Фудбалската екипа „Бигорски Манастир“ му го врачи на Владиката Партениј победничкиот пехар

Членовите на фудбалската екипа „Бигорски Манастир“, составена од духовни чеда на Манастирот, денеска го посетија нашиот старец и игумен, Епископот г. Партениј, за да му го врачат пехарот од освоеното прво место на добротворниот турнир во мал фудбал, организиран за помош во изградбата на храмот „Свети Архангел Михаил“ во скопската населба Ченто. Минатата недела, екипата „Бигорски Манастир“ победи во финалето, а својата победа ја посвети на големиот јубилеј на Бигорската Обител – 1000 години од нејзиното основање.

Младите души беа гостољубиво примени од Владиката во неговата работна одаја, каде разговараа за повеќе современи теми, актуелни помеѓу младите, при што тој татковски ги поучи за убавината на животот во Црквата Христова, за вистинската слобода што ја дава православната вера и радоста што произлегува од неа.