Радувај се, Невесто неневесна – Прв Акатист

Розо неовенлива, слаткомирисен крину! Несфатлива длабочино, висино неискажлива!

Спокојство и утеха, топло пристаниште и обновување на духовните сили ни е Пресветата наша Богомајка, Пречистата Дева Марија. 

Престолот огнен на Седржителот, химната на ангелите, радоста на луѓето, мостот меѓу небото и земјата – Богородица – Црквата ја воспева и ѝ вознесува најтопли поздрави, воскликнувајќи ѝ: Радувај се! 

Во петоците на Великиот четириесетдневен Велигденски пост Црквата устроила да се пее Благодарствениот канон и Акатистните поздрави кон Мајката Божја како пристаниште, одмор и наслада за верните Христијани, кои го пливаат духовното море на покајанието. 

Така и нашата Света Бигорска Обител, возглавена од возљубениот наш старец и владика, Епископот г. Партениј Антаниски, преку неговиот умилителен глас ја исплете првата акатисна пофалба кон Царицата и ги погали и распеа нашите срца со благодарност кон Неа. 

Навистина нема достојна песна ниту збор со кои би можеле да ја воспееме Онаа Која е почесна од Херувимите и неспоредливо пославна од Серафимите, но смирено со благодарност и радост ѝ се обраќаме со: Радувај се, Невесто неневесна!

Радувај се, радост наша!