Кој не сака крст, нека не бара мир и спокој во себе

Слово на Неговото преосвештенство епископ Антаниски г. Партениј, игумен на Бигорската свештената обител, на Вечерната богослужба за празникот Воздвижение на Чесниот Крст во Рајчица, на 13/26 септември 2026 лето Господово


Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

Високопреподобни и преподобни отци, монаси и монахињи, верни сведоци на крстовоскресниот пат, а не помалку и вие, благочестиви браќа и сестри мирјани – сите ние сме повикани да бидеме сведоци на Крстот и на Воскресението Господово.

Му благодариме на Господа што, еве, и оваа година нѐ удостои да се собереме на големиот празник Воздвижение на Чесниот Крст, поточно во неговото навечерие. Во овие свети часови Црквата нѐ потсетува на две историски собитија. Првото е кога света рамноапостолна царица Елена, со голема вера во Бога и со љубов кон Христа, поддржана од својот син, светиот цар Константин, тргнала кон Ерусалим за да ги пронајде големите светињи: Пресветиот Гроб Христов и Неговиот Чесен Крст. Второто собитие, пак, е од седмиот век: Персијците упаднале во Ерусалим и ги опустошиле светите места, а знаејќи колку за христијаните значи Крстот, го зеле и го однеле во Персија, во пределите на денешен Иран и Ирак.[1] Потоа царот Ираклиј, по Божја промисла, ги победил и победоносно го вратил Крстот во Светиот Град.

✻   ✻   ✻

Да почнеме по ред, од она што се случило најнапред.

Во историјата општопознато е дека светиот цар Константин е свикувачот, иницијаторот на Првиот вселенски собор во градот Никеја, каде што бил составен првиот дел од Символот на верата.[2] Царот ги свикал епископите од целата вселена; таму бил и светиот Макариј, епископот Ерусалимски.[3] Преданието раскажува дека сите со љубопитност го распрашувале: „Има ли нешто од светите места? Останало ли нешто од времето на Христа во Светиот Град?“ А свети Макариј, природно, одговорил: „За жал, местото каде што е Пресветиот Гроб сѐ уште е тајна, и не знаеме каде точно е сокриен Крстот Господов.“[4]

Тогаш царот ја испратил својата мајка, светата царица Елена, со многу средства и пари – не, како што би рекле денес, за некаков тендер во кој парите ќе бидат проневерени, туку за да оди во Ерусалим и да го најде Крстот Господов.[5] И таа тргнала. Но било многу тешко да се пронајде, бидејќи на тоа место римскиот цар Хадријан, човек нечестив и изопачен, над светите места изградил храм на божицата Афродита.[6] Царицата Елена долго се распрашувала низ градот, заедно со епископот Макариј, но резултати немало.

Во градот живеел еден човек по име Јуда, Евреин по род. Преданието кажува дека тој, како и неговите предци од колено на колено, знаел што се случило со крстовите: и Господовиот Крст и крстовите на разбојниците биле фрлени во најдлабокото место.[7] Зашто теренот каде што денес се наоѓа Храмот на Воскресението во тоа време бил надвор од градските ѕидини – некогашен каменолом од варовник, од кој лесно се сечел камен за градба, а во карпата лесно се длабеле и гробови. Тоа го докажува и научната библиска археологија.[8] Евреите, според својата традиција, гробовите ги длабеле во карпа. Таков бил и гробот во кој бил положен Христос – новиот гроб на богатиот Јосиф од Ариматеја, кој го отстапил своето гробно место за во него да биде погребан Господ, додека Никодим донел смирна и алој за погребението.[9]

Јуда знаел, но молчел. Најпосле, по Божјо допуштение, откако неговата ќерка тешко се разболела и тој во видение го видел Крстот Господов, проговорил и ѝ го покажал на царицата Елена местото каде што бил закопан. Народното предание раскажува дека местото, иако затрупано со земја, се препознавало по необични и многу убави цвеќиња што растеле само таму – босилек и други благоуханни цвеќиња.[10] Царицата наредила да се копа на тоа место и, како што се раскажува, не штедела злато, зашто местото било длабоко – само за да бидат пронајдени крстовите. И најпосле пронашле три крста, но не знаеле кој од нив е Господовиот

