Денес, кога православната Црква го чествува споменот на светиот отец наш Ахилиј Лариски Чудотворец, еден од 318-те богоносни Отци – учесници на Првиот вселенски собор во Никеја, со особена духовна радост беше прославен споменот на овој голем светител во бигорскиот метох посветен токму нему – храмот во село Требиште, единствениот во нашата држава што го носи неговото свето име.
Нашиот возљубен Старец, епископот Антаниски г. Партениј, заедно со нашиот собрат архимандритот Доситеј, денес го посети овој свештен дом, подигнат во чест на Ларискиот чудотворец, чиј светол лик останува длабоко врежан во народната меморија од реканскиот крај како исповедник на вистинската вера и украс на соборната православна мисла. Самото присуство на Старецот во овој древен и благословен метох внесе силна духовна утеха и радост меѓу верниот народ по потекло од с. Требиште, собран да го прослави својот небесен застапник.
Старецот молитвено присуствуваше на богослужбата што ја предводеше благоговејниот свештеник о. Миле Ангеловски од Дебар, принесувајќи заедно со присутните благодарност кон Бога и просејќи го молитвено застапништво на свети Ахилиј. Во молитвената атмосфера на храмот повторно одекна живото сведоштво дека светителите не се далечно минато, туку наша сегашна и жива поткрепа во подвигот на верата.
По завршетокот на богослужбата, Старецот го благослови и прекрши празничниот леб, а потоа освети и вода, принесувајќи благослов за сите присутни и за нивните домови. Притоа, тој им се обрати на собраните со пригодно слово:
Почитувани верници и потомци на селото Требиште,
Да Му благодариме најнапред на добриот и човекољубив Бог, Кој нè удостои и оваа година, со радост и благодарност, да го прославиме споменот на големиот Божји угодник, светиот архиереј Ахилиј Лариски, кому му е посветен овој прекрасен и многу значаен храм. Колку што ми е познато, ова е единствениот храм кај нас посветен на овој голем светител од IV век, прославен архиереј на Црквата Христова, учесник на Првиот вселенски собор во Никеја и сведок на вистината Божја.
Навистина се радувам што ве гледам собрани во толкав број овде, околу светиот храм и околу споменот на вашиот небесен покровител. Да сте благословени што го чувате ова свето предание, зашто да се чува споменот на светителот, да се чува храмот и да се чува наследството од предците – тоа е големо и богоугодно дело. Особено кога станува збор за едно вакво светилиште, поврзано со голем светител, со овој древен и благословен храм, но и со духовната историја на нашиот крај.

Овој храм отсекогаш бил духовно поврзан со Бигорската свештена Обител, која низ историјата била средиште, утеха и срце на мијачкиот род. А мијачкиот род, тоа добро го знаеме, е еден од најславните родови во македонската историја, род кој дал многу големи луѓе, строители, зографи, духовници, преродбеници, трудољубиви и благородни души, кои оставиле длабока трага во животот на македонскиот народ. Затоа ова што вие го правите, тоа што не го заборавате делото на вашите предци, што се собирате, што го празнувате свети Ахилиј и што го чувате овој храм, е за голема пофалба пред Бога.
Да даде Господ ова предание никогаш да не згасне, туку да се пренесува и на младите поколенија. Еве, со радост гледам овде и деца и млади луѓе. Тоа е голема утеха. Оти храмот не е само камен и ѕид; храмот е живо паметење, жива молитва, живо наследство. Ако младите го примат тоа предание, тогаш трудот на предците нема да биде заборавен, туку ќе продолжи да живее.
Особено сакам да ги пофалам и оние што ги чуваат куќите на своите предци во селово, што ги пазат родните огништа, темелите и спомените, што не ги продаваат и не ги напуштаат лесно. Неодамна слушнав дека во селото има уште околу петнаесетина куќи што се чуваат. Нека се благословени тие луѓе! Тоа можеби на прв поглед изгледа мало, но пред Бога и пред историјата е големо: да го сочуваш она што си го примил од своите татковци, да не го предадеш на заборав, туку да го оставиш како аманет на оние што доаѓаат по нас.
Еве, денеска јас и отец Доситеј дојдовме при вас со голема радост, со љубов и со почит кон сите вас. Колку што беше до нашите сили и можности, се потрудивме овој храм да биде соодветно валоризиран и да влезе под заштита на Министерството за култура како заштитено културно наследство. Тоа е многу важно, бидејќи храмот има голема духовна, историска и уметничка вредност. Но, како што знаете, неодамна од надлежните институции беше истакнато дека постои сериозен проблем со недостиг на стручни лица кои би можеле целосно да се посветат на заштитата и реставрацијата на фрески и икони. Тоа навистина е голема болка. Веќе две години храмот е вклучен во одредени програми, имаше и извесни истражувања, но гледаме дека работите одат бавно и дека треба уште многу да се направи.
Сите знаете и за времениот покрив што го поставивме, кој, фала Му на Бога, навистина помогна храмот да не се дооштети уште повеќе. Тоа беше неопходно и корисно решение во тој момент. Но нашата надеж и желба е, со Божја помош, во скоро време храмот да биде препокриен како што прилега – со камени плочи, како што бил некогаш. Пред тоа, секако, ќе бидат поставени и современи изолации, за да се заштити храмот колку што е можно подобро. Имаме и мајстори кои, со Божја помош и по молитвите на свети Ахилиј, ќе можат тоа да го изведат како што треба.
Би сакал да ви спомнам уште нешто што е многу значајно. Пред неколку години, кога дојдов овде со некои гости во храмот, најдовме две стари платна – црковни барјаци, најверојатно дело на познатиот зограф Даниил Анагност. Тие беа оставени во еден агол, запуштени, речиси заборавени, и никој точно не знаеше што се и од кого потекнуваат. Но, фала Му на Бога, се откри нивната вредност и сега се дадени на реставрација. Се надеваме дека, кога ќе бидат обновени, еден ден ќе можат да бидат изложени и зачувани како дел од нашето црковно и културно богатство.
Исто така, беше реставрирана и старата завеса, која е речиси како икона, многу вредна и убава, насликана од еден галички мајстор. И таа претставува драгоцен дел од наследството на овој храм. Кога сите овие предмети ќе се вратат од реставрација, со радост ќе ви ги покажеме, за да видите какво богатство оставиле нашите предци и колку е важно тоа да се чува со љубов, внимание и благодарност.
Накрај, од срце ве благословувам сите вас што сте денеска овде! Нека нашиот денешен славеник, свети Ахилиј Лариски, ви даде здравје, мир, слога, љубов и духовна радост. Нека ви биде честит и благословен празникот. Честито и на годинешните кумови, а благослов и на идните кумови за наредната година. Да сте живи и здрави, да се собираме уште многу години овде, и ова свето место никогаш да не остане без молитва, без спомен и без љубов.
По молитвите на свети Ахилиј, Господ да нè помилува, да нè укрепи и на сите да ни помага.
Амин.































