Силата на Крстот – мирот Христов

Слово на Неговото преосвештенство епископ Антаниски г. Партениј, игумен на Бигорската свештена обител, изговорено на светата Литургија на празникот Крстовден во Рајчица, по читањето на светото Евангелие, на 14/27 септември 2026 лето Спасителово


Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух. Амин!

Денес, возљубени, кога го славиме празникот на сесветското Воздвижение на чесниот и животворен Крст Господов и во благодарност си споменуваме за неговото пронаоѓање од великата благоверна царица Елена, Црквата одредила на оваа света Литургија да го читаме Евангелието за Распнувањето на Господа Бога и Спасителот наш Исуса Христа на Голгота.[1] Така, од устата на јероѓаконот, го чувме евангелскиот расказ за страшните настани на Голгота: како таму Спасителот, како кротко јагне,[2] Он, Царот на небото и на целата вселена, избра да седне на престол – а тој престол беше токму Неговиот Крст,[3] оружје на мирот, непобедлива победа, како што Црквата го нарекува во својата химна.[4] Зашто Он таму, на Крстот на Голгота, извика: Се сврши![5] Таму, на тој необичен престол, Он го потпиша со Својата чесна Крв простувањето на човечките гревови, откако го избриша ракописот што беше против нас и го прикова на крстот.[6]

Таму беше распната најголемата љубов – љубов за која светот никогаш не беше чул, ниту ќе чуе до крајот на вековите; љубов која крши коски, љубов пред која сите занемуваат. Никој нема поголема љубов од оваа: да ја положи душата своја за своите пријатели.[7] Зашто гледаме Бог, Кој е седобар, Кој е човекољубец, пријател на човекот; уште повеќе: Бог Кој се распна заради нас, Кој сочувствува со нас, Кој дојде да ги привлече сите луѓе кон небото – и кога ќе бидам подигнат од земјата, сите ќе ги привлечам кон Себе[8] – за да ги спаси душите што од векови беа умртвени, успани, уште од Адам и Ева.

✻   ✻   ✻

Нашите прародители ја прекршија единствената заповед,[9] и преку еден човек гревот влезе во светот, а преку гревот смртта.[10] Смртта беше последица на непослушанието, зашто Бог не ја создаде смртта.[11] Но и во неа Бог ја вгради Својата човекољубивост: да не би човекот, живеејќи вечно во гревот, станал вечно зол.[12] Бог не ги презре, не ги остави. Адам и Ева живееле со споменот дека еден ден ќе дојде Спасителот; дека ќе дојде Бог, Чиј глас го слушаа во Едемската градина, за да ги избави и да ги разбуди. И тоа се случи кога Бог се воплоти, поживеа меѓу нас триесет и три години и се распна таму, на страшната Голгота. И со смртта – смртта ја победи.[13]

Тој е Цар на мирот – Кнезот на мирот, за Кого пророкуваше Исаија.[14] Затоа денес во Црквата повеќе пати испеавме за Крстот: оружје на мирот, непобедлива победа! Мирот е оружјето на христијаните. Мирот е тој што ги разоружува сите. Блажени се миротворците, оти тие ќе се наречат синови Божји.[15] Сите оние кои творат мир ќе се уподобат на Христа, распнатиот на Крстот.

Следствено, возљубени, Крстот е начин на живот за христијаните во Црквата. Гледате: сѐ во нашиот живот започнува со Крстот, завршува со Крстот и продолжува во вечноста – зашто тој е оружјето на мирот; оружјето преку кое нашиот Спасител нѐ спаси; оружјето со кое ги отвори царските двери на рајот.[16]

Рајот е недвосмислена реалност. Таму живеат душите на сите оние што имале надеж во воскресението. Таму со Него живеат безбројните светии и нашите предци што биле достојни, и сите тие имаат слобода – дeрзновение пред Бога – да ни помагаат од небесата.[17] Зарем некој ќе рече: „Не е така“? Погледнете го светот и народот Божји, па дури и неверните: колку пати безбројни множества народ одат и се поклонуваат пред иконите и светите мошти на оние кои се упокоиле со надеж во воскресение и живот вечен![18] Оние кои пострадале заради Крстот – мачениците, и преподобните кои живееле маченички, распнувајќи ја својата волја заради Христа и леејќи духовна крв[19] – сите тие имаат слобода таму, на небесата, ги слушаат нашите молитви; и сите сведочат дека нивните молитви биле услишени и се услишуваат. Колку пати во нашиот живот сме го почувствувале тоа! И сето тоа стана преку оружјето на мирот – Крстот Христов.

