Падот на Богородичниот град и неизгасливата светлина на Новиот Рим

„Денес круната на царството земно ја одлага Царицата на сите градови; на мачење предаден, се очистува со оган Константиновиот дар – Градот на Богомајката, и од рацете на Творецот на вековите венец пресветол на слава вечна прима домот на светите и Градот возљубен“

(од Богослужбата за падот на Константинопол)

Во свештената меморија на Црквата, 29 мај не е само датум на еден историски настан и годишнина од падот на еден град, туку ден на длабоко духовно созерцание над тајната на страдањето, верноста и надежта. Зашто Константинопол, Новиот Рим, Царицата на градовите, не беше само престолнина на едно царство, туку срце на една христијанска цивилизација, олтар на православното предание, седиште на Вселенските Собори, светилник на богословието, уметноста и молитвата. Во неговите храмови се славословеше името Христово со неискажлива убавина; во неговите свети обители созреваше подвигот на преподобните; во неговите палати и улици се одвиваше драмата на една историја која сакаше да го преобрази светот со силата на Евангелието.

„Фаталната опсада на градот во 1453 година“ Church of Moldovita, Romania.

Ниеден друг град, освен светиот Ерусалим, не го понел во себе толку силно печатот на христијанската историја како Константинопол. Ако Ерусалим беше местото на Крстот и Воскресението, тогаш Константинопол беше местото каде што таа спасоносна вистина доби блескав соборен израз во животот на Црквата и на народите. Оттаму на сите страни се разлеа светлината на православното исповедање; оттаму се обликуваа догматските определби на верата; оттаму се ширеше литургиското благолепие што ги воспитуваше поколенијата во вкусот на небесното. Затоа споменот на неговиот пад не е само тага по едно изгубено царство, туку повик да не се заборави изворот од кој се напоиле безброј христијански народи и култури.

Падот на Константинопол во 1453 година го означи крајот на една земска историска епоха, но не и крајот на неговата духовна мисија. Видливите ѕидини беа освоени, но невидливите темели на неговото наследство останаа неразурнати. Константинопол падна, но не падна и идејата за него; не згасна неговата светлина, ниту пак, се прекина неговото влијание врз животот на Црквата. Оти духот на Ромејството, тој благодатно преобразен спој на вера, мудрост, богослужение и култура, продолжи да живее во сите оние народи што се напоија од византиската духовна ризница. И денес, кога светот сè повеќе заборава на своите свети источници, христијаните не смеат да го заборават Новиот Рим, кој повеќе од единаесет века беше престолнина на христијанството и на една цивилизација обликувана од Крстот и Воскресението.

Царската палата со поглед кон Св. Софија

Особено ние, православните, сме повикани со благодарност и благоговение да го чуваме споменот за Цариград, зашто тој не е само историска престолнина – тој е живо средиште на соборната свест на Црквата. Денес, преку светлото и смирено сведоштво на првопрестолната Вселенската Патријаршија, Константинопол продолжува да биде мајка на Православието, првопрестолен центар кој со тивка, но непоколеблива сила сведочи за непрекинатоста на апостолското и светоотечкото предание. Во неа и преку неа, Новиот Рим и денес останува духовна оска на православната вселена, потсетувајќи нѐ дека вистинската слава на Црквата не е во земната надмоќ, туку во верноста кон Христа, во единството на верата и во благодатното служење на сите.

Затоа, спомнувајќи го денес падот на Константинопол, не се предаваме на историска безнадежност, туку ја обновуваме нашата одговорност кон наследството што ни е предадено. Се молиме за покој на сите оние што ги положија своите животи на неговите ѕидини, бранејќи ги Светињите и православната вера; се молиме и ние да останеме достојни чеда на тоа свештено предание, верни на Мајката Црква и на единството во вистината. Зашто градовите можат да бидат освоени, храмовите можат да бидат осквернети, царствата можат да исчезнат, но она што е запечатено со благодат, со крвта на мачениците и со солзите на светиите, останува вечно.

Фатална опсада на градот во 1453 година

Во таа свештена и благодарна меморија живее и нашата Бигорска свештена обител. Секоја година, со благословот на нашиот возљубен Старец, епископот Антаниски г. Партениј, братството молитвено си спомнува за сите оние што паднале на браникот на Константинопол и на православната вера, за бранителите на Светињите, на Царицата на градовите и на преданието што не му припаѓа само на минатото, туку и на живата совест на Црквата. Во едно свое духовно размислување за Новиот Рим, нашиот Старец со особена болка, но и со непоколеблива надеж, вели:

„Впрочем, ние православните никогаш не смееме да го заборавиме Константиновиот град, градот на Пресветата Владичица наша Богородица, градот на безбројните Светии, каде што се утврди спасоносната вера и од каде што засветли Православието за многу народи и простори. А за тоа дека Божјиот Домострој го устроил тој центар на вселенското Православие и дека Божјата благодат го одржува и се грижи за него, сведочи и самиот факт дека до ден денес таму живо суштествува Мајката Црква, Вселенската Патријаршија. Сакајќи некои некогаш да ја понижат и да ѝ ги одземат нејзините славни седишта, најнапред величествената Света Софија, ја пренесоа најпосле, не без Божјо знаење и промисла, во населбата која се нарекува Фенер, од каде што пак смирено им свети на сите со дух и вистина.

Мајката Божја не го заборавила својот царски град; Светиите не го заборавиле градот на Вселенските Собори, туку и денес го заштитуваат своето наследство во него и нѐ повикуваат нас, чедата свои, сите православни, да се обединиме околу првиот Престол на верата и на цивилизацијата наша и да го почитуваме и поткрепуваме, стекнувајќи го така благословот од небесниот град на Светиите.

Обединувањето во верата на Евангелието и во преданието на Отците е еден од аспектите на соборноста, би рекол – нејзин квалитет, но и услов. Само оној кој собира, кој се обидува отстранетите и одделените да ги внесе во стадото Христово, само тој кој ги лекува раните според лекарствата посочени од Отците на Црквата – тој гради, обновува и соединува. Ги прави делата на светлината, кои истовремено ги откриваат на очиглед делата на темнината, што стојат отспротива.

Се прашувам, кога денес се обидувам со своите скромни можности да ги расудувам собитијата во светот и во Црквата, дали наравот на христијанинот се изменил, губејќи Го Христа? Дали ја загубил сочувствителноста, потребата за општото заедничко добро и за секој брат поединечно кога е во страдање? Дали ние ја користиме можноста кога некој е притиснат од бремето на игото, за да оствариме некоја своја желба и замисла, кои се страстољубиви, властољубиви и суетноподобни? Но Господ никогаш не нѐ остава без надеж, туку нѐ повикува да се издржи докрај, зашто наше е да ‘стоиме добро, да стоиме со страв, да внимаваме’, а Он ги надополнува слабостите и ја воспоставува правдата.“

Нека им биде вечен споменот на сите бранители на Царицата на градовите, а на нас нека ни дарува Господ да не го заборавиме никогаш Новиот Рим, неговата света мисија и неговото непрестајно мајчинско присуство во животот на Православието. Амин.

Во прилог, доколку сакате да слушнете како звучеле богослужбите во Света Софија Константинополска, притиснете на следниов линк:

Гласовен документ: Како би звучело кога би се наоѓале во Света Софија пред 1500 години.


3Д анимација на реконструиран Константинопол (кликнете на линкот)