Архијерејска Литургија за благословен почеток на постот

Како што Литургиската година го започнува, својот круг осветлена од зраците на Крстот кој победнички се издигнува, најавувајќи го Крстовденското торжество, и го носи во себе залогот на спасението наше сокриен во Рождеството на Богородица, така и завршува во слава на Христовото Крсно Знамение и во радосно празнување на Богомајката, чие преселување од животот ја потврди победата над смртта. Еве сме на крајот од уште едно литургиско патување и пред нас се исправа Чесното Дрво, за одново, со сладоста што извира од него да ни го заслади подвигот на постот, што со огромна љубов во нашите срца го започнуваме во спомен на Божјата но и наша возљубена Мајка. Стои на средината од храмот потсетувајќи нè на времето кога бил носен низ свештените улици на Константинопол,  осветувајќи го воздухот со своето присуство и носејќи им здравје на сите што со вера му се поклонуваат. Така верниот народ на силната Византиска Империја го одбележувал споменот од големата победа на православната војска над варварите. Каква прекрасна литија било тоа! Трите делови од големата светиња биле изнесувани од царската палата и свечено поставувани во боголепниот храм Света Софија, од каде го започнувале своето благоухано патување сè додека не ја осенеле со својата сила целата византиска престолнина.

Сега неговата живоносна сила го озарува свештениот Бигорски храм, и во срцата на монасите буди топли чувства на синовска почит кон Онаа Која со мајчинска болка стоеше во подножјето негово, не можејќи да го поднесе неправедното страдање на Својот Син. Таму, во подножјето на Крстот, Таа ја прими на себе грижата за сите нас, примајќи го сиот свет во љубовта на своето нежно мајчинско срце. До самиот Свој блажен крај пребиваше во безмерно воздржание и непрестајна молитва, не за себе, оти целиот живот го помина во чистота, туку за нас, Нејзините чеда што до крај ги возљуби. Затоа верните срца со љубов го прегрнуваат овој пост во Нејзина чест, трудејќи се да го подражаваат Нејзиниот посен подвиг кој ги обновува духовните сили и ја привлекува Божјата неизмерна милост и добрина кон нас, поттикната од моќното мајчинско застапништво.

За нашите монашки обители нема поубав благослов за угоден почеток на Богородичниот пост од светата Архиерејска Литургија, отслужена пред лицето на Чесното Дрво, од нашиот највозљубен владика и Бигорски Старец, Антанискиот епископ Партениј. Спокоен во молитвената закрила на Небесната Царица, тој на сите присутни им ја пренесе сладоста од тоа прекрасно молитвено заедничарење со најмилостивата Мајка на нашиот Бог. Такво е татковското срце кое сака секоја своја радост да ја сподели со љубените чеда. А белег на таа неискажлива духовна љубов што го поврзува чедото со својот грижлив родител беа и свечените архиерејски одежди со кои нашиот владика ја отслужи Литургијата, дар на дел од неговите чеда од Скопје и Битола.

Нека ни е благословен и угоден на Бога овој свет Богородичен пост.