Немојте да заборавите дека нашето оружје е Крстот; дека тој нѐ повикува да бидеме мирни и кротки, да бидеме добри, да благословуваме, а никогаш да колнеме, да ги сакаме сите околу нас. Господ вели да Го љубиме најнапред Бога – со сето свое срце, со сета своја мисла, со сите свои сили – а ближниот како самите себеси. Тоа го бара Бог од нас. Тогаш ќе можеме да се наречеме христијани. Тогаш ќе можеме да кажеме дека сме вистински чеда Христови – чеда на Оној Кој го понесе оружјето на мирот, Својот Крст, и Кој ни рече: Кој сака да врви по Мене, нека се одрече од себе, нека го земе својот крст и нека Ме следи.[20] И додаде дека јаремот Негов е благ, а бремето Негово лесно.[21]

Зошто? Затоа што секој кој верува во Воскресението, секој кој ги исполнува зборовите и заповедите Христови – особено заповедта за љубовта – го носи крстот со радост. Кога еден млад човек Го праша Господа што треба да направи за своето спасение, Он му ги спомна заповедите, меѓу нив и сакај го ближниот свој како себеси; а младиот човек исповеда: Сето тоа го запазив уште од својата младост[22] – мислејќи дека ги исполнил заповедите Божји. А кога друг пат еден законик Го праша која е најголемата заповед, Господ – Оној Кој се распна на Голгота и покажа што значи вистинска љубов – ги истакна двете заповеди, кои беа напишани уште во Стариот Завет:[23] Возљуби Го Господа, твојот Бог, со сето свое срце, со сета своја душа, со сиот свој ум и со сета своја сила – и ближниот, значи секој човек, како самиот себеси.[24]

Ете, тоа е нашата вера. Видете колку едноставно и кратко, а сепак, толку силно и големо! Он на Крстот покажа што е љубов. Затоа ни ја даде и заповедта: да се љубите еден со друг; како што ве возљубив Јас.[25]

✻   ✻   ✻

На овој ден, чувте, се молиме за сите, за целиот свет. Се молиме и за оние што владеат – за цареви и за сите што се на власт, за да поминуваме тих и спокоен живот.[26] Во кондакот што го пеевме, молејќи се за властите, бараме семоќниот Бог да им биде сојузник, но и Крстот да им биде оружје на мирот, непобедлива победа.[27]

Видете, сите што ќе фатат нож, од нож ќе загинат, вели Христос.[28] Неговото учење не допушта насилство и напад врз другиот. Самоодбраната Црквата ја трпи, но никако војувањето против другите;[29] а особено војувањето против сопствените браќа по вера – уште пострашно! Такво нешто нема ништо заедничко со Крстот.

Затоа, мили мои, како чеда на светиот Животворен Крст, кој ни го покажува патот преку Христа кон спасението, да се молиме за овој разбрануван и вознемирен свет. Зашто само Он, Кој беше распнат на Голгота заради човештвото, само Он го има одговорот, само Он го има спасот, само Он може да го направи овој свет мирен, та да може да биде место од каде што почнуваме да го живееме Царството Небесно. Него да Го молиме, а и самите да се покажеме такви – синови на мирот.[30]

Амин.


[1]Литургиски читања на празникот (Минеј за септември, 14 септември): Апостол – 1. Кор. 1:18–24; Евангелие – Јн. 19:6–11, 13–20, 25–28, 30–35.

[2] Јер. 11:19; сп. Ис. 53:7.

