Втора недела пред Рождеството Христово

Откако не сакавте да му се поклоните на ликот направен со рака, а заштитени од неискажливото присуство на Бога, трижблажени, со подвигот во огнот се прославивте и стоејќи среде неподносливиот оган, Го призивавте Бога: Побрзај, Штедре, и како Милостив напомош дојди ни, бидејќи можеш да направиш сѐ што ќе посакаш.

Кондак на празникот

Се наближува Рождеството Христово. Срцата на Христијаните се веќе свртени кон Витлеем. Се подготвуваат да Го пречекаат својот Спасител: „Христос се раѓа – славете! Христос од небесата – пресретнете Го!“ – нѐ повикува Црквата со своите прекрасни химни. Истовремено, денес црковниот собор го слави и чествува споменот на Светите Праотци на Господа, праведниот Авраам и неговите потомци, до Пречистата Дева Марија, од Којашто се роди Господ Исус Христос. Помеѓу нив посебно место заземаат оние коишто живееле со крајно послушание кон Бога и со непоклатна вера во Неговите ветувања, какви што биле, на пример, Исаак, Јаков, Мојсеј, пророк Даниил во јамата со лавовите, Трите момчиња во разгорената печка во Вавилон и толку многу други, коишто, како што забележува Свети Апостол Павле, преку вера победија царства, вршеа правда, добија ветувања, затворија усти на лавови; угаснаа огнена сила, ја избегнаа острицата на мечот, од немоќни станаа крепки, станаа силни во војна, прогонија туѓи војски; жени примија свои умрени воскреснати; други, пак, беа мачени и не примија ослободување, за да добијат подобро воскресение; а други поднесоа подигрување и камшикување, па дури и окови и затвор; со камења беа убивани, со пила сечени, на искушенија подложувани, умираа убивани со меч, скитаа во овчи и козји кожи, во сиромаштија, во маки, во срам – тие, за кои светот беше недостоен скитаа по пустини, по ридови, по пештери и земни бездни (Евр. 11,33-38).

„Имајќи го нивниот пример“, ќе забележи нашиот старец и игумен, Епископот г. Партениј, „да оставиме и ние зад нас секакво маловерие и храбро да поитаме по патот што нѐ води кон Христа, нашата вечна веселба и радост. Денес, за жал, дури и кај посветените Христијани се забележува една несреќна појава, една нецелосна доверба во Божјата промисла. Не Го прифаќаме целосно Христа, не Му дозволуваме доволно Он да нѐ води. Повеќе чекаме работите да се наместат како што сакаме ние, а не како што предвидува Божјото провидение. Но, не треба тоа така да биде. Потребно и спасително за нас е целосно да се предадеме во рацете Божји. Тогаш Он ќе уреди што треба да се случи со нас, ќе нѐ радува и постојано ќе нѐ благословува. Ве молам, браќа мои, да се трудиме да веруваме вистински, да се трудиме да бидеме дејствително Христови. Тогаш ќе го привлечеме Неговиот благослов врз нас и врз луѓето околу нас…“

Во чест и спомен на Светите Праотци, денес нашиот старец и владика, Епископот г. Партениј, отслужи Божествена Литургија, во сослужение со браќата јеромонаси и јероѓакони, навестувајќи ни го претстојното Рождественско торжество.