Најстарите црковни историчари сведочат дека епископот Макариј, откако се помолил, наредил трите крста еден по еден да се принесат до една угледна жена од Ерусалим (според некои ќерката токму на Јуда Евреинот), која лежела на смртна постела; и штом ја допрел третиот Крст, таа станала и оздравела.[11] Други, пак, раскажуваат дека со допирот на Чесниот Крст воскреснал мртовец кого го носеле на погреб.[12] Така Господ Самиот го посведочил Својот Крст: Дрвото на кое беше победена смртта стана извор на живот. А Јуда, кој го покажал местото, поверувал во Христа и се крстил, добивајќи го името Киријак (Господов) и подоцна станал епископ Ерусалимски.[13] И така, по Божјо благоволение, до нас стасала оваа прекрасна историја.

Потоа епископот Макариј, заедно со царицата Елена, го издигнал Крстот пред народот. И бидејќи целиот народ сакал да го види, а не било можно сите да пристапат и да се допрат до него, го издигнале на амвон, на едно возвишено место, за да може да го види секој. И народот, штом го погледнал воздигнатиот Крст, почнал да извикува: „Господи, помилуј! Господи, помилуј!“ и да се поклонува. Затоа и овој празник е наречен Воздвижение на Чесниот Крст.[14] Потоа царицата еден дел од Крстот, во сребрен ковчег, го оставила во Ерусалим, на Голгота, а друг дел му го испратила на својот син во Константинопол, за да му се поклони и тамошниот народ.[15]

Затоа и утре на богослужбата, при чинодејствието на Воздвижението на Крстот, ќе видите како архиерејот го издигнува Крстот и полека го спушта до земјата, свртувајќи се кон сите страни на светот – кон исток и запад, кон север и југ – а ние ќе извикуваме „Господи, помилуј!“, по сто пати при секое издигнување, молејќи се за целиот свет.[16] А потоа, поклонувајќи му се на светиот Крст, ќе пееме: На Крстот Твој се поклонуваме, Владико, и светото Твое Воскресение го славиме. Гледате, возљубени: дури и во една иста химна Крстот и Воскресението се неразделни.

✻   ✻   ✻

А сега да се вратиме на второто собитие. Царот Ираклиј бил силен автократор и голем војсководец. Тој ја востановил империјата во нејзините славни граници, го поразил персискиот цар[17] и победоносно го вратил Крстот Господов во Ерусалим.[18] И тогаш се случила една чудесна случка. Кога царот, облечен во царска порфира и со круна на главата, носејќи го Чесниот Крст, застанал пред портата на градот, не можел да влезе во него: некоја невидлива сила го задржувала. Тогаш, како што раскажува преданието, патријархот ерусалимски Захарија, просветлен од Бога, му рекол: „Нека ги соблече царот царските облеки и обувките свои, зашто Оној Кој го носеше Крстот за нашето спасение одеше бос и понижен, во бедна облека.“[19] Така и направил големиот цар Ираклиј: ги соблекол царските облеки, ги собул обувките и, бос, во проста облека, тргнал од портата и стигнал до местото каде што бил издигнат Крстот Господов – таму, на страшната Голгота. Иако ова собитие се случило во пролетта, Црквата го споменува и чествува заедно со пронаоѓањето на светиот Крст, во истиот празник, во месец септември.

Колку е ова поучно за нас, мили мои! Царот, кој победил цела империја, не можел да помине низ портата со царска гордост. Зашто и Господ пострада надвор од градските порти,[20] и се понизи Себеси, бидејќи послушен до смрт, и тоа смрт на крст.[21] Крстот Христов не се носи во порфира, туку во смирение.

Така, мили мои, треба секогаш да се сеќаваме на Крстот во нашиот живот. Затоа Црквата секоја година нѐ потсетува преку своите празници, во кои ние благодатно учествуваме во сите настани што се случиле заради нас. И тоа животворно Дрво на кое Господ се распна е дејствително во нашиот живот, оти тој е крстовоскресен. Сите ние сме силно поврзани со Крстот. Зашто словото за крстот е безумство за оние што загинуваат, а за нас, кои се спасуваме, е сила Божја,[22] вели светиот апостол Павле во утрешното апостолско читање.

