(Видео) Светиот и Велик Четврток – раѓање на великата Тајна

Кога славните ученици, при миењето на нозете на Вечерата, се просветлуваа, тогаш злочестивоот Јуда, болен од среброљубие, се помрачуваше и на беззаконите судии, Тебе – праведниот судија – Те предава. Душо среброљубива, гледај каде оди да се обеси таква душа; одврати се од среброљубието на Јуда, кој се осмели да Му направи такви работи на Својот Учител; Господи, Кој си добар за сите, Слава Ти!

(Тропар на Велики Четврток)

Неизмерната љубов Божја денес нѐ прави сведоци, учесници и причесници на едно величествено собитие – Тајната Вечера. Таинство на Евхаристијата, таинство на нашето соединување со Него. Денес умот наш се пренесува во тоа духовно пространство и прави напори да продре во великата тајна на Божјото снисходење и да го разбере прекрасниот венец, исплетен со смирение, со кој е украсен нашиот Долготрпелив Господ, Кој ги преклонува колената Свои за нозете на апостолите да им ги измие. Таинство на љубовта, во која удел земаат смирените ученици и збунети од она што пред нив се случува, со солзи ги примаат зборовите на Господа, Кој кротко им вели: „Нова заповед ви давам, да се љубите еден со друг; како Јас што ве возљубив, така и вие да се љубите еден со друг“ (Јован 13,34). О, големо и недостижно таинство на соединување на земните со Небесниот, на смртните со Бесмртниот, на душата човечка со вечноста. Со нас е Бог, во нас е вечноста! Но кој ќе ги разбере чудесата Твои, Боже?! Кој може да ги испита судовите Твои?! Оти, велиме дека знаеме многу нешта, но природата на она што Ти го поднесе заради нас е тајна сокриена уште од пред вековите, што само на смирените по срце им се открива. Неискажливо е Твоето долготрпение, Христе, Ти никого не презираш и отфрлаш, туку дури и предавникот што лицето на злото си го открива, од овој залог за живот вечен не го лишуваш! Богатство неискажливо, дозволуваш да бидеш продаден евтино; во рацете на беззакониците се предаваш и надумното смирение Твое ни го откриваш. Не! Не може умот да ја разбере љубовта, не може да ја смести во себе, оти обожен не е.

Тајната вечера

Ова чудесно собрание, извршено некогаш во Ерусалим, е жива сцена која постојано пред нашите очи се одигрува. Особено денес, особено во овој миг, кога душата човечка разбира колку е возљубена, со Кого се причестува, со Кого се соединува. „Бдејте и молете се, за да не паднете во искушенија!“ – ни се обраќа Самиот Господ и нѐ потсетува дека среде сите испитанија на нашата вера, усрдната молитва ни излева свештена утеха, поткрепувајќи нѐ во копнежот да одиме заедно со Него во пресрет на страдањата и смртта.

Одговарајќи на овој длабок повик на Црквата, Бигорското Светилиште, со своето монашко семејство предводено од Старецот наш, Архимандрит Партениј, кој со насолзени очи ја служеше великата Тајна, пиејќи од чашата на вечноста, најнепосредно ја доживеа големата благодат од соединувањето со Христа. Утврдени во иста вера и соединети во едносуштна љубов кон Бога, потонати во молитви и во сострадална болка заради Страданијата Негови, помазани со елејот од Неговиот Дух осветен, срцата на сите едногласно во умиление пееја:

„Ти, Кој ми го даваш телото за храна, волно, си оган, недостојни што гори, не гори ме немој, Создателе мој благ и навлези во сите членови мои… Изгори ги трњето на гревовите, душата очисти ја и помислата… Ти целиот приковај ме во Твојот страв, покривај ме секогаш, пази и чувај од секакво дело, слово душегубно. Очисти ме, измиј ме, устрој ме цел, украси ме, вразуми и просвети ме, покажи ме дом единствено на Духот, да не бидам веќе на гревови дом, та како од Твој храм по причеста света, да бега ко од оган злото и страста“.

Слава, Христе на Твоето неискажливо милосрдие!