Спомен на Солунскиот Мироточив Чудотворец

О, велики Христов воину и маченику храбар, погледни на луѓето православни и поитај на помош! Излеј ни го мирото на храброста твоја и победи го горделивецот непријател кој нѐ мами со прелеста своја, за слободно да си Го прегрнеме Христа во Дух и Вистина света. Радувај се маченику Димитрие, храброст на Црквата наша!

Во овој неделен ден Бигорскиот храм се исполни со слава од невечерната светлина на Христовото Воскресение и од благодатта на Светиот Великомаченик Димитриј, Христовиот непобедлив воин, кој засветли со маченичкиот подвиг во градот Солун и се прослави на духовното небо. Благодатни бранови на милост и љубов Божја ги облија присутните во Претечевиот дом и радувајќи се, торжествуваа со песни и химни воскресни, победнички, срдечно собрани околу својот духовен татко и старец, игумен и архиереј, Епископот Антаниски г. Партениј, кој како посветен мистагог, со неговата Христољубива душа, ни овозможи вистински да ги доживееме великите и чудесни настани на Воскресението и на маченичкиот подвиг на Солунскиот Мироточец. Торжественото бдение кое започна во Навечерието беше крунисано со Божествена Литургија на која чиноначалствуше нашиот Старец. Силното присуство на Великомаченикот преку неговите мошти и благомирисното миро, нѐ исполни со неискажлива радост, благородни чувства и длабока благодарност кон Младоженецот Христа, Кој нѐ удостои и ние да земеме удел во таа небесна радост. Светиот Великомаченик прободен во реброто како нашиот Спасител на Голгота, ја обои Црквата со својата скапоцена крв како со најубави украси и мириси и ја збогати, оставајќи ни прекрасен пример за вера непоколеблива, надеж сигурна и љубов неизглаголива. Сето создание нека се радува за својот силен заштитник и посредник пред Бога, Христоносниот Димитриј. Несфатлива за нас е неговата брзина во услишувањето на молитвите, чудесна е неговата утешителна посета во страданијата, чудесни се и безбројни исцеленијата кои преку него ни доаѓаат и за секоја наша болка телесна и душевна. Ете зошто толку симфонично и громогласно оддекнуваа срдечните гласови на сите присутни низ духоносните стихови испеани во чест на овој Великомаченик. Нека светиот нѐ поткрепи во секојдневниот монашки подвиг на бескрвно мачеништво, храбро да го изодиме патот, верата да ја сочуваме, за да го добиеме венецот на победата од Подвигоположникот Христа радувајќи се на Воскресението заедно со светиот Великомаченик во веки, Амин!