Видете, на почетокот им се обратив на монасите како на најверни сведоци на крстовоскресниот живот, зашто тие ја носат светата схима, и тоа е нивниот образ, а во средиштето на схимата е Крстот Господов.[23] Не помалку и ние, христијаните – сите кои се крстивме во Христа, во Христа се облековме.[24] Затоа треба да живееме крстовоскресно и да сведочиме за Христовото распетие и воскресение. Значи, човечкиот живот е незамислив без Крстот Господов. Кој не сака крст, нека не бара ни мир ни спокој. Кој не сака крст, не може да има ни воскресение. Самиот Господ рече: Ако некој сака да појде по Мене, нека се одрече од себе, нека го земе својот крст и нека врви по Мене.[25] Во овој свет сите ние носиме крст – и оние што веруваат и оние што не веруваат; но за нас, кои веруваме, крстот е благ јарем и лесно бреме.

Замислете што е јарем. Кога се орало со волови, на чифтот волови им ставале едно дрво што се вика јарем, кое ги стегало двајцата заедно, за да можат да ораат, а да не се вртат лево и десно. Нешто тешко, налик на ропство. И ропството отсекогаш се споредувало со јаремот што го носеле животните. Исто така и бремето – знаете што е тоа: товар, нарамник. Луѓето, кога немале, како денес, превозни средства и помагала во земјоделството и во другите секојдневни работи, се врзувале со бремиња, кои обично биле тешки. А Господ Исус Христос вели: Земете го Мојот јарем врз себе и научете се од Мене, зашто Јас сум кроток и смирен по срце, и ќе најдете спокојство за душите свои; зашто јаремот Мој е благ, и бремето Мое е лесно.[26] Благ е и лесен, затоа што има воскресение; затоа што оној кој верува во Христа има надеж.

Сите страдаат. Кој е тој што во овој живот не страда? Невозможно е да кажеме дека некој не страда, или да речеме: „А, оние што не веруваат во Бога, тие не страдаат; а нам, христијаните, ни е кажано дека ќе носиме крст и дека нашиот живот е тежок, оти сме повикани на мачеништво.“ Не! Нашето мачеништво е крстовоскресно, зашто нашиот живот не завршува, туку продолжува со Христа во вечноста. Животот е еден, нема два живота. Уште овде почнуваме и градиме однос со нашиот Бог, и тој однос со Него ќе продолжи во вечноста. Затоа е многу важно како ќе живееме овде: колку ќе бидеме предадени во подвиг, носејќи го смирено животниот крст, не роптајќи, туку благословувајќи Го Бога за сѐ, онака како што и Самиот Спасител направи во Гетсиманија. Таму Он се молеше: Оче Мој, ако е можно, нека Ме одмине оваа чаша; но не како што сакам Јас, туку како што сакаш Ти;[27] и Му се јави ангел од небото и Го укрепуваше.[28] Неговата човечка волја доброволно се покори на Божествената волја, којашто Он ја има заедно со Отецот и со Светиот Дух,[29] и Он тргна кон Крстот за да го спаси светот. Оти, како што пееме во една црковна химна, преку Крстот дојде радост на целиот свет.[30]

Така што, возљубени, да Му оддадеме слава и чест на Господа Исуса Христа, Кој дојде заради нас, се искачи на Крстот на Голгота, слезе во адот, воскресна заради нас, се вознесе заради нас и го исполни Небото со светите души – од Адам и Ева па сѐ до денес.

✻   ✻   ✻

Неодамна разговарав со еден голем и духовен човек за тоа како денес христијанството полека-полека станува малцинство во светот; колку милиони луѓе има кои можеби не знаат за Христа и не веруваат во Христа. Но да се потсетиме, на пример, на Стариот завет, на времето на Ное: колку човештвото Го беше заборавило Бога! Остана само еден човек и неговото семејство, осум души, преку кого беше обновена верата и обновен беше светот.[31] Гледате: множеството никогаш ништо не значи; значи квалитетот на луѓето и на верата.

