(Видео) Литургиска полнота на Бигорското торжество во чест на свети Јован Крстител

По свештената ноќ исполнета со молитва, псалмопение и со неискажливата радост од монашкото раѓање на тројца нови браќа, празникот на Усекновението на чесната глава на светиот славен Пророк, Претеча и Крстител Господов Јован денес ја доби својата највозвишена и природна полнота – во светата Божествена Евхаристија.

Оти, секое црковно празнување кон неа води и во неа се исполнува. Сите песнопенија, молитви, поклони, сите човечки радости и солзи, конечно се собираат околу една Трпеза, каде што Самиот Христос станува и Оној Кој принесува и Оној Кој се принесува, и Дар и Дароприносител.

Од раните утрински часови Бигорското светилиште повторно беше исполнето со многуброен верен народ. Поклониците кои ја поминаа ноќта на бдение се соединија со нови реки верници пристигнати за празничната Литургија, така што храмот, дворот и манастирските конаци повторно станаа едно големо молитвено собрание околу чудотворниот лик на нашиот небесен Домаќин.

На светата архиерејска Златоустова Литургија чиноначалствуваше Неговото високопреосвештенство митрополитот Дебарско-кичевски г. Георгиј, во сослужение со нашиот старец и игумен, Неговото преосвештенство епископот Антаниски г. Партениј, со браќата свештенослужители од Обителта, како и со благоговејните свештеници: протопрезвитерите Бобан Митевски од Скопје и Горан Ставрески од Охрид, презвитерите Павел Крцоски од Охрид и Миле Ангелкоски од Дебар, како и протоѓаконот Николче Ѓурчиноски од Охрид. Небесното пеење на двата хора, Бигорскиот и хорот „Свети Јован Кукузел“ од Тирана, што ја озари празничната ноќ, продолжи и денес на светата Евхаристија, возвишувајќи ги срцата на присутните во едно заедничко славословие кон Бога.

Околу свештената Трпеза видливо се откриваше она што Црквата е во својата најдлабока суштина: собрание во Христа. Архиереите, свештенството, монаштвото и верниот народ – едно евхаристиско тело, собрано да Му благодари на Бога за сите Негови добрини и да го прослави оној кој целиот свој живот беше сведоштво за Христа.

Свети Јован никогаш не ги собира луѓето околу себе за да ги задржи кај себе. Тој секогаш покажува понатаму: „Еве Го Јагнето Божјо“. Во тоа е и неговата величина. Тој е најголемиот меѓу родените од жена токму затоа што ништо не задржа за себе. Својата слава ја претвори во сведоштво за Христос; својот глас – во повик кон покајание; својот живот – во патоказ кон Царството; а на крајот и својата глава ја положи за вистината. Затоа и неговиот празник, иако по својот историски настан е празник на маченичка смрт, во Црквата не носи безнадежна тага. Во него има сериозност и свештен трепет, но зад отсечената глава на Претечата веќе блеска победата на човекот кој не ја предаде вистината. И зад неговата смрт стои сведоштвото дека оној кој Му припаѓа на Бога не може вистински да биде победен од светот.

За значењето на празникот и за личноста на Господовиот Претеча, нашиот почитуван митрополит г. Георгиј му се обрати на верниот народ со пригодно архипастирско слово, потсетувајќи на духовната порака што свети Јован продолжува да му ја упатува на секое поколение. Во своето слово тој со особена љубов се осврна и на новите браќа монаси, говорејќи за длабочината на нивниот призив, за сериозноста и убавината на монашкиот подвиг, како и за благодатната радост со која Црквата ги прима оние што доброволно го принесуваат својот живот на Христа. Притоа, митрополитот ја изрази својата срдечна благодарност кон нашиот Старец за поканата, за неговата неуморна грижа околу благолепието на светата Обител и за татковското раководење на монашката заедница. Со топли зборови му ја честиташе и триесетгодишнината од монашењето на отец Доситеј, а својата благодарност ја упати и кон бигорскиот хор, како и особено кон хорот „Свети Јован Кукузел“ од Тирана, кои со своето навистина прекрасно пеење го украсија литургиското славословие и ја направија празничната радост уште поцелосна.

