Прва архиерејска Литургија на Епископот Антаниски Партениј во Обителта на Победоносецот

Пречистата Владичица и наша небесна Заштитничка, го испрати денес својот благослов и над Свештената Рајчичка Обител, утврдувајќи го сестринството и присутните верни со благодатни сили за духовни подвизи во постот, преку свечената архиерејска Литургија, отслужена од нивниот старец и владика, Антанискиот Епископ Партениј. Голема беше радоста на присутните во храмот на Победоносецот, што се удостоија да ја примат благодатта од првата архиерејска Литургија на нашиот Старец, отслужена во овој свет храм. Вдахновен од пораката на евангелското четиво, Епископот Партениј ги сподели со присутните своите внатрешни созерцанија за двете различни духовни состојби на човекот, илустрирани во настанот на Преображението Христово:

Мили мои, денешното свето Евангелие ни прераскажа за чудото што нашиот Спасител, Господ Исус Христос, го извршил после Негово чудесно Преображение на гората Тавор. Расказот започна со зборовите: Во она време, кога дојдоа при народот…, упатувајќи на времето кога Он, заедно со Неговите тројца ученици Петар, Јаков и Јован, се симнале од Таворската гора при народот, каде ги очекувале останатите ученици и еден очаен татко со неговиот бесомачен син.

Светото Преображение Господово, коешто ќе го славиме за некој ден, литургиски е поместено да се празнува токму во Богородичниот пост, иако хронолошки, тоа се случило непосредно пред Господ Исус да пострада на Голгота. Тогаш Он, на чудесен начин се преобразил пред Своите тројца ученици, покажувајќи им дел од Неговата Божествена слава што ја има на Небесата, заедно со Бог Отецот и Бог Светиот Дух. Имено, како што дознаваме од евангелските сведоштва, во мигот на Преображението, Христос заблескал како сонце. Неговата облека станала светла како снег. Од Неговата десна и лева страна се појавиле двајца старозоватени пророци, Мојсеј и Илија, со кои Он разговарал пред очите на Своите ученици. Целта на Преобразувањето Христово, била, меѓу другото, да ги утврди учениците во верата во Синот Божји пред страшните настани и страданијата што следеле, да им покаже каква е Неговата слава на Небесата, како и да им посведочи колку е убаво за човекот да биде во Божјата близина и светлина. Затоа Петар, гледајќи ја таа необична преобразба, извикал: Господи, добро ни е да бидеме овде; ако сакаш ќе направам тука три сеници: една за Тебе, една за Мојсеј и една за Илија (Матеј 17,4). Едноставно, не сакал воопшто да си замине, затоа што му било многу убаво. Почувствувал вистинска радост, неизречива сладост, каква што претходно никогаш не беше вкусил. Со еден збор, Апостолите го почувствувале Рајот, кој претставува, всушност, една силна духовна состојба од заедницата со Бога.

Епископ Партениј, Игумен Бигорски

Слегувајќи, меѓутоа, од Тавор по Преображението, Христос и апостолската тројка среќаваат човек, еден несреќен татко, чиј син страдал од мрачна демоноопседнатост. Страдалниот татко барал помош насекаде, вклучително и кај Апостолите, кои Го очекувале Својот Учител. Но, сѐ било напразно, никој не можел да му помогне и да го излекува син му. Најпосле, тој во своето очајание, Му се обратил и на Христа: Господи, смилувај се на мојот син, зашто при нова месечина го напаѓа зол дух и се мачи многу; често паѓа во оган и често – во вода; го одведов кај Твоите ученици, но тие не можеа да го излекуваат. Тогаш Господ, разобличувајќи го неверието, извикал: О, роде безверен и развратен! До кога ќе бидам со вас? До кога ќе ве трпам? (Матеј 17,15-17) Ова е единствен случај во Евангелието каде Господ се обраќа со овие зборови кон родот човечки. Ама не затоа што не го сака и не може да го поднесе, туку затоа што не сака да поверува, да пости и да се моли. За љубовта на Христа кон човекот доволно е показателството што Тој на повеќе места во Своето Евангелие се нарекува Себеси Син Човечки. И тоа го прави со полна љубов и достоинство. На таткото, пак, кој му се обратил со неверие или слабоверие: ако можеш, смилувај се над нас и помогни ни! – Он Му одговорил: Ако можеш да поверуваш – сè е можно за оној што верува! Тогаш таткото ја исповедал својата слаба вера: Верувам, Господи, помогни му на моето неверие! (Марко 9,22-24) Накрај, единствениот Човекољубец го исцелил момчето целосно.