Така што, не знаеме што ќе се случи со светот, со кој управува Бог. Он ни дава знаци, дава знаменија во светот, ги повикува сите. Затоа вели: мнозина се повикани, а малкумина избрани[32] – односно, сите се повикани, а избрани се оние кои ќе го слушнат Неговиот глас, ќе тргнат, ќе го земат својот крст и ќе Го последуваат. А колку повеќе луѓе има на Небото отколку што нѐ има денес, во овој миг, овде на земјата! Нивните души живеат со Христа. Во Него е вистината, во Него е вистинскиот живот. А ние, христијаните, ја имаме богооткриената вера, богооткриената вистина, и нашата одговорност е огромна, возљубени. Затоа се празниците: да се потсетуваме на големите историски дела и собитија за нашето спасение, но и да знаеме дека Господ е тука, дека Светиот Дух благодатно обитува во Црквата и дека сите ние сме учесници во сѐ она што стана заради нашето спасение. Учесници сме преку нашата слободна волја, предавајќи Му се на Христа. А потоа, тука е и светата Литургија, на која се осветуваме и потполно се соединуваме со Христа преку Неговото Тело и Неговата Крв.

Затоа, мили мои, потсетувајте се секојдневно на Крстот Христов. Знаете, Крстот треба да го имаме на ум секој ден. Стануваме наутро и што правиме најнапред? Се прекрстуваме и почнуваме да кажуваме молитви. Така и навечер: пред да легнеме, се прекрстуваме, и со Крстот легнуваме. Крстот ќе нѐ придружува низ целиот живот. Така и започна нашиот живот – со крштението. Со светото крштение започнува нашиот живот во Христа. На грчки, светото крштение се вика βάπτισμα, од глаголот βαπτίζω (вапти´зо) – ’потопувам‘. Влегуваме во водата: умира стариот човек и воскреснува новиот. Се погребавме, значи, со Него преку крштението во смртта, та, како што Христос воскресна од мртвите преку славата на Отецот, така и ние да одиме во обновен живот.[33] Сите други народи ова свето таинство го викаат според грчкиот збор – баптизам, потопување. А ние, Словените, во јазикот што ни го осветија светите Браќа Кирил и Методиј, големи богослови и просветлени луѓе, потопувањето во Христа го нарекуваме крштение – и во тој збор се слуша Крстот.[34] Оти, влегувајќи во верата, ти стануваш еден Христов крст, еден сведок на вистината – крст што оди.

Значи, да не заборавиме да го носиме Христовиот Крст, кој нѐ води кон Воскресението, зашто преку Крстот дојде радост на целиот свет. Така и по сите наши маки во овој живот – не заборавајте – доаѓа радоста. А на крајот, кога ќе го оставиме овој живот со нашето тело, животот ќе продолжи во вечноста, ќе продолжи со радост и со воскресение, во Христа Господа. Нему нека Му е слава и похвала во сите векови. Амин!


[1] Ерусалим паднал во рацете на Персијците во мај 614 г., во времето на шахот Хозрој II (590–628). Чесниот Крст, заедно со патријархот Захарија и мноштво заробеници, бил однесен во Персија – според повеќето истражувачи, во сасанидската престолнина Ктесифон, јужно од денешен Багдад (Ирак). Види: Антиох Стратег, Пленувањето на Ерусалим, англ. прев. F. C. Conybeare, „Antiochus Strategos’ Account of the Sack of Jerusalem in A.D. 614“, English Historical Review 25 (1910), 502–517; Chronicon Paschale, ad a. 614, ed. L. Dindorf, Bonnae 1832, 704 ; Теофан Исповедник, Хронографија, AM 6106, ed. C. de Boor, т. I, Lipsiae 1883, 300–301.

[2] На Првиот вселенски собор (Никеја, 325 г.) биле составени првите седум члена на Символот на верата; Символот бил довршен на Вториот вселенски собор (Цариград, 381 г.). Види: J. N. D. Kelly, Early Christian Creeds, 3rd ed., London 1972, гл. VII и X.

[3] Св. Макариј I, епископ Ерусалимски (ок. 314 – ок. 333), е меѓу потписниците на Никејскиот собор. Самиот Собор, со својот 7. канон, ѝ оддава посебна чест на Ерусалимската катедра: „Бидејќи преовладал обичајот и древното предание епископот во Елија да биде почитуван, нека ја има последователноста на честа…“ (Елија – Aelia Capitolina, римското име на Ерусалим). Види: Γ. Ράλλης – Μ. Ποτλής, Σύνταγμα τῶν θείων καὶ ἱερῶν κανόνων, т. II, Ἀθῆναι 1852, 131.

