Навечерие на Свети Георгиј во Рајчица

Во радоста на пасхалното ликување во Светлата Седмица, сестринството на бигорскиот метох во Рајчица, Манастирот посветен на Светиот Великомаченик Георгиј Победоносец, го прослави богодолично навечерието на споменот на својот небесен заштитник. На празничната вечерна богослужба, на која архијерејски претстоеше нашиот сакан старец и владика, Епископот г. Партениј, молитвено беа сплотени браќата и сестрите од нашите манастири и притекнатите верници.

Вечерната богослужба за споменот на славниот Великомаченик и Христов Победоносец беше силно вдахновение, за нашиот Старец да ги преточи своите созерцанија и размисли во пригодна беседа:

Собрани сме вечерва, мили мои, за да му благодариме на великиот Христов военоначалник и великомаченик, светиот и славен Георгиј Победоносец. Воин, но воин којшто ја извојувал својата најславна победа со сопствената крв – крвта на мачеништвото – следејќи Го верно својот Спасител Господ Исус Христос, жртвеното Јагне за светот. Свети Георгиј извојувал победа над злото, давајќи го преку маченички подвиг својот живот, и соучествувајќи така во Победата на Христовиот Крст – во големиот триумф над смртта и гревот.

Која била силата што го придвижувала и охрабрила младиот Свети Георгиј да го положи својот живот во борбата на доброто над злото? Се разбира, Неговата непоклатна вера во светлото Христово Воскресение, коешто го прави и него и сите Маченици и Светии толку живо присутни помеѓу нас. Како послушен и верен војник на вечниот Цар Христос, тој ги знаел Неговите зборови со кои на Своите следбеници им ветил маки: Во светот ќе имате маки, но и завршетокот на ова ветување, кое го најавува конечниот триумф: но не плашете се, зашто Јас го победив светот (Јован 16,33). Затоа, сите Маченици што пострадале за Христа телесно, како и сите Светии што страдале за Него секојдневно, се најголемите, непобитни сведоци дека Гробот на Исуса во Ерусалим се изпразни со Божествената сила на Воскресението. И до денес тој празен Гроб ја осветлува вселената со воскресенската светлина и со тивката радост што произлегува од него им дава надеж на сите Христијанин.

Светиот Великомаченик Георгиј, нашиот славеник, останал докрај со вера во Воскресението. А Господ Исус за таквите во Евангелието вели: Но вие сте оние што издржавте со Мене во Моите напасти, и Јас ви ветувам, како што Ми вети Мојот Отец: Царство (Лука 22,28-29). Значи, тој и сите Маченици и Светци се наоѓаат во воспоставеното од Бога Царство, коешто е и нашата последна одредница и цел.

Вечерва голем впечаток ми остави прокименот после входот. Оваа Седмица, патем, наречена Светла поради сесветлото Воскресение, според литургиската еклисиологија и теологија се смета како еден ден, Осмиот ден на Царството Божјо. Во текот на овие дена се пее и се служи истото пасхално богослужение како и во Неделата на Велигден. Денес на тоа богослужение ги додадовме и стихирите на Свети Георгиј, заради честа на неговиот голем спомен. Сепак, како и секоја вечер така и сега се пееше т.н. голем прокимен, којшто се состои од припев и стихови од псалмите. Денешниот прокимен на величествениот седми глас гласеше: Внуши, Боже, молитву мою и не презри моления моегоЧуј ја, Боже, молитвата моја и не го презирај молењето мое (Пс. 54,1). Ова се зборови на човек што длабоко ја чувствувал богооставеноста; човек кој веројатно се наоѓал во голема молитвена агонија, барајќи го лицето Божјо. Царот Давид живеел со покајанието и дишел со љубовта кон Бога, па затоа и добил вдахновение да ги напише прекрасните стихови на псалмите, натопени со вистинско покајание и богољубие. Гледаме, значи, дека старозаветните праведници, кои како луѓе паѓале и се каеле, биле потиштувани од една голема болка, од тагата поради смртта. Сите тие знаеле дека ќе одат во несреќното место на смртта, во мрачниот ад, или на еврејски шеол. Затоа со толкав копнеж Го очекувале Спасителот и Избавителот од смртта. Со воплотувањето на Синот Божји, Неговото распетие и Воскресението од мртвите, царството на смртта се разруши. За ова со трогателност и исчекување пророкувале древните пророци, а царот Давид, како еден од највдахновените боготајници меѓи нив, пророкува за Христа, како со Негови зборови упатени кон Бога Отецот: Ти нема да ми ја оставиш душата Моја во пеколот, ниту, пак, Светецот Твој да види распаѓање (Пс. 16,10). Пророк Давид проѕрел со своето чисто срце дека Месијата ќе ја уништи власта на адот и ќе ги воскресне оттаму сите мртовци. Сетете се колку убаво е тоа прикажано на иконата Слегување во адот, на која Христос со Своите раце цврсто ги држи рацете на Адам и Ева и ги подигнува од распадливоста и од смртта, кон Неговото воспоставено Царство.

