Лазаревото воскресение – најава за конечниот триумф на Животот

Нашиот Спасител Господ Исус Христос, Кој ја изврши Својата Божествена мисија на земјата и го исцели човештвото од гревовните рани, за шест дена ќе биде предаден на Неговите свети и спасителни за светот Страдања. Затоа, како една силна потврда за Неговото и за сеопштото Воскресение, денес го воскресна Својот пријател Лазар од Витанија, кој веќе четврти ден беше во гробот. Го воскресна и за да покаже дека се наближува уништувањето на смртта и обновувањето на човечката природа и на целата твар.

Гледаме како Христос денес на чудесен начин ја покажува Својата семоќ: го сменува движењето на смртта, го востановува телото на четиридневниот Лазар и најпосле го воскреснува од мртвите Својот пријател. Меѓутоа, пред да го воскресне, Христос просолзил над мртвиот Лазар. Тие солзи се богочовечки, зашто Исус Христос е совршен Бог и совршен Човек. Плаче како човек, бидејќи навистина многу го сака Својот пријател, бидејќи чувствува тага поради разделбата. Но, плаче и како Бог, зашто гледа како смртта владее над Неговите созданија, како Неговата творба се распаѓа, како тагата го измачува човештвото, како безнадежноста владее. Плаче, затоа што се наоѓа пред една реалност што Он не ја создаде и не ја посака, затоа што ја гледа кобната судбина на човекот што е врзан со гревот, распадливоста и смртта.

Пред гробот Лазарев застанува Бог. Во гробот е смртта, распадливоста, смрдеата. Господ се среќава лице в лице со најголемиот непријател на човештвото. Дојде часот на првата голема пресметка на Животот и смртта. Зашто досега, осудата на смртта им беше сопатник на сите луѓе. Каменот се поместува. Но, уште пред да допре смрдеата на смртта во воздухот, Животодавецот моќно извикува: Лазаре, излези надвор! Чудото се случува. Животот ја запишува својата прва победа над смртта. Наскоро, со слегувањето на Господ Христос во Адот и со Неговото славно Воскресение, ќе ја извојува својата конечна победа и ќе го уништи царството на смртта.

Првиот триумф на Животот над смртта со Лазаревото воскресение беше причина за смирена радост во Бигорската Обител, која, собрана околу својот старец и игумен, Епископот г. Партениј, го воспеваше со благодарност чудото на Христовото човекољубие. Најнапред, преку трогателните песни од канонот на Повечерието, испеани од умилителниот глас на Старецот, а денес и преку Утрената богослужба и Светата Евхаристија.

Господи Исусе Христе, кој си го воскреснал Твојот возљубен пријател, четиридневниот мртовец Лазар, воскресни ги и нашите скаменети срца и уморени од гревот души, та со смирение да Те последуваме во Твоето искачување на Голгота, за да можеме да ја видиме и светлината на Твоето Воскресение!