[4] Разговорот на Соборот го пренесува подоцнежното житијно предание (сп. Св. Димитриј Ростовски, Жития святых, 14 септември). Историски е посведочено писмото на царот Константин до Макариј, со кое тој наредува над откриениот Гроб Господов да се подигне величествен храм: Евсевиј Кесариски, Животот на Константин III, 25–32, ed. F. Winkelmann, GCS, Berlin 1975, 94–99 ; англ. прев. Av. Cameron – S. G. Hall, Eusebius: Life of Constantine, Oxford 1999, 132–136.

[5] Поклоничкото патување на света Елена се датира ок. 326–328 г., кога таа веќе била во длабока старост. Евсевиј ја опишува нејзината дарежливост кон војниците, сиромасите и храмовите (Животот на Константин III, 41–47, особено 44–45).

[6] По задушувањето на востанието на Бар Кохба (135 г.), Хадријан го обновил Ерусалим како римска колонија Aelia Capitolina, а над местото на Гробот подигнал светилиште на Афродита (Венера): Евсевиј, Животот на Константин III, 26 (ed. Winkelmann, стр. 94–95); св. Јероним, Писмо 58, 3 (PL 22, кол. 581).

[7] Преданието за Јуда, наречен по крштението Киријак (грч. Κυριακός — „Господов“), е зачувано во грчки, латински и сириски верзии од V век. Види: H. J. W. Drijvers – J. W. Drijvers, The Finding of the True Cross: The Judas Kyriakos Legend in Syriac, CSCO 565, Subsidia 93, Lovanii 1997. Созомен ја познава приказната за Евреин кој местото го дознал од семејни записи наследени од татко си, но се дистанцира од неа: Црковна историја II, 1 (PG 67, кол. 929–932).

[8]Археолошките истражувања покажуваат дека теренот на денешниот Храм на Воскресението во I век бил напуштен каменолом од варовник надвор од градските ѕидини, со гробови издлабени во карпата — во согласност со евангелското сведоштво дека Христос пострада надвор од портата (Евр. 13:12) и дека гробот бил во градина, близу до местото на распнувањето (Јн. 19:41). Види: S. Gibson – J. E. Taylor, Beneath the Church of the Holy Sepulchre, Jerusalem: The Archaeology and Early History of Traditional Golgotha, London 1994.

[9] Види: Мт. 27:57–60; Јн. 19:38–42.

[10] Од ова предание потекнува обичајот Чесниот Крст на празникот да се кити со босилек, кој потоа им се раздава на верните за благослов.

[11] Руфин Аквилејски, Црковна историја X, 7–8 (PL 21, кол. 475–477 ); Сократ Схоластик, Црковна историја I, 17 (PG 67, кол. 117–121 ); Теодорит Кирски, Црковна историја I, 18 (PG 82, кол. 960 ).

[12] Созомен, Црковна историја II, 1 (PG 67, кол. 932); истото чудо е во средиштето на преданието за Јуда Киријак (Drijvers – Drijvers, The Finding of the True Cross, нав. дело).

[13] Црквата го прославува како свештеномаченик Киријак, епископ Ерусалимски, кој пострадал во времето на Јулијан Отстапник (спомен: 28 октомври/10 ноември).

[14] Датумот на празникот е поврзан со осветувањето на Константиновите храмови на Голгота и над Гробот Господов (13 септември 335 г.), по кое следниот ден Чесниот Крст бил свечено изнесен и издигнат пред народот. Поклоничката Егерија (кон крајот на IV век) сведочи дека денот на осветувањето се празнувал како ден на пронаоѓањето на Крстот: Itinerarium 48, 1–2, ed. P. Maraval, SC 296, Paris 1982, 314–317.

[15] Сократ Схоластик, Црковна историја I, 17 (PG 67, кол. 120): едниот дел од Крстот, во сребрен ковчег, бил оставен во Ерусалим, а другиот бил испратен кај царот, кој го вградил во својата статуа на порфирниот столб на Константиновиот форум; клинците биле вградени во царскиот шлем и во уздата на неговиот коњ. Сп. Руфин, Црковна историја X, 8.

