Сослужение во Манастирот на Света Параскева во Мази, близу Атина

Не би можеле да ги премолчиме доброчинствата и милостите што Троичниот, Трисвет Бог наш, Отецот, Синот и Светиот Дух, постојано и штедро ни ги излева, дарувајќи ни радост и живот во полнота во Неговото сесвето и семоќно Име. Он непрестајно ги исполнува нашите срца со синовска благодарност, нѐ облекува во облека на ликување и духовно веселие. Ја воспеваме Неговата непобедлива и неодолива сила, која се пројавува особено преку Неговите достојни и чисти садови – Неговите Светии. Светиите Божји се автентични сведоци на Божјата љубов и наши вистински пријатели, кои ни носат благоухание од вечноста, од убавината и славата во Божјата близина, па преку нив и ние добиваме полза голема.

Така, на денот на својот сечесен спомен, 25/26 јули, славната Преподобномаченица Параскева Римска, со благослов на нашиот почитуван и Високопреосветен Митрополит Дебарско-кичевски г. Тимотеј, ни приреди изобилна духовна гозба во нејзината Света и Свештена Обител во месноста Мази, во Мегара, во близина на грчката престолнина Атина. Самата таа, преку своите верни слуги и големи нејзини љубители, Митрополитот Адријанополски г. Амфилохиј и Игуменот Архимандрит г. Хризостом, нѐ повика и нѐ удостои да се поклониме на нејзините чесни мошти и да служиме во нејзиниот свет, патријаршиски и ставропигијален манастир, кој за миг стана средоточие на илјадници верен народ, дојдени да ѝ оддадат чест и да ја помолат за своите потреби. Преподобномаченицата нѐ прими најтоплосрдечно, давајќи ни да вкусиме од духовната убавина и да ја почувствуваме сигурната заштита со која го закрилува ова свештено место. Восхитувачки беше братскиот пречек, широкосрдечното гостопримство и смиреното и ревносно служење на браќата монаси, со нивниот свет Игумен г. Хризостом и со Високопреосветениот Митрополит Адријанополски г. Амфилохиј – наш особено драг пријател, искрен почитувач на Охридската Архиепископија и посветен борец за нејзиното прифаќање во единство со православниот свет. Светогорскиот типик и предание, како и пожртвуваниот подвиг во љубовта на браќата во Манастирот беа вистински сведок на живото присуство на благодатта и застапништвото на Пресветата наша Царица Богородица.

Во духот на гостољубието и единството во Христа, нашиот Старец и Игумен, Епископот Антаниски г. Партениј, беше пречекан и примен со голема радост и почести. Најнапред, нему му беше дадена честа да изврши водосвет на самиот почеток од празничното торжеството на манастирската слава. Потем беше пречекан претставникот од Вселенската Патријаршија, почитуваниот и Високопреосветен Митрополит Лаодикиски г. Теодорит, кој ни го пренесе благословот и молитвите на Сесветиот Вселенски Патријарх г. г. Вартоломеј. Утредента тој чиноначалствуваше на Божествената Литургија, во сослужение со домаќинот, Митрополитот Адријанополски г. Амфилохиј, со нашиот сакан Старец, Епископот Антаниски г. Партениј и со бројни архимандрити, игумени, свештенослужители од Вселенската Патријаршија, од православната Црква на Грција, како и од други земји во светот.. Соборната молитва и богослужение на грчки, црковнословенски и македонски јазик, антифоното византиско пеење на браќата од нашата Бигорска Обител и од Обителта на Преподобната Параскева беше потврда дека во Христа Исуса не постојат поделби и предности, туку дека љубовта Божја е таа што исполнува сѐ и која колку повеќе се разделува, толку повеќе се умножува.