Почнавме од Преображението, а завршивме со човечкото неверие. Два сосема спротивставени настани, а би рекол и состојби. Од една страна го имаме блесокот на Божјата убавина, разговорот од вечноста, неописливата духовна наслада што ги скокоткала срцата на тројца Апостоли, светкавицата на невечерната радост и нетление, а од друга – неверието, болката, очајот, агонијата. Со еден збор: рајот и пеколот, кои, впрочем, се духовни состојби што душата започнува да ги живее уште одовде. Во првиот случај имаме состојба слична на онаа во Едем, во првобитниот Рај на Земјата, каде човекот беше во хармонична заедница со Бога, а оттаму и во неискажлива радост и светлина. Но, злоупотребувајќи ја слободната волја, која е дар на безусловната љубов Божја, човекот самоволно се лиши од таа богоблажена клима и ја претвори во страшна пеколна бура, како во вториот случај. Така, со оваа евангелска споредба на двете спротивставени реалности, Господ ни укажува дека од нашиот избор, од нашата вера и љубов во Него, зависи која состојба ќе ја живееме. Ќе го бараме ли Царството Небесно, ќе го оприсутниме ли во нашиот живот тоа што се случувало на Тавор, ќе ја чувствуваме ли Божјата несоздадена енергија и ќе се радуваме на таа љубов, ширејќи ја околу нас нејзината светлина, или ќе тапкаме во мрачниот круг на неверието, безнадежноста и омразата…

Таворското собитие на некој невидлив, благодатен начин се повторува на секоја Литургија. Кога соодветно се подготвуваме, со подвиг, воздржание, молитва и добри дела во името на Бога, кога сосредоточено внимаваме на Светата Литургија, чувствуваме спокој во срцето, мир во помислите, оддишка на целото наше битие. Тогаш нашето срце го чувствува присуството Божјо, љубејќи ги истовремено и ближните со кои заедничари од истото Тело и истата Крв Христова. Еве, сега уште малку, на оваа Литургија, на ова свето собрание, ќе започне канонот на светата Евхаристија. Ѓаконот ќе нѐ повика со зборовите: „Да застанеме добро, да стоиме со страв, да внимаваме, светиот принос во мир да го принесеме“ – и ќе започне Божественото преобразување на лебот и виното што ги принесуваме, во Тело и Крв Христови. Таворската светлина и благодат повторно ќе бидат присутни во храмот. Кога, сепак, завршува Светата Литургија и ние се враќаме во нашите домови, се соочуваме со проблемите што произлегуваат од болестите, презирот, егоизмот, осаменоста, од нашите страсти, и тогаш копнееме уште повеќе по атмосферата на Божествената Литургија и посакуваме да сме во неа.

Во нашето секојдневие најчесто присутно е искуството од разните тешкотии и искушенија, додека поретки се миговите кога нашата душа го доживува искуството од Тавор. Дај Боже тој сооднос да се промени во полза на Таворската благодат, на Царството Божјо, та духот на Светата Литургија да биде тој што секогаш ќе го насочува нашиот живот. Но, за тоа да се случи, неопходни ни се верата, борбата против страстите и егоизмот, изразена преку постот, молитвата и добрите дела кон другите, и најважно од сѐ – копнежот да се биде постојано со Бога.

Мили мои, изборот е наш: ќе копнееме ли по Христа, сакајќи да Го спознаеме, да се допреме до Неговата нестворена енергија, да бидеме озарени од светлината на Неговата безмерна љубов, постанувајќи и самите светлина за другите, или ќе тргнеме по мракот на овој свет, по желбите на страстите коишто нѐ потопуваат, по гордоста и алчноста, кои бездруго ќе нѐ одведат до состојбата на бесомачноста и пеколот. Бог нека ни дава сили на разумот, што е особено важно, та да посакаме и со разум и со срце да тргнеме по вистинскиот пат, по оној на светлината, на Преображението, така што и ние да повторуваме со Апостолите: Господи, добро ни е да бидеме овде!

Да сте живи и здрави!