[3] Сликата на Крстот како царски престол е древна. Св. Јустин Филозоф го наведува стихот од Пс. 95:10 во верзијата „Господ се зацари од дрвото“ (Разговор со Трифон Јудеецот 73, 1 – PG 6, кол. 645). Св. Јован Златоуст: „Го нарекувам Цар, зашто Го гледам распнат; зашто својствено е на царот да умре за своите поданици“ (Беседа за Крстот и разбојникот I, 3 – PG 49, кол. 403).

[4] Кондак на празникот, глас 4: „Ти, Кој доброволно се вознесе на Крстот…“; во грчкиот изворник последните зборови гласат: ὅπλον εἰρήνης, ἀήττητον τρόπαιον – „оружје на мирот, непобедлив трофеј“; во црковнословенскиот превод: оружие мира, непобедимую победу.

[5] Јн. 19:30.

[6] Кол. 2:14.

[7] Јн. 15:13.

[8] Јн. 12:32.

[9] в. 1. Мојс. 2:16–17; 3:6.

[10] Рим. 5:12.

[11] Мудр. Сол. 1:13.

[12] сп. 1. Мојс. 3:22–24. Св. Григориј Богослов: Адам „и тука добива – смртта и пресекувањето на гревот, за да не биде злото бесмртно“ (Слово 38, 12, На Богојавление, односно Рождество Христово – PG 36, кол. 324; ист: Слово 45, 8 – PG 36, кол. 633). Истата мисла е и кај Св. Иринеј Лионски, Против ересите III, 23, 6 (SC 211, 460–462 ).

[13] Сп. Пасхалниот тропар: „Христос воскресна од мртвите, смртта со смрт ја победи и на оние во гробовите живот им дарува.“

[14] Иса. 9:6.

[15] Мт. 5:9.

[16] сп. Лк. 23:43.

[17] сп. Јак. 5:16; Отк. 6:9–10) грч. παρρησία – дeрзновение, слободоречие, смелост на синовите пред Отецот. За молитвеното застапништво на светите види: Евр. 12:1; Отк. 5:8; 8:3–4.

[18] За почитувањето на светите икони и мошти види: Орос на Седмиот вселенски собор (Никеја, 787), J. D. Mansi, Sacrorum conciliorum nova et amplissima collectio, т. XIII, Florentiae 1767, кол. 377–380.

[19] Сп. изреката на авва Лонгин: „Дај крв и прими дух“ (Изреки на пустинските отци, азбучна збирка, Лонгин 5 – PG 65, кол. 257); за распнувањето на „телото со страстите и похотите“ види Гал. 5:24.

[20] Мк. 8:34.

[21] сп. Мт. 11:30.

[22] Мт. 19:16–20.

[23] 5. Мојс. 6:5; 3. Мојс. 19:18. сп. и Лк. 10:25–28, каде што еден законик, прашувајќи што да направи за да го наследи вечниот живот, самиот ги наведува двете заповеди, а Господ му одговара: „Тоа прави го и ќе живееш.“

[24] Мк. 12:30–31; Мт. 22:37–39.

[25] Јн. 13:34.

[26] 1. Тим. 2:2.

[27] Грчкиот текст на кондакот: Εὔφρανον ἐν τῇ δυνάμει σου τοὺς πιστοὺς βασιλεῖς ἡμῶν, νίκας χορηγῶν αὐτοῖς κατὰ τῶν πολεμίων· τὴν συμμαχίαν ἔχοιεν τὴν σήν, ὅπλον εἰρήνης, ἀήττητον τρόπαιον – „Возвесели ги со Својата сила верните наши цареви, дарувајќи им победа над противниците; нека го имаат Твоето сојузништво – оружје на мирот, непобедлива победа.“ Во денешните богослужбени книги „цареви“ често е заменето со „власти“ или „православни христијани“.

[28] Мт. 26:52.

[29] Отците разликуваат убиство и одбрана во војна, но никогаш не ја прогласуваат војната за добро. Св. Василиј Велики, иако некои „убиствата во одбранбена војна не ги сметале за убиства“, советува таквите да се воздржат од Причест три години, „зашто рацете не им се чисти“ (Писмо 188, канон 13 – PG 32, кол. 681; Γ. Ράλλης – Μ. Ποτλής, Σύνταγμα, т. IV, Ἀθῆναι 1854, 131.

[30] сп. Лк. 10:6.