Воздвижение на Крстот, воздигнување на душите

Денешниот празничен ден, манастирскиот двор во Рајчица беше претесен за множествата поклоници на Чесниот Крст, за сите оние души кои ја познале и ја возљубиле неговата животворна и благодатна сила. Од сите страни притекнаа верни, жедни за Христа, луѓе кои го избрале искачувањето кон Него преку смирението во подножјето на Неговиот Крст, за да му се поклонат на славното орудие на победата и, пред сè, во светата Евхаристија да се соединат со Оној Кој на него доброволно го предаде Своето пречисто тело на страдање и смрт, та преку Крстот да ни го отвори патот кон Воскресението.

Исполнета со оваа небесна радост и со молитвено треперење, Божествената Евхаристија стана жив извор од кој изобилно се излеваше благодатната сила на Распнатиот и Воскреснатиот Христос. Со празничното литургиско торжество чиноначалствуваше нашиот Старец, епископот Антаниски г. Партениј, опкружен со свештенослужителите и со верниот народ собран околу Чашата Господова.

А кога дојде свештениот миг на Воздвижението, Старецот го зеде во своите раце Чесниот Крст – прекрасниот Бигорски реликвијар во кој е вградено драгоцено парче од самото Животворно Дрво Господово – и, воздигнувајќи го над собраниот народ, како сите да нè поведе мислено кон Голгота: кон она страшно и преславно место каде што човечката омраза се судри со бескрајната Божја љубов, каде што смртта беше победена со смрт и каде што Крстот, од орудие на срамот, стана знамение на победата и врата кон Воскресението.

Така, Рајчичката свештена обител уште еднаш соборно ја посведочи неисцрпната сила на Крстот Христов и воскресенската радост што преку него му се дарува на светот. А таа радост нашиот највозљубен татко и владика ја преточи и во своето вдахновено архипастирско слово, излевајќи утеха, надеж и божествена мудрост во жедните срца на верните и повикувајќи ги сите Крстот да не го носиме само како знак, туку да го живееме како пат – пат на љубовта, саможртвата и воскресението.