Патријаршиско послание за почетокот на Црковната година и молитвеното чествување за зачувување на природната средина

† В А Р Т О Л О М Е Ј

ПО МИЛОСТА БОЖЈА

АРХИЕПИСКОП КОНСТАНТИНОПОЛСКИ – НОВ РИМ

И ВСЕЛЕНСКИ ПАТРИЈАРХ

ДО СЕТА ПОЛНОТА НА ЦРКВАТА

БЛАГОДАТ, МИР И МИЛОСТ

ОТКАЈ СОЗДАТЕЛОТ НА СЕТА ТВАР,

ГОСПОДА И БОГА И СПАСИТЕЛОТ НАШ ИСУСА ХРИСТА

Високопреосвештени и боговозљубени браќа архијереи и благословени чеда во Господа,

Според благодатта на Бога, Дарителот на секое добро, денес влегуваме во новата црковна година, чествувајќи го и празнувајќи го, при нејзиниот почеток, со псалми, химни и духовни песни, „Денот на молитва за заштита на природната средина“.

Многудимензионалната современа еколошка криза е криза на човековата слобода, на неговата религија и философија, на неговиот етос и култура. Најнапред настапува „лошото изменување“ на нашата слобода – нашето откинување и отуѓување од Изворот на Животот – а потоа следува однесувањето погубно за природната средина. Чувствуваме длабока благодарност поради фактот што пионерските иницијативи и заложби на Вселенската Патријаршија, непрекинато од 1989 година до денес, не само што ги открија духовните димензии на еколошкиот проблем, туку отворија и нови патишта и перспективи за негово надминување. Еколошките собири, соодветните меѓухристијански и меѓурелигиски дијалози, конкретните предлози на Великата Црква во врска со прашањата за животната средина, укажувањето на општествените димензии и последици од еколошката криза и други слични дејствувања, сочинуваат една силна еколошка визија, со нагласување на неодложната потреба од „коперникански пресврт“ во разбирањето на идејата за напредокот и во односот на човештвото кон природата, како и во начинот на дејствување на чинителите во политичкиот, економскиот и општествениот живот, на Црквите и религиите, на науката и технологијата и во образованието на младата генерација.

Ќе продолжиме, со дело и со збор, да ја истакнуваме еколошката визија на Светата Христова Велика Црква и природољубивиот динамизам на евхаристискиот, подвижничкиот и славословниот однос кон созданието, секогаш нагласувајќи дека е потребна темелна богословска работа за разјаснување на автентичната еколошка порака на нашата православна вера и Предание, за доброто на „многу доброто“ создание.

Уверени сме дека истакнувањето на религиските и етичките димензии на еколошката закана ќе доведе до осознавање на клучното значење на „еколошката одговорност“. Конечно, човекот мора да престане да дејствува како да не знае и еднаш засекогаш да ја отфрли заблудата дека планетата Земја може бесконечно да ги поднесува оптоварувањата и разорувањата предизвикани од човекот, или дека природата има моќ самата од себе да се обновува. Етосот на одговорноста за заштита на природната средина треба да се изразува на глобално, национално, локално и лично ниво. Повторно нагласуваме дека развивањето на еколошката одговорност претставува „категорички императив“ за човештвото пред најголемата закана со која тоа било повикано да се соочи во целиот тек на својата историја.

Сосема е очигледно дека, сè додека владејачки антрополошки образец останува „безумниот богаташ“ од Евангелието (Лука 12,17–21), со неговите зборови: „Ќе ги урнам амбарите свои и ќе соѕидам поголеми, и таму ќе го соберам сето свое жито и сите свои добра“, и: „Душо, имаш многу добра, приготвени за многу години; почивај, јади, пиј и весели се“, човештвото ја поткопува сопствената иднина и го уништува сопствениот „дом“. „Гревовите на модерноста“ создадоа, и продолжуваат да создаваат, нови поделби и раскини меѓу човекот и природата. Современиот „човекобог“ упорно продолжува со геоцидот, не почитувајќи никаква мера и никакви граници во името на геополитичките планови и економските интереси, на консумеризмот и задоволувањето на, во суштина, ненаситните потреби, но и, на едно подлабоко рамниште, поради внатрешните пресврти во доживувањето и во системот на вредности. Последиците од глобалната доминација на волјата за манипулирање, инструментализирање и експлоатирање на природата ќе бидат трагични за животот на нашата планета.

Сè поширокото прифаќање и официјалното востановување на 1 септември од страна на христијанскиот свет како Ден за заштита на природната средина денес добива особено значење како символ и практично унапредување на единството на христијаните. Освен тоа, славословењето на „Создателот на сета твар“ при почетокот на Индиктот во нашето литургиско Предание претставува скапоцено наследство, како повик и поттик за почитување на созданието, кое ги трпи последиците од недоличниот напад врз него предизвикан од човекот.

Најчесни браќа и највозљубени чеда,

Почитувањето на основните столбови на еколошката цивилизација може да ги запре еколошки разорните тенденции и да го отвори „единствениот еколошки пат“ на одржливиот развој. Пошироко гледано, на човештвото му е потребна согласност околу едно јадро од заеднички темелни вредности, кое, во свет исполнет со судири и поларизации, ќе служи како компас на патот кон иднината. Како оска на овој вредносен систем го сметаме начелото на солидарноста, како извор на споделена одговорност, дијалог и искрена заемност, заедно со колективната одговорност за заштита на природната средина. И практичното почитување на светоста на човечката личност и грижата за целосноста на созданието, од христијанска гледна точка, претставуваат суштински изрази на евхаристиското остварување на Црквата и на повикот на човекот да стане „свештеник“ на созданието.

Во овој дух, молејќи се новата црковна година да биде благопријатна и плодородна со добри и богоугодни дела, ја призиваме врз сите вас, по молитвите и посредништвото на Пресвета Богородица Себлажена, чијашто пресвета икона благоговејно ја чуваме во Сечесниот Патријаршиски храм и ја целиваме „со уста, со срце и со волја“, благодатта и милоста на Господа и Бога и Спасителот наш Исус Христос, Чие пресвето име нека биде благословено и прославено, сега и секогаш и во бескрајните векови. Амин!

1 септември 2026 година
Константинополски Вартоломеј
Ваш усрден молитвеник пред Бога