вратиме дома, носејќи во срцата благослов од нетварната светлина.
Се вративме дома преполни од благодатта. Оти поклонението не е туризам, ами искачување: како што светите оци ги искачувале овие камени висини за да се доближат до небото, така и секое вистинско поклонение нѐ воздига кон она преобразено гледање на светот во Таворската светлина. Слеговме од Метеорите, но Метеорите не слегоа од нас.
Од сето срце и со најдлабока синовска љубов Му благодариме на нашиот возљубен старец и монашки родител, Неговото преосвештенство епископот Антаниски г. Партениј, којшто со татковска љубов и мисла нѐ поведе по овие свети патишта и нѐ направи сопричесници на толкава благодат. Неговото присуство беше срцето на целото патување: онаму каде што нѐ пречекуваа со најтопла љубов, со насмевка, со широчина, со раширени раце и срца – ние гледавме како е почитуван самиот наш Старец, а преку него и целото наше братство и нашата света Црква. Со длабока благодарност ги споменуваме и нашите прекрасни домаќини, коишто нѐ примија со Авраамово гостољубие и со охристовена љубов: отците, браќата и сестрите од светите обители, и особено Високопреосвештениот митрополит Стагиски и Метеорски г. Теоклит! Нека Господ, по молитвите на Пресвета Богородица и на сите светии чиишто свети мошти ги целивавме, стократно им возврати за она што ни го дарија, а на сите нас да ни подари да го продолжиме искачувањето кон Него, сѐ додека и нашите души не станат „метеори“: возвишени меѓу небото и земјата, прицврстени само за љубовта Божја. Амин.































