Две години од упокојувањето на блаженоспоменуваниот митрополит Тимотеј

На денешен ден, на споменот на свети Јован Милотив, се навршуваат две години од упокојувањето на нашиот некогашен надлежен архиереј, блаженоспоменуваниот митрополит Дебарско-кичевски  Тимотеј, кој во текот на своето долгогодишно архипастирско служење остави длабок и неизбришлив белег во животот на нашата света Црква и особено во историјата на нашата Бигорска свештена обител.

По тој повод, со благослов на нашиот почитуван старец, епископот Антаниски г. Партениј, нашето монашко братство денес отслужи молитвен спомен за неговиот блажен покој, вознесувајќи топли молитви кон Воскреснатиот Христос, со благодарност за сето она што покојниот архиереј го направи за благоуспевањето на нашите свештени обители, за благословената слобода во монашкиот развиток и за доброто на доверената му од Бога паства.

Нека милостивиот Господ, Архиерејот вечен, ја упокои неговата душа во обителите на праведните, каде што нема болка, ни тага, ни воздишка, ами живот бесконечен, и нека му ги воздаде небесните блага за неговите земни трудови на нивата Господова.

Нека му биде споменот вечен и блажен!