Недела по Воздвижение на Чесниот Крст

Великиот Господов празник Воздвижение на Чесниот Крст, најсветиот симбол на нашата вера, или поскоро речено, самиот живот на нашата вера, сè уште ја озарува празничната атмосфера на Црквата. Затоа денешното неделно Евангелие се однесува повторно на Крстот. Во него, Спасителот Господ Исус Христос вели: Кој сака да врви по Мене, нека се одрече од себе, и нека го земе крстот свој и нека оди по Мене. Зашто, кој сака да го спаси својот живот, ќе го загуби; а кој го загуби животот свој заради Мене и Евангелието, тој ќе го спаси. Зашто каква полза има човек, ако го придобие целиот свет, а на душата своја и напакости? Или каков откуп ќе даде човек за својата душа? (Марко 8,34-37) Овие зборови Господ им ги упатува на Своите следбеници непосредно пред Неговото Преображение на Тавор. Значи, пред да им ја покаже Својата Божествена природа на учениците, Он најпрвин им ја открива теологијата на Крстот.

Кој сака да врви по Мене, нека се одрече од себе, и нека го земе крстот свој и нека оди по Мене, за да најде живот вечен. Он ни ја остава оваа спасителна порака, бидејќи и Самиот доброволно го понесе Крстот Свој, искачувајќи се до страшната Голгота, за да се жртвува за нашето спасение и да ни подари воскресение.

Самоодрекувањето е основен услов за некој да биде прифатен како Христов ученик. Вистина е дека повикот за самоодрекување е во најмала рака чуден – ако не и неразбирлива – за современиот човек, кој се навикнал да живее во удопства, да ја следи својата цел, да ги остварува своите индивидуални желби и да се бори исклучиво за својот личен интерес.

Да се ​​„одречеш од себеси“ значи да се одречеш заради Христа од гревовната волја, од нашите себични и егоистични пориви, од незаконските желби на нашето срце. Свети Василиј Велики во својата беседа за овој ден многу кратко пишува дека самоодрекувањето е „целосно заборавање на минатото и отстапување од сопствената волја“, односно да ги заборавиме сосема нашите гревовни навики и да се отуѓиме од лошите желби на срцето. Со други зборови, ние сме повикани да се одрекуваме понекогаш од својата волја, да престанеме да живееме егоцентрично. Според тоа како секојдневно се молиме во Господовата молитва: „Нека биде волјата Твоја“, (а не мојата). Самоодрекување значи да го тргнеме своето себство од центарот на вниманието. Самите доброволно да го избришеме, за во средишното место на нашето срце да се всели Христос.

Нашиот Старец, Епископот Антаниски г. Партениј, тој смирен поклоник на чесниот и животворен Крст Христов, кој секојдневно со благодарност го носи својот личен крст, и несебично и неуморно ни помага и на сите нам во носењето на нашите животни крстови, денеска отслужи Божествена Евхаристија во Бигорската Обител, славословејќи Го распнатиот Воскресител на нашите души и тела, Господ Исус Христос.