[16] Според Типикот, по Големото славословие на Утрината, архиерејот (или свештеникот) пет пати го издигнува Крстот – почнувајќи и завршувајќи кон исток – додека народот пее „Господи, помилуј“ по сто пати при секое издигнување. Види: Минеј за септември, 14 септември, Утрена; Γ. Βιολάκης, Τυπικὸν τῆς τοῦ Χριστοῦ Μεγάλης Ἐκκλησίας, Κωνσταντινούπολις 1888, 14 септември.

[17] Во битката кај Ниниве (12 декември 627 г.). По соборувањето и убиството на Хозрој II (февруари 628 г.), неговиот син Кавад II Широј склучил мир со Ираклиј и се обврзал да ги врати освоените области, заробениците и Чесниот Крст. Види: W. E. Kaegi, Heraclius, Emperor of Byzantium, Cambridge 2003, стр. 156–191.

[18] Традиционалниот датум на враќањето на Крстот во Ерусалим е 21 март 630 г. Дел од истражувачите, следејќи го Антиох Стратег, го датираат на 21 март 629 г., а К. Цукерман претпоставува дури две свечени враќања (629 и 630 г.). Изворите: Теофан Исповедник, Хронографија, AM 6120, ed. de Boor, т. I, 327–328 (англ. прев. C. Mango – R. Scott, The Chronicle of Theophanes Confessor, Oxford 1997, стр. 458–459); Никифор Цариградски, Кратка историја 18, ed. C. Mango, CFHB 13, Washington 1990, 66–67; Себеос, Историја 41, прев. R. W. Thomson – J. Howard-Johnston, TTH 31, Liverpool 1999, т. I, 90–91. Литература: N. H. Baynes, „The Restoration of the Cross at Jerusalem“, English Historical Review 27 (1912), стр. 287–299; J. W. Drijvers, „Heraclius and the Restitutio Crucis: Notes on Symbolism and Ideology“, во: G. J. Reinink – B. H. Stolte (ed.), The Reign of Heraclius (610–641): Crisis and Confrontation, Leuven 2002, 175–190; C. Zuckerman, „Heraclius and the Return of the Holy Cross“, Travaux et Mémoires 17 (2013), 197–218.

[19] Приказната за царот кого невидлива сила го запрела пред портата ја нема кај византиските историчари од VII–IX век; таа прв пат е посведочена во латинскиот спис Reversio Sanctae Crucis (VIII–IX век), а потоа влегла во житијните и синаксарните зборници на Истокот и на Западот. Види: S. Borgehammar, „Heraclius Learns Humility: Two Early Latin Accounts Composed for the Celebration of Exaltatio Crucis“, Millennium 6 (2009), 145–201.

[20] Евр. 13:12.

[21] Фил. 2:8.

[22] 1. Кор. 1:18.

[23] На аналавот на великата (ангелска) схима се извезени Крстот Господов и орудијата на Христовите страдања.

[24] В. Гал. 3:27.

[25] Мт. 16:24.

[26] Мт. 11:29–30.

[27] Мт. 26:39.

[28] Лк. 22:43.

[29] Шестиот вселенски собор (Цариград, 680–681 г.) исповеда во Христа две природни волји, при што човечката волја „не се противи, туку ја следи и ѝ се покорува на Неговата божествена и сесилна волја“: Орос на Соборот, J. D. Mansi, Sacrorum conciliorum nova et amplissima collectio, т. XI, Florentiae 1765, кол. 637. За Гетсиманската молитва види: Свети Максим Исповедник, Богословски и полемички списи 6 (PG 91, кол. 65–68).

[30]„Откако го видовме Воскресението Христово…“ – песна на неделната Утрена по читањето на воскресното Евангелие (Октоих), која се пее и во пасхалниот период.

[31] в. 1. Мојс. 6–9.

[32] Мт. 22:14.

[33] Рим. 6:4.

[34] Словенскиот глагол крьстити и именката крьщениѥ се посведочени уште во кирилометодиевските преводи (на пр. Мк. 1:4: крьщениѥ покаꙗниꙗ). Јазикословците ги изведуваат од името Христово (преку старовисокогерманското Krist), од каде што потекнува и именката крьстъ – крст; така, во словенскиот збор „крштение“ се слушаат и Христовото име и Крстот. Види: М. Фасмер, Этимологический словарь русского языка, т. II, Москва 1967, 369–370 (s.v. крест, крестить).