„Лазар, пријателот наш, заспал; целото човештво заспало, но ќе отидам да го разбудам“

Слово на Неговото Високопреподобие, Архимандрит Партениј, за Лазаревото воскресение, изговорено во манастирската трпезарија


Симнете ја проповедта на вашиот уред


Отци и браќа монаси, најмили мои верници!

Си спомнуваме денес за едно од најголемите чуда што нашиот Спасител Господ Исус Христос ги направил за време на Својот земен живот. Си спомнуваме, имено, за воскресението на Неговиот пријател Лазар, кој, како што слушнавме од Евангелието, веќе четири дена бил во гробот и, според природните закони, неговото тело се беше предало на распадливоста.

Евангелскиот расказ за ова големо Христово чудо започнува трогателно, со нешто што сите нас нè плаши, започнува токму со болеста: Беше, пак, болен некој си Лазар, од Витанија… (Јован 11,1) Евангелистот зборува за болеста на една конкретна личност, Лазар од Витанија. Сепак, покрај овој историски контекст, ние можеме да ги разбереме овие зборови и во преносна смисла, за секој човек, за целиот род човечки од Адама па до денес: „Беше, пак, болен целиот род човечки… и заспа“. Заспа со сон смртен. Интересно е тоа што Спасителот смртта ја нарекува сон, заспивање. Сака со тоа да ни покаже дека смртта за Него навистина е тоа – еден обичен сон, и дека за Него да воскресне некој мртовец е исто како да го разбуди од спиење. Исто така, остава силен впечаток тоа што е болен не некој друг, туку токму Лазар, пријателот Христов. Болен е некој што е возљубен од Бога. И пратениците на двете сестри Марта и Марија, кога Му јавиле на Христа за болеста Лазарева, Му нагласиле: Господи, ете, оној што го милуваш, болен е (Јован11,3). А, Синот Божји, пак, поради таа цел и дојде: да го оздрави смртно разболениот Адам и сите негови потомци, да му понуди здравје и живот на целиот род човечки. Велиме „да му понуди“, бидејќи Он не сака ништо да направи против волјата човечка. Неговата љубов кон човекот е толку голема, што во никој случај не сака со сила никому ништо да наметне. Он дојде, се воплоти заради нас, стана човек, се нарече Син Човечки, и му понуди пријателство и посиновение на целото човештво. Сите нас нè повика да бидеме пријатели Негови, да бидеме собраќа Негови и синови по благодат на Бога Отецот. Како што другаруваше со Лазар, Он сака да другарува и со целото човештво. Поради таа причина и дојде – да го разбуди човештвото од гревовниот сон, кој го разделува од Него. Лазар, пријателот наш, заспал; целото човештво заспало, но ќе отидам да го разбудам (Јован 11,11). Зашто човекот, после непослушанието што го направи кон Бога, ја успа својата душа во гревот, и, оддалечувајќи се самиот на тој начин од Изворот на животот, на крајот умре. Се разболе од гревовите и умре. Тоа се повторува и со секого од нас, кога, поспани од своите гревови и страсти, забораваме на Бога и смртно се разболуваме. Гревовите навлегуваат полека, полека во нас и го контаминираат нашето духовно битие. Како што при намножување на штетните бактерии во едно тело, имунитетот на тоа тело опаѓа и накрај настапува телесна смрт, така станува и со духовното здравје на човекот. Доколку човекот постојано греши и го одложува покајанието, неговата совест со тек на време слабее и тој човек уште овде, за време на овој живот, тешко ќе се разболи, ќе заспие во гревовен сон и на крајот ќе умре, губејќи го и вечниот живот.

Следствено, да ги послушаме Христовите зборови кои имаат огромна, животворна сила: Лазаре, излези надвор! Застанал Спасителот пред мртвиот гроб, како што пред сите нас постојано стои и вика: „Излези надвор од твојата темнина, разбуди се од твојата гревовна заспаност, бидејќи Јас, твојот Создател, станав човек заради тебе, и сакам да живееш вечно, сакам да другаруваш со Мене и Јас со тебе, во вечноста“. Бог не може да ја поднесе бедата во која човекот западнал поради гревот. Затоа денес Он плаче. Иако Он, како Бог, знае дека ќе го воскресне Лазара, зошто тогаш да плаче, кога повторно ќе го види Својот пријател жив? Но, плаче поради тоа што гледа како Неговото највозвишено создание, царот на целото творение, се дави во калта на смртта. Дури веќе почнува и да смрди, и таа смрдеа, предизвикана од гревот, стигнува до Бога. Тоа љубовта Божја не можеше да го поднесе. Затоа Бог стана човек, затоа и солзи над човекот пролеа. Има ли поголема љубов од таа? Постојано и над секого од нас се сожалува, и со Неговиот умилителен глас нè повикува: „Излези надвор од твојата гревовна затвореност. Излези и појди по Мене“.

Неговите животворни зборови се храна за нашата душа. Како што телото, доколку не го храниме ќе умре, така и нашата душа, доколку не ја поткрепуваме со Неговите Божествени зборови кои оживуваат, ќе ја изгуби својата виталност, ќе заспие со сонот на смртта и ќе го изгуби вечниот живот. Затоа, да се потрудиме да излеземе од гробот на нашиот егоизмот и нечувствителноста, да излеземе од нашата гробна ладнотија, и да го послушаме Неговиот глас, да го послушаме гласот на нашиот најголем Пријател, Господ Исус Христос, Кој сака да бидеме живи, сега, и секогаш, и во веки веков. Амин!