Радувај се поширока од небесата! (Трет Акатист)

Цветот неовенлив на духовната пролет, Пресвета Дева Марија, со недостојни усни ја воспеваме, принесувајќи ѝ ги молебниот канон и акатистната пофалба.

И самата помисла дека вечерва е мигот на Акатистот, предизвикува најубави чувства во душите на монасите, а и на секој Христијанин, познавајќи го величието на Пресветата и на нејзината Богородична прегратка. 

Со душевен восторг и срца кои искрено ја љубат, почитувајќи ја како Мајка на Господа, ја фалиме и опеваме како достојна за секоја човечка и ангелска пофалба, опсипувајќи ја со љубов преку најубави епитети што некогаш ги излеало срце човечко.

Радувај се поширока од небесата! 

Радувај се палато на Царот небесен! 

Радувај се Невесто Неневесна!

Вечерва сестринството на Богородичната Пречистанска Обител беше почестена со доаѓањето на возљубениот ни Старец Партениј, Епископ Антаниски, кој со својот архиерејски, умилен и распеан глас, преку љубовен повик ѝ вознесе поздрав небесен и песна благодарствена и синовска на Мајката на Бога Словото и непосрамливата и сигурна надеж на Христијаните, Марија Богородица. Благословот на Царицата, преку  молитвите на Владиката, силно ги опфати сите, укрепувајќи ги за претстојниот преостанат подвиг од Светиот Пост.