Под краците на Крстот Господов во Рајчица

„Крстот е чувар на целата Вселена; Крстот е убавина на Црквата; Крстот е утврдување на верните; Крстот е слава за ангелите и пораз за демоните – пее Црквата победничка денес, прославувајќи го Животворното Крсно Дрво Христово и неговото славно Воздвижение.“

Се возвишува Крстот што се извлекува од длабините на земјата, скриен таму поради завист; се возвишува, но не за сопствено прославување, туку за да се прослави Оној Кој на Него прикован беше; се возвишува, за со него да се возвиши нашата скрушена душа; се возвишува, за да се смири гордиот; се возвишува ова некогаш срамно, а сега славно орудие, за да го врзе бесрамниот; се возвишува, за да се покаже колку е суетна зависта на неговите непријатели; се возвишува за да не остане сокриено закопаното богатство на животот; се изнесува за ние да го примиме бисерот што распнувачите ни го покажаа спротивно на нивната желба. Се издигнува денес пред нас ова знамение на победата над гревот и смртта, кое блеска со светлината на Бога Живиот, исправено стои за ние смирено да му се поклониме и со љубов да Го целиваме; се издигнува за да помниме колку неизмерно нè љуби Бог, се покажува за да нè направи причесници на Божествената љубов.

Се допираме денес, ние верните, до Животворното Дрво, до оваа голема светиња чијшто дел верно се чува во Рајчичката свештена обител. Го слушаме повикот на Црквата која ни вели високо пред нашите внатрешни очи да го издигнеме Чесниот Крст Господов, за духовно да прогледаме и да се избавиме од демонските измами. Притекнуваме за да се поклониме на Крстот, доаѓаме за да ги испееме најубавите пофалби што ни ги допираат душите. Стоиме благоговејно, молејќи Го Распнатиот да ни даде силa со животот свој да ја посведочиме верата во Крстот, да ја покажеме ширината и висината на Воздвижението. Зашто само по тоа ќе нè познаат за Негови, само така ќе разберат колку голема и чудесна е тајната на Крстот и дека не е залудно што неговото пронаоѓање се празнува по целата земја.

Вака заблеска Рајчичката обител и на овогодинешното Воздвижение – торжествено, свечено, гостољубиво. Вака засветлија душите слушајќи ги поучните зборови за значењето и величието на Крстот, од оној кој секојдневно сведочи за неговата сила – нашиот највозљубен Старец, Епископот Антаниски г. Партениј.