Во своето празнично обраќање, почитуваниот и свет Игумен на Обителта, Архимандритот г. Хризостом, ја истакна, меѓу другото, и благотворната улога на Неговата Сесветост Вселенскиот Патријарх г. г. Вартоломеј, во запазувањето и јакнењето на соборноста и единството на православната Црква:

Во рамките на соборноста што ја поседува Вселенската Патријаршија, таа помирува и прегрнува народи, племиња и јазици, луѓе од секој род и секоја раса, но секогаш, како што честопати вели Сесветиот Патријарх, луѓе со добра волја.

Така, исклучителен благослов вечерва за нас е тоа што меѓу нас се наоѓа Преосвештениот Антаниски Епископ г. Партениј, од најсветата Охридска Архиепископија – Црквата што Вселенската Патријаршија ја прегрна, како што и требаше според евангелското слово, и ја прими во бедрата на светата православна Црква. Како игумен на прочуената и многу славна Обител на Чесниот Претеча – Бигорски, тој допатува заедно со својата придружба, со своите браќа, кои, како што слушнавме, се добро ускладени псалти. Тие дојдоа за да земат учество во нашиот празник и во радоста на Света Параскева и да примат и благодат врз благодат.

Старецот на Обителта нагласи колку важно е послушанието во Црквата и дека тоа е, всушност, темелот на кој таа се крепи. Како пример за тоа ни ги наведе зборовите на блаженоупокоениот Старец Георгиј Григоријатски:

Во денот кога станав игумен во 2001 година, по упокојувањето на блажениот и свет наш Старец Дамаскин, во близина се најде блаженоупокоениот Игумен на Манастирот Григоријат, отец Георгиј Капсанис. Дојде значи тука, ги виде браќата и им рече: ‘Отци, што и да посакате и што и да направите, Бог е со игуменот отсега па натаму. Него го слуша, па макар тој да направил грешка. Оти доколку го слуша мислењето на секого, нема да биде ништо’.

За значењето и борбата на Вселенскиот Патријарх за православната соборност говореше и почитуваниот Митрополит Лаодикиски г. Теодорит. Меѓу другото, тој подвлече:

Возљубени мои браќа, како што кажа почитуваниот и мој возљубен игумен на оваа Света Обител, отец Хризостом, ја имам честа и радоста да ја претставувам Неговата Божествена Сесветост, Вселенскиот Патријарх г. г. Вартоломеј. Ние Патријархот го живееме одблизу и го вреднуваме објективно. Цели триесет години тој преставува едно светло присуство во светот. Тој е патријарх кој ја отвори својата прегратка и го прегрна сиот свет. Слушнавте дека вечерва помеѓу нас ги имаме нашите браќа од Охридската Архиепископија. Тоа е навистина дело на љубовта, на промислата, на грижата и на заштитата на православната Црква од страна на Вселенскиот Патријарх.

На почитуваниот и Преосветен Епископ Антаниски г. Партениј и на отците од Охридската Архиепископија им посакуваме добредојде и се радуваме што по педесетина години страдање повторно се наоѓаме прегрнати заедно. Радувајте се и веселете се, браќа мои и посакувам Светата Параскева да ви подари духовна светлина на сите вас.

Тој, исто така, поучно говореше за автентичноста на христијанското живеење:

Христијаните денес треба да сме искрени. Затоа што општествово нè суди строго и луѓето кога гледа дека не сме вистинити и дека немаме духовен идентитет и живот, се огорчуваат и се разочаруваат. Затоа, почитувани браќа и сестри, вие сте благословени што доаѓате во манастирот, и во овој и во сите други светилишта на нашата вера. Затоа што, навистина, во манастирите се чува светлината Христова, се чува живо преданието на нашата Црква и се разбира, среде тие смирени отци честопати наоѓаме спокој за нашите души.

Духот и атмосферата на празничното веселие беше вистински одмор за душата, наслада од взаемната братска љубов и единство, кои беа овенчани преку заедничарењето во единствената Чаша на Телото и Крвта Христови, преку кои стануваме едно тело и една душа во Христа Исуса, нашиот Господ, Кому нека Му е слава и поклонение, заедно со Неговиот беспочетен Отец и со Пресветиот и добар Дух Утешител, во веки веков. Амин.