Годинашното торжество за Бигорската обител имаше уште една радост што не можеше да се сокрие: меѓу браќата денес за првпат на празничната Литургија во своите нови монашки знаменија стоеја монасите: Теодосиј, Харитон и Никифор. До вчера Стефан, Владимир и Јован, а од свештената ноќ – нови луѓе со нови имиња, не затоа што го отфрлиле она што биле, туку затоа што она што биле Му го принесоа на Христа, за од Него да го примат преобразено. Колку е чудесна радоста на едно монашко братство кога ќе добие нов монах! Светот можеби гледа човек кој се откажал од нешто. Црквата, пак, гледа човек кој нашол драгоцен Бисер и заради Него со радост остава сѐ друго. Светот гледа затворање на една врата; Црквата гледа отворање кон вечноста. А духовниот отец гледа нешто што најмногу личи на раѓање. Затоа денес срцето на нашиот Старец беше исполнето со онаа тивка татковска благодарност која тешко се искажува со зборови. Тројца негови духовни синови, со години воспитување во монашкото послушание и заеднички живот, застанаа како монаси во домот на свети Јован – уште три рожби во големото духовно семејство што Божјата благодат го собра околу него.

А со нив се радува и целата Обител. Се радуваат постарите браќа, гледајќи дека монашката верига продолжува. Се радуваат помладите, добивајќи нови сопатници во подвигот. Се радуваат сестринствата, духовните чеда и верниците. Се радува, веруваме, и нашиот свети Јован, гледајќи дека неговиот дом и понатаму раѓа луѓе кои сакаат да Му припаѓаат целосно на Христа.

На нашите мили браќа Теодосиј, Харитон и Никифор им посакуваме нивниот вчерашен завет да се обновува секое утро од нивниот живот. Да не бараат големи подвизи, туку голема верност во малите нешта. Да го љубат послушанието, за преку него да ја познаат вистинската слобода. Да ја чуваат молитвата како здив на душата. Да не ја изгубат првата љубов со која тргнале по Христа. И кога ќе дојдат суви денови, искушенија и замор, да се сеќаваат на оваа света ноќ, на своите завети, на татковскиот поглед на Старецот и на ликот на Чесниот Претеча пред кого го започнаа новиот живот.

А на нашиот возљубен Старец нека му дарува Господ уште многу духовни рожби и сили да ги носи, воспитува и приведува кон Христа.

Свети Јоване, Пророче, Претечо и Крстителу Господов, небесен домаќину на Бигорски, прими ја благодарноста на своите чеда. Чувај ги нашиот Митрополит, оваа свештена Обител, нејзиниот Старец, монасите и монахињите, сите нејзини духовни чеда и сиот наш народ. Научи нè и нас да ја љубиме вистината како тебе, да се каеме искрено и со целиот свој живот да покажуваме кон Христа.

Нека е за многу години празникот на нашиот највозљубен небесен Заштитник! На многу години на новите монаси Теодосиј, Харитон и Никифор! И нека Светиот Претеча ги чува под својот молитвен покров во сите денови на нивниот монашки живот.

Со искрена благодарност си спомнуваме и на нашиот драг Стојан Стојановски и дечките од „2С-Студио“, кои и вчера на бдението и денеска на светата Литургија пожртвувано се потрудија да извршат беспрекорен пренос во живо на светите богослуженија, овозможувајќи празничната молитвена радост да допре и до сите оние што не можеа телесно да бидат со нас. Со благодарност ги спомнуваме и Александар Пауновски, Никола Грнчаров и Јован Ангелески, кои со љубов, труд и професионална грижа се погрижија ова духовно торжество да остане забележано во убави и достоинствени визуелни сведоштва.