Соборот на Сите Светии соборно прославен во Бигорски

Првата недела по слегувањето на Светиот Дух во денот на Педесетницата го славиме споменот на сите Светии, мажи и жени, кои Му угодиле на Бога со својот живот. Тие го зеле својот животен крст и тргнале по Христа, по Патот, Вистината и Животот и преку благодатта на Светиот Дух го здобиле Царството Небесно и вечниот живот, во радоста на својот Господ.

Иако сега се прославуваат на Небесата и на Земјата, сепак нивниот живот, секој во различна мера, бил живот на страдание, подвизи, трудови, трпение и смирение. Тие се најголемите добротвори на човештвото, по примерот на најголемиот Добротвор, Спасителот Господ Исус Христос. Оставиле сѐ заради Бога, а се оставиле и себеси заради Него. Се смалувале себеси, за Тој да живее во нив и преку нив. Преку нив се излевала и се излева Божјата милост и љубов кон родот човечки, воскреснувајќи го од гревот, страстите и смртта духовна.

Во радоста на соборот на сите Светии, во Бигорската Свештена Обител преку светата Евхаристија, со којашто тајноводеше нашиот возљубен старец и игумен, Епископ Антаниски г. Партениј, благодаревме за неискажливиот дар Божји, благодатта на Светиот Дух кој ја излеа и ја излева секојдневно на нас, исполнувајќи нѐ со радост и живот и соединувајќи нѐ во нераскинлива љубов.

По молитвите Господи на сите Светии и на Богородица твојот мир дај ни го и помилуј нѐ како единствен штедар!