Нешто слично на денешниот прокимен во кој се чувствува таа богооставеност, изустил и Господ Христос од Крстот. Имено, Он, Кој од преголема и несфатлива љубов кон човекот и Самиот стана човек и се нарече Син Човечки, од името на сето човештво, од Адама па до последниот човек, изговори од Крстот повторно еден Давидов псалм. Познати се од Евангелието Неговите последни зборови, меѓу кои и следниве: Боже Мој, Боже Мој, зошто Ме остави? (Матеј 27,46; Марко 15,34) Станува збор, всушност, за 21 псалм, во кој е излеана сета душевна болка поради богооставеноста. Спасителот го кажува овој псалм како човек, од името на сето човештво, но не во смисла дека Бог го оставил човекот, туку обратно. Зашто невозможно е за Оној Кој неискажливо ги љуби луѓето, а и од љубов ги создаде, да ги остави Своите рожби да тагуваат. Напротив, ние Го оставаме Бога и следствено се исполнуваме со неподнослива горчина и тага. Проблемот на богооставеноста е внатре во нас.

Колку често се случува да се најдеме во некоја голема беда и искушенија, па дури тогаш да се сетиме на Бога и да повикаме: Боже, те молам слушни ме! Ме слушаш ли? Каде си? Зошто не ми помагаш? И понекогаш навистина како да нема одговор. Затоа што Го забораваме, затоа што не живееме со Него и за Него. Кога ни е убаво, вкотвени во сопствениот комфор, веднаш Го забораваме Бога, а се сеќаваме на Него само кога ни е потребен за наша лична полза, за задоволување на нашиот егоизам. А Он е секојдневно со нас, во секој миг се сеќава на нас, бдее над нас ноќе и дење, и над нас и над сиот свет. За возврат сака да Му кажеме само едно: Господи, помилуј ме. Христе мој, Те љубам! Прости ми. Слава Ти! Запрашајте се дали го кажувате тоа барем еднаш во текот на денот. Сигурен сум дека има многу денови во кои Го забораваме со срцето свое.

Да Му благодариме, мили мои, на воскреснатиот Христос и на сите Негови сведоци низ историјата до денес, кои го прават присутно Неговото Воскресение меѓу нас. Црквата има безброј чудесни сведоци. Ако некој се сомнева во Воскресението Христово, нека ги погледне тие прекрасни Христови сведоци како Свети Георгиј. Во првите три века Црквата извојувала најголема победа, единствена во светот, победа каква што немала ниедна друга религија, философија, движење и револуција. Извојувала победа не со пролевање крв, туку преку пролеаната крв на Мачениците. Христијаните биле убивани без никого да убијат, за накрај со љубов да го победат и преобразат дури и императорот на големата Римска Империја, кој станал Христијанин. Тоа е Христијанството: да освојувам преку љубовта на Распнатиот на Крстот. Оти,  што беше Неговото доаѓање на земјава, ако не манифестација на Неговата огромна, неизмерна љубов кон човештвото? Што беше Неговиот крст, ако не љубов? И накрај – врвот на Неговата љубов: славното и сесветло Воскресение, со кое сите до ден денес нè прегрнува. Затоа, да не заборавиме дека и ние, собраните овде, и сите Христијани надвор, треба да бидеме сведоци на Воскресението во нашето време, кога на човештвото особено му е потребна светлината од Светата Пасха, која единствено дава смисла на животот и радост во душите. Секој што го носи Христовото име е повикан да сведочи за Него, да помогне што повеќе души да ја најдат смислата на своето суштествување овде на земјата.